Почетна » Права на детето » Конвенција за забрана и елиминација на најлошите видови детски труд


КОНВЕНЦИЈА ЗА ЗАБРАНА И ЕЛИМИНАЦИЈА НА НАЈЛОШИТЕ ВИДОВИ ДЕТСКИ ТРУД



Конвенција 182
Меѓународна конференција на трудот
87. седница
Женева, јуни 1999

Општата Конференција на Меѓународната организација на трудот која беше свикана во Женева од Управниот одбор на Меѓународната канцеларија на трудот, на својата 87. седница, одржана на 1 јуни 1999 беше поттикната од потребата за усвојување нови инструменти за забрана на најлошите видови детски труд и елиминација на најлошите видови детски труд. Како главен приоритет за националната и меѓународната акција, вклучувајки ја меѓународната соработка и помош, ги истакна Конвенцијата и Препораката кои се однесуваат на минималната возраст за вработување, 1973 кои остануваат основни инструменти за детски труд.

Имајќи предвид дека ефектната елиминација на најлошите видови детски труд бара итна и решителна акција, имајќи ја предвид важноста на слободното основно образование и потребата да се отстранат децата од секаков вид труд и да се овозможи нивната рехабилитација и општествена интеграција додека се пресретнуваат потребите на нивните семејства, имајќи ја предвид резолуцијата што се однесува на елиминирањето на детскиот труд усвоена од Меѓународната конференција на трудот на нејзината 83-та седница во 1996 и признавајќи дека детскиот труд, во повеќето случаи, е предизвикан од сиромаштијата и дека долгорочното решение лежи во солидниот економски пораст кој води до општествен развој, до олеснување на сиромаштијата и до универзално образование, со оглед на Конвенцијата за правата на детето усвоена од Генералното Собрание на Обединетите Нации на 20 ноември 1989, со оглед на Декларацијата на МОТ за основните принципи и права на работата и на нејзиниот продолжеток, усвоена од Меѓународната конференција на трудот на нејзината 86. седница во 1998, со оглед на тоа дека некои од најлошите видови на трудот се покриени од други меѓународни инструменти, посебно со Конвенцијата за принудна работа од 1930 и од Дополнителната конвенција на Обединетите Нации за аболиција на ропството, трговијата со робови и институциите и активностите слични на ропството, во 1956, со определни решенија за усвојување на определени предлози во врска со детскиот труд кои се четврта точка на дневниот ред на оваа седница, со определба дека овие предлози ќе се изнесат во форма на меѓународна Конвенција, ја усвојува на овој седумнаесети ден во јуни, во годината илијада деветстотини деведестет и деветата следната Конвенција која може да се цитира како Конвенција за најлошите видови детски труд од 1999.

Член 1

Секој член што ќе ја ратификува оваа Конвенција треба да преземе итни и корисни мерки за да обезбеди забрана и елиминирање на најлошите видови детски труд.

Член 2

За целите на оваа Конвенција, изразот „дете“ се однесува за лица под осумнаесетгодишна возраст.

Член 3

За целите на оваа Конвенција изразот „најлошите видови детски труд“ се однесува на:
а) сите видови ропство или дејствија слични на ропство, како што се продавањето, трговијата со деца, должничкото ропство и кметство, присилната или принудната работа, вклучувајќи ја и присилната или принудната регрутација на децата во воените судири;
б) употребата, посредувањето или понудата на дете за проституција, за производство на порнографија или на порнографско изведување.
в) употребата, посредувањето или понудата на дете за противзаконска дејност, посебно за производство и трговија со дрога определени во меѓународните договори.
г) работа која по својата природа или околностите во кои е извршена, веројатно, ќе наштети на здравјето, на сигурноста или на моралот на децата.

Член 4

1. Сите видови труд истакнати во член 3, став г) ќе бидат определени од националното законодавство, со акти или од надлежните власти, по советувањето со заинтересираните организации за вработување и на вработените, земајќи ги предвид соодветните меѓународни стандарди, посебно параграфите 3 и 4 од Препораката за најлошите видови детски труд од 1999.

2. Надлежните власти, по советувањето со заинтересираните организации за вработување и на вработените ќе идентификуваат каде постојат соодветните видови труд.

3. Списокот на сите видови труд е дефиниран во став 1 од овој член и ќе биде периодично проверуван и ревидиран кога за тоа ќе се јави потреба, во консултација со заинтересираните организации за вработување и на вработените.

Член 5

Секој Член по советувањето со заинтересираните организации за вработување и на вработени мора да воспостави или определи соодветни механизми за набљудување на примената на одредбите на оваа Конвенција.

Член 6

1. Секој Член ќе подготви и ќе примени програми на дејствување за приоритетно елиминирање на најлошите видови детски труд.

