Почетна » Активности » Новогодишни честитки


Новогодишни честитки

 

Водени од минатогодишната доверба која ни ја искажавте, и оваа година решивме да Ви ги понудиме нашите Новогодишни честитки.

 

И оваа година можеме да Ви понудиме оригинални мотиви кои ги изработија децата од Детските работилници – Габриела, Даниела, Ана, Емилија , Дарко , Идриз и Нена. Доплнителните мотиви ги изработија Росе, Стефи, Илија, Александар и Марко.Нашите честитки се автентични на детскиот цртеж и се плод на детската фантазија, со минимална дообработка.

Зошто ни е потребна Вашата помош

Не секогаш се добива шанса со мал гест да направиме добро, а Вашата поддршка за Првата детска амбасада во светот - Меѓаши со купувањето на овие Новогодишни честитки е токму таков гест и е навистина посебен подарок.

 Како што знаете, Првата детска амбасада во светот – Меѓаши веќе 14 години им помага на децата. Ние се обврзавме дека ќе се залагаме за почитување на Конвенцијата на детските права во 1992 година, и одтогаш наваму правиме сé што можеме за да се зачува и применува духот на Конвенцијата и во Република Македонија.

Тоа го правиме преку бесплатниот СОС телефон за деца и млади 0800 1 22 22, преку нашата бесплатна Правна служба која веднаш реагира доколку се забележи кршење на правата на детето, отворивме Кризен центар во кој 5 години живееја 4 семејства –бегалци од конфликтот во 2001 година, им помагаме на децата кои го напуштиле домот за деца без родители или дом-семејството по 18. година, отворивме Детски работилници за децата да имаат можност на креативен начин да го поминуваат своето слободно време, и уште многу, многу други активности на кои се посветивме во изминативе 14 години.

 Ние не се плашиме да се вклучиме онаму каде е потребно, да ги сослушаме и да разговараме со децата на нашиот СОС телефон за деца и млади, на кој досега имаше повеќе од 16.000 јавувања или да ги вклучиме во нашите Детски работилници во кои досега се вклучија повеќе од 1.500 деца чии родители се корисници на социјална помош.

И токму затоа ни е потребна Вашата помош. Ако ги подобриме капацитетите на СОС телефонот 0800 1 2222 и на Детските работилници, ќе можеме да овозможиме побрза и поефикасна услуга на уште повеќе деца.