Почетна » СОС телефон » Годишен извештај за работата на СОС-линијата за деца и млади 2021


Годишен извештај за работата на СОС-линијата за деца и млади 2021

АЛО, БУШАВКО/СОС-ТЕЛЕФОН ЗА ДЕЦА И МЛАДИ

ПРВА ДЕТСКА АМБАСАДА ВО СВЕТОТ МЕЃАШИ – РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА


Резиме на наодите од работата на СОС-телефонот за деца и млади во 2021 година 

И оваа измината 2021 гoдина СОС-телефонот често ѕвонеше. Како генерална забелешка и во овој годишен извештај се наведува малиот број деца кои нè контактирале и од  таа причина неопходно е да се работи на охрабрување на децата и младите да се  јават за да се информираат или за да пријават прекршување на нивните права.

Продолживме со работа во услови на Ковид пандемија со пренасочување на повиците и притоа не направивме никаков прекин во давањето на нашите услуги.

Трендот на продолжување на пријавување  проблеми со остварување на правото на контакт или средби на децата со разведени родители и непочитување на решението од Центарот за социјални работи котира повторно на високото прво место во категоријата проблеми. Податоците говорат дека прекршувањата на правата на детето при бракоразводна постапка е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат децата и нивните  семејства, а ова ни укажува на фактот дека потребно е подобро и поквалитетно  регулирање на семејните односи и поголемо внимание и поддршка од страна на  надлежните институции со цел да се превенираат дополнителни кршења на детските права. Воедно, застапени се проблемите кои се јавувааат при доделување  старателство, како и исплаќање на алиментација. Покрај правото на детето за остварување контак или средби со едниот од родителите, имаме  дојави и за прекршени права на детето за контакт со лица од поширокото семејство (бабата, дедото, тетка, чичко, братучеди...).

Насилството и понатаму претставува реалност за децата во Македонија. Податоците од извештајот покажуваат дека многу деца се во ризик од насилство со што се влијае на нивниот оптимален психофизички развој. Телесното казнување сè уште доминира како начин за воспитување на децата, покрај психолошката трага што тоа ја остава врз децата за цел живот.

Навидум невидливо во однос на другите облици на насилство, емоционалното насилство се случува многу често и е еднакво опасно како и сите други облици.  Спектарот на емоционална злоупотреба е широк, а се случува кога за детето не се води грижа, не се поттикнува на развој, се запоставува, се отфрла, се игнорира, се присилува, се казнува, се спречува да се поврзе со други луѓе од неговото опкружување... Исто така, емоционална злоупотреба е и кога детето е сведок на физичко или друг вид насилство. Во овој годишен извештај не е исклучена ниту сексуалната злоупотреба на децата.

Животните перспективи на децата во Македонија се засегнати заради изложеноста на сиромаштија. Голем број деца со своите семејства живеат на работ на егзистенција, при што нивните детски права се сериозно загрозени. Кога зборуваме за суштински потреби, зборуваме за изложеноста на несоодветни услови за живот кои го попречуваат оптималниот раст и развој на децата. Сиромаштијата им штети на децата и преку негативните ефекти врз нивните семејства со тоа што на децата не им се посветува доволно внимание од страна на родителите кои се приморани да работат по неколку работи и децата често се принудени или ги тераат на питање, со што се  зголемува можноста да станат жртви на најтешки форми на злоупотреба.

Одржувањето на менталното здравје е подеднакво важно како за возрасните, така и за децата. Бракоразводните постапки и несогласувањата меѓу родителите на децата се во најголем број причини за детската вознемиреност и стравот. Исто така, вознемиреноста кај децата може да се јави и како резултат  на големи промени во нивниот живот, како преселба во нов дом, живеење со само еден родител, менување на  училиштето и сл.


Целосен извештај во PDF формат