2. Таквите програми на дејствување треба да бидат подготвени и применети во консултација со релевантните владини институции, со организациите за вработување и на вработените, соодветно земајќи ги предвид потребите и на другите заинтересирани групи.

Член 7

1. Секој Член ќе ги преземе сите неопходни мерки за да обезбеди ефективна примена на одредбите на Конвенцијата вклучувајќи ги одредбите и примената на казнени мерки или други соодветни казни.

2. Секој Член треба, земајќи ја предвид важноста на образованието за елиминирање на детскиот труд, да преземе корисни и трајни мерки како што се:
а) оневозможување на ангажирање на децата во најлошите видови детски труд;
б) овозможување на неопходна и соодветна директна помош во отстранување на децата од најлошите видови детски труд и нивна рехабилитација или социјална интеграција;
в) обезбедување пристап до бесплатното основно образование во кое е возможно и соодветно, професионално школување за сите деца отстранети од најлошите видови детски труд;
г) идентификување и пристап до децата во посебните ризици и
д) земање предвид на специфичната ситуација на девојчињата;

3. Секој Член треба да назначи компетентен авторитет одговорен за примената на одлуките на оваа Конвенција.

Член 8

Членовите треба да преземат соодветни чекори за меѓусебно помагање во примената на прописите на оваа Конвенција преку зголемена меѓународната соработка и/или помош вклучувајќи ја и поддршката за социјален и економски развој, програми за искоренување на сиромаштијата и недостигот на универзалното образование.

Член 9

Формалната ратификација на оваа Конвенција треба да биде испратена до Генералниот директор на Меѓународната канцеларија на трудот за регистрација.

Член 10

1. Оваа Конвенција е задолжителна само за оние членови на Меѓународната организација на трудот чии ратификации веќе биле регистрирани кај Генералниот директор на Меѓународната канцеларија на трудот.

2. Таа ќе стапи на сила 12 месеци од денот на кој ратификациите на два члена се веќе регистрирани кај Генералниот директор.

3. Оваа Конвенција стапува на сила за секој член 12 месеци од денот на регистрирањето на ратификацијата.

Член 11

1. Членот кој ја има ратификувано оваа Конвенција може да ја одбие по истек на рокот од 10 години од денот на кој Конвенцијата првпат стапила на сила, со акт упатен до Генералниот директор на Меѓународната канцеларија на трудот. Таквото откажување не треба да биде правосилно до една година од денот кога е регистрирано одбивањето.

2. Секој член кој ја има ратификувано Конвенцијата и кој, во следната година по истекувањето на рокот од десет години спомнат во претходниот став, не го исполнил своето право за одбивање на истата што е определено во овој член, ќе биде обврзан со истата за следниот период од десет години и, отпосле ќе може да ја откаже оваа Конвенција со истекот на секој следен период од десет години, под условите определени со овој член.

Член 12

1. Генералниот директор на Меѓународната канцеларија на трудот ќе ги извести сите Членови на Меѓународната организација на трудот за регистрацијата на сите ратификации и акти на одбивање испратени од ччленовите на Организацијата.

2. Кога ќе ги извести членовите на Организацијата за регистрацијата на втората ратификација, Генералниот директор ќе им го посочи, за Членовите на Организацијата, денот на кој Конвенцијата ќе стапи на сила.

Член 13

Генералниот директор на Меѓународната канцеларија на трудот ќе контактира со Генералниот секретар на Обединетите Нации, за регистрација во согласност со членот 102 од Повелбата на Обединетите Нации, со целосните податоци за сите ратификации и акти на откажување регистрирани од Генералниот директор, во согласност со одредбите на претходните членови.

Член 14

Во времето кога ќе увиди дека е потребно тоа да се земе предвид, Управниот одбор на Меѓународната канцеларија на трудот ќе поднесе, до Генералната конференција, извештај за дејствувањето на Конвенцијата и ќе ја провери потребата за делумна или за целосна ревизија на Конвенцијата, за да биде поставено како прашање на агендата на Конференцијата.

Член 15

1. Ако Конференцијата усвои нова Конвенција која во целост или делумно ќе ја ревидира оваа Конвенција, тогаш, ако новата Конвенција овозможува поинаку:
а) ратификувањето на новата ревидирана Конвенција од Член ќе вклучи ипсо јуре итно откажување на оваа Конвенција, не применувајќи ги одредбите на член 11, ако и кога новата ревидирана Конвенција ќе треба да стапи на сила;
б) од денот кога новата, ревидирана Конвенција ќе стапи на сила, оваа Конвенција ќе престане да биде предмет за ратификација од членовите.

2. Оваа Конвенција, во секој случај, ќе остане на сила во сегашната форма и состав за оние членови кои ја имаат ратификувано, но кои ја немаат и ратификувано ревидираната Конвенција.

Член 16

Еднакво значење имаат англиската и француската верзија на текстот на Конвенцијата.

