Почетна » Активности » Апели, обраќања, барања, повици


Обраќање до институциите и пошироката јавност во врска со состојбата со Ковид – 19 и улогата на сите чинители во општеството

 По повод новите мерки на Владата и Министерството за здравство во врска со спречување на ширењето на корона вирусот (КОВИД-19) што се однесуваат на целокупното население и здравствено социјалното живеење, а директно или индиректно се рефлектираат врз децата изразуваме загриженост.

Загрижени сме заради тековните случувања поврзани со пандемијата (енормно зголемен број на нови позитивни случаи) и укажуваме на повеќе работи за коишто сметаме дека итно треба да се мобилизираме сите, вклучително јавните институции, политичките чинители, компаниите, граѓаните и граѓанските организации.

Се соочуваме со првите знаци дека здравствениот системот целосно ќе колабира и покрај сите напори кои здравствените работници ги вложуваат со месеци. Да наброиме само неколку загрижувачки работи од информациите што ги добиваме во последниот период од граѓаните:

•             се заоструваат критериумите за хоспитализација на болните лица, станува речиси невозможно болно лице да биде хоспитализирано иако е во лоша состојба се додека состојбата драстично не се влоши;

•             во детските оддели од болниците во иста просторија се прегледуваат деца за кои постои сомнеж дека се заразени со Ковид-19 и деца дојдени од други причини;

•             на телефоните во болничките оддели и на телефоните на кои се закажуваат тестирањата никој не одговара;

•             луѓе од потесниот семеен круг на заболенитe укажуваат дека не добиваат известување за самоизолација ниту насока како треба да се однесуваат, дали треба да се тестираат итн.

•             до детската амбасада Меѓаши постојано пристигаат барања за помош и донации од медицинскиот персонал, при што досега најчесто беа барања за донација на заштитна опрема, маски и скафандери, но пристигна и барање за волонтерска помош, што особено не загрижува.

•             недоволен скрининг на населението, вклучително и наставници од основните училишта и учителките во градинките е причина за голем број позитивни случаи и изолација, карантин на децата (цели одделенија и групи) и наставниците. Зошто родителите на децата до десетгодишна возраст не се ослободат од работа, а да се затворат градинките?

•             ненавремено дијагностицирање на нови позитивни пациенти на корона вирусот, поради одложувањето на тестирањето од недостаток на термини за истото.

•             Граѓаните кои биле во контакт со заразено лице со Ковид-19 и се потенцијално заразени може да направат теститрање во јавно здравство, но трошоците нема да бидат покриени од здравственото осигурување туку приватно треба да платат за истото од каде реузлтати ќе добијат за неколку дена. Додека ако чекаат симптоми ќе може да го направат тестирањето откако ќе им се влоши состојбата без надокнада односно истото ќе биде покриено од здравственото осигурување и резутати ќе добијат за една недела.

•             децата и младите се во фокусот само како преносители на вирусот, недостасуваат информации за заканите врз нивната здравствена состојба. Недостасуваат информации за бројот на позитивни случаи на деца заразени со Ковид-19, ниту вкупен, ниту на дневна основа. Недостасуваат информации за сместувачките капацитети за хоспитализација на децата што се позитивни, дали има доволен стручен тим посветен само за децата или одговорностите на здравствените работници се и за возрасни и за деца во исто време. Дали децата и еден родител добиваат решение за изолација при контакт на децата со заболен во градинките и училиштата?

•             дали приватните болници размислуваат за воведување на бесплатни тестови за ранливи категории граѓани и деца во насока на придонес кон зачувување на јавното здравје?

Потребно е итно делување на сите во општеството, тргнувајќи пред се од Владата во насока на мобилизирање на сите ресурси и поставување на здравството како приоритет, вклучително и заострување на мерките. Граѓанските организации следејќи ги потребите на нивните целни групи и приватниот сектор исто така да се мобилизираат и вклучат најактивно што можат, но и што се случува севкупно во општеството за да можат најсоодветно да постапуваат, да пренаменуваат средства и директно да помагаат каде е потребно. Во овие кризни моменти потребата од здружување и заедничко делување е клучно.

Апелот до надлежните институции  меѓу другото, е и да:

-              да дадат поголема подршка и соодветни услови за работа на здравствените работници вклучително доволно човечки ресурси и доволно заштитна опрема за да не се доведуваат до ситуација самите да ја набавуваат истата

-              препознаат дека сега е соодветно време за префрлање и на децата до трето одделение на онлајн настава и затворање на градинките, а родителите на децата до десет годишна возраст да се ослободат од работа

-              хронично болните лица да се ослободат од работа, за да се намали бројот на ризични потенцијални пациенти

-              сменско работење или работа од дома на администрацијата што е препорачана мерка да се практикува во институциите

Додека меѓу нас има граѓани/ки кои се уште не веруваат дека вирусот Ковид -19 постои или пак не го сметаат за сериозен и се однесуваат несовесно, секој ден сме сведоци на покачување на бројките на новозаразени.

Право на секој поединец/поединка е да има свои убедувања но, не смее да се дозволи да се однесува несовесно кога се доведува во прашање сопственото здравје, здравјето на членовите на семејството и пошироко, здравјето на целото општество.

Постојано укажуваме на нефункционалноста на системот, но да не заборавиме дека ние граѓаните/ките со нашето однесување, почитување на препораките од Комисијата за заразни болести и Владата, грижа едни за други и емпатичност придонесуваме кон подобрување или влошување на севкупната ситуација.

Веруваме дека сите заедно можеме да го надминеме овој тежок период со помалку последици било од здравствен, психолошки, економски и социјален аспект.