Почетна » Права на детето » Препораките на комитетот за правата на детето при ООН доставени до владата на Република Македонија по основ на вториот периодичен извештај и иницијалните извештаи

КОМИТЕТ ЗА ПРАВАТА НА ДЕТЕТО
 РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИЗВЕШТАИТЕ ПОДНЕСЕНИ ОД ДРЖАВИТЕ-ЧЛЕНКИ