Препорака 190

Меѓународна конференција на трудот, 87. седница, Женева, јуни 1999

Препорака што се однесува на забраната и на итното дејствување за елиминирање на најлошите видови детски труд усвоена од Конференцијата на нејзината осумдесет и седма седница

Генералната Конференција на Меѓународната организација на трудот која беше свикана во Женева од Управниот одбор на Меѓународната канцеларија на трудот на својата 87. седница одржана на 1 јуни 1999, по усвојувањето на Конвенцијата за најлошите видови детски труд од 1999, со решение да усвои определени предлози во однос на детскиот труд, кои се поместени во четвртата точка на дневниот ред од оваа седница, со определба овие предлози да бидат во форма на Препорака со дополнување на Конвенцијата за најлошите видови детски труд од 1999 ја усвојува на овој седумнаесети јуни илијада деветстотини деведест и деветта година следната Препорака која може да биде цитирана како Препорака за најлошите видови детски труд од 1999.

1. Одредбите на оваа Препорака ги надополнуваат оние на Конвенцијата за најлошите видови детски труд од 1999 (отсега натаму како Конвенцијата), и треба да се применуваат заедно со нив.

I. Програми за акција

2. Програмите за акција во членот 6 од Конвенцијата треба да бидат итно дизајнирани и применети, во советување со релевантните владини институции и организации на вработувачи и вработени, имајќи ги предвид интересите на децата кои се директно вклучени во најлошите видови детски труд, нивните семејства и соодветните други групи што се посветени на целите на Конвенцијата и на оваа Препорака. Таквите програми треба да бидат насочени, интер алиа, кон:
а) идентификување и одбивање на најлошите видови детски труд;
б) превентивно дејствување при вклучувањето на децата во најлошите видови детски труд или отстранувајќи ги од најлошите видови детски труд, заштитувајќи ги од одмазди и овозможување на нивна рехабилитација и општествена интеграција преку мерки кои се во согласност со нивните образовни, физички и психолошки потреби;
в) посебно внимание треба да им се посвети на:
- помладите деца;
- девојчињата;
- проблемот на прикриени работни ситуации, во кои девојчињата се во посебен ризик;
- другите групи деца кои се особено незаштитени или со посебни потреби;
г) идентификувањето, помагањето и заемната соработка со заедниците каде што децата се во посебен ризик;
д) информирањето, сензибилизирањето и мобилизирањето на јавното мислење и на заинтересираните групи, вклучувајки ги децата и нивните семејства.

II. Штетна работа

3. Во определувањето на видовите работа според член 3 д од Конвенцијата, и во нивната идентификација каде што постојат, треба да се размисли, интер алиа, за:
а) работата која ги изложува децата на физичка, психолошка и сексуална злоупотреба;
б) подземната работа, подводната, за работата на високите места или во строго чуваните простории;
в) работата со опасни машини, опрема и алати, или која вклучува рачно работење или превоз на тешки товари;
г) работата во нездрава околина која може да ги изложи децата на штетни материи, агенси и процеси, на температури, бучава, или потреси штетни за нивното здравје;
д) работата во особено тешки услови како што е работата на долг временски период или ноќната работа при што детето е затворено во просториите на вработувачот.

4. За видовите работа според член 3 д од Конвенцијата и гореспоменатиот Параграф 3, националното законодавство и регулативите или надлежната власт треба, по советување со заинтересираните организации на работниците и вработувачите, да одобрат вработување или работа од 16 годишна возраст под услов, здравјето, безбедноста и моралот на децата да бидат целосно заштитени и децата да добијат соодветни посебни инструкции или подготовки во областа на дејствувањето.

III. Примена

5. 1) Детаљни информации и статистички податоци за природата и траењето на детскиот труд треба да бидат собирани и обновувани за да служат како основа за определување на приоритетното национално дејствување за укинување детскиот труд, посебно за забрана и за елиминирање на најлошите видови детски труд.

2) Колку е можно повеќе, таквите информации и статистички податоци да вклучат податоци неподелени врз основа на полот, возраста, професијата, гранката на економската активност, статусот на вработувањето, посетувањето на наставата и географската локација. Треба да се земе предвид и важноста на ефективниот систем на регистрацијата при раѓањето, вклучувајќи го и издавањето на изводот на родените.

3) Податоците кои се однесуваат на кршењето на националните одредби за забрана и елиминирање на најлошите видови детски труд треба да бидат собирани и обновувани.

6. Собирањето и обработката на информациите и податоците изнесени во гореспоменатиот Параграф 5 треба да бидат извршени во духот на правото за заштита на личните податоци.

7. Информациите собрани под Параграф 5 треба редовно да се испраќаат до Меѓународната канцеларија на трудот.

