Почетна » Мисија и визија » Стратешки план 2021-2025


С Т Р А Т Е Г И С К И  П Л А Н

2021 – 2025

ПРЕДГОВОР 

Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ се приближува до својот триесетгодишен јубилеј. Организацијата, безмалку врсник на независната македонска држава, влегува во фазата на зрелост.

Да се обезбеди одржливост на една организација во нашево немирно и непредвидливо окружување е голем предизвик. МЕЃАШИ покажа дека е можно. Јасната визија, желбата да се одговори на променливите потреби на корисниците, споделените вредности, храброста, подготвеноста да се преземе ризик и посветеноста да се остварат целите, професионалноста и тимскиот дух и’ овозможија на организацијата секоја пречка да ја престори во можност, после секое забавување да забрза, од секој пад да стане посилна. Всушност, МЕЃАШИ докажа дека и во вакви услови една организација може константно да напредува и да се развива.

Денеска, МЕЃАШИ е синоним за правата и добробитта на децата кај нас. Со години, таа е една од организациите што граѓаните најмногу ја препознаваат и во коja имаат највисока доверба. Бројни граѓански организации, мрежи, јавни институции, медиуми и компании од земјава и од странство препознаваат доверлив партнер во нас. Многумина ни велат „вие сте институција“.

Тоа не’ охрабрува дека сме на добар пат и ни дава сила да продолжиме напред, водени од нашата визија: Поправеден свет за секое дете.

 

Мисијата на МЕЃАШИ е да ги застапува и заштитува правата на децата, да поттикнува одговорно родителство и почит на детската личност, да го зајакнува граѓанското движење за правата на децата, детското учество и да се залага за функционалност на институциите во најдобар интерес на детето. МЕЃАШИ го промовира мировното образование, развивајќи активно граѓанство засновано на принципот на ненасилство и ги негува различностите и еднаквите можности за сите.

 

Со нашата работа сакаме да придонесеме за остварување на следните долгорочни цели:

-          почитување, заштита и унапредување на правата на детето со посебен акцент на детското учество,

-          унапредување на културата на мир и ненасилство,

-          зајакнување на граѓанската и општествената мобилизација за добробит на децата,

-          градење функционални институции кои постапуваат во најдобар интерес на детето и

-          МЕЃАШИ е проактивна и одржлива oрганизација, заснована на јасни вредности и способна да нуди решенија и да иницира промени.

 

Овие долгорочни определби ни даваа стабилност да одолееме на надворешните влијанија овие речиси 30 години и да ги јакнеме нашите корисници – децата.

Триесет години се една значајна животна етапа. Еден цел работен век. Претстојниот јубилеј не’ потсетува дека е време и за смена на генерациите во МЕЃАШИ. Овој план посочува како организацијата да продолжи по патот на напредокот и развојот.

Сигурни сме дека ќе успее. Зашто „сите идеали на светот се побезначајни од солзите на едно дете“.

 

ВОВЕД

Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ (во натамошниот текст: МЕЃАШИ) го изработи овој, четврти по ред од постоењето на организацијата, Стратегиски план за периодот од 2021 до 2025 година во услови на светска пандемија на ковид-19. Од една страна, појавата и ширењето на ковид-19 силно укажува на непредвидливоста на окружувањето и ја нагласува потребата од флексибилност и прилагодливост на организацијата. Од друга, пандемијата наметна ограничувања во поглед на обезбедувањето партиципативност во стратегиското планирање, барем во смисла на традиционалната непосредна физичка интеракција на вклучените чинители.

Стратегискиот план 2021-2015 претставува надградба на искуството и експертизата на МЕЃАШИ и е заснован на оценка на спроведувањето на Стратегискиот план 2016-2020. Оценката беше направена преку интерни дискусии на вработените и претставници на управните тела, вклучени во спроведувањето на претходниот план.

Клучните елементи на овој план беа утврдени на тридневна работилница во октомври 2020 година, фацилитирана од надворешен консултант и со учество на сите вработени во организацијата. Појдовна точка беше анализата на окружувањето и на организациската состојба. Беше посветено внимание на фактот дека во текот на следниот период се очекува „смена на генерациите“ во раководството, со оглед дека тројца од раководството ќе заминат во пензија, вклучувајќи ги двајцата основачи.

По формулирањето на нацрт-планот, преку електронска комуникација, финалниот предлог беше утврден во консултација со вработените и членовите на управните тела, со што се обезбеди планот да стане усогласена платформа на натамошно синергетско делување на клучните чинители во МЕЃАШИ.

 

Повеќе..