8. Членовите треба да основаат или да определат соодветни национални механизми за набљудување на примената на националните одредби за забрана и за елиминирање на најлошите видови детски труд, во советување со организациите на работниците и на работодавателите.

9. Членовите треба да обезбедат соработка меѓу компетентните власти кои имаат одговорност за примена на националните одредби за забрана и за елиминирање на најлошите видови детски труд.

10. Националните закони или регулативи или надлежните власти треба да определат лица кои ќе бидат одговорни во случај на неусогласување со националните одредби за забрана и за елиминирање на најлошите видови детски труд.

11. Членовите треба, колку што е можно повеќе, согласно со националниот закон, итно да соработуваат со меѓународните напори насочени кон забраната и кон елиминирањето на најлошите видови детски труд преку:
а) собирањето и размената на податоци за криминални дејствија, вклучувајќи ги и оние во кои учествуваат меѓународни мрежи;
б) откривањето и судското гонење на оние кои се вклучени во продажба на деца или во употреба, посредување или понуда на деца во забранети активности, за проституција, за производство на порнографија или за порнографски изведувања;
в) евидентирањето на престапниците.

12. Членовите треба да нагласат дека долунаведените најлоши видови детски труд се кривични дела:
а) сите видови ропство или дејствија слични на ропство, како што се продажбата и трговијата со деца, должничкото ропство и кметство, присилниот или задолжителниот труд, вклучувајќи го и присилното или задолжителното регрутирање на децата за употреба во вооружен судир;
б) употребата, посредувањето и понудата на децата за проституција, за производство на порнографија или за порнографски изведувања;

в) употребата, посредувањето и понудата на децата во забранети активности, посебно за производство и трговија со дрога определени во релевантните меѓународните договори, или за активностите кои вклучуваат противзаконско носење и употреба на огнено оружје и други оружја.

13. Членовите треба да обезбедат казните, вклучително и кривичните казни, да бидат применети при прекршување на националните одредби за забрана и за елиминиција на кој и да е вид на работа според членот 3, став д, од Конвенцијата.

14. Членовите треба итно да овозможат, за другите кривични, граѓански или управно правни постапки, обезбедување на ефективна примена на националните одредби за забрана и за елиминација на најлошите видови детски труд, како што е посебната супервизија на претпријатијата што користеле најлоши видови детски труд и, во случај на понатамошно непочитување, ја земаат предвид привремената или трајната забрана на работата.

15. Други мерки, на пример, насочени кон забрана и елиминиција на најлошите видови детски труд, се:
а) информирањето, сензибилизирањето и мобилизирањето на јавното мислење, вклучувајќи ги и националните и локалните политички водачи, пратениците во собранието и судиите;
б) вклучувањето и обучувањето на организации на вработени и работодаватели и на граѓанските организации;
в) овозможувањето соодветно обучување за владините претставници, посебно за инспекторите и за органите на прогонот и за други релевантни професионалци;
г) овозможувањето судско гонење на извршителите на кривични дела во сопствената земја, определени со националното законодавство за забрана и елиминиција на најлошите видови детски труд иако казненото дело е извршено во друга земја;
д) упростувањето на правната и управната постапка и обезбедување на нивната соодветна и брза примена;
ѓ) охрабрувањето на создавањето политика за промоција на целите на Конвенцијата;
е) набљудување и јавно изнесување на најдобрите активности во елиминирањето на детскиот труд;
ж) јавното истакнување на законските и на другите одредби за детскиот труд на различни јазици и дијалекти;
з) воспоставувањето на посебни жалбени постапки и создавањето одредби за заштита од дискриминацијата и од одмаздите на оние кои законски ќе ги откријат прекршувањата на одредбите на Конвенцијата, како и воспоставувањето на телефонски линии за помош или контактни места и правобранители;
ѕ) приспособувањето на соодветни мерки за подобрување на образовната инфраструктура и обучувањето на учителите за да ги исполнат потребите на момчињата и девојките;
и) колку што е можно повеќе, да се имаат предвид во националните програми за акција;
ј) потребата за работни места и за професионално школување за родителите и возрасните во семејствата на децата кои работат во условите одредени со Конвенцијата; и
к) потребата да сочувствуваат родителите со проблемот на децата кои работат во вакви услови.

16. Зголемената меѓународна соработка и/или помош меѓу членовите за забрана и ефективно елиминирање на најлошите видови детски труд треба да помогне во националните напори и може, ако е соодветна, да биде развиена и применета во советувањето со организациите на вработените и работодавателите. Таквата меѓународна соработка и/или помош треба да вклучи:
а) мобилизирање на ресурсите за националните и меѓународните програми;
б) заедничка правна помош;
в) техничка помош вклучувајки ја и размената на информациите;
г) помош за општествен и економски развој, програма за искоренување на сиромаштијата и универзално образование.



Права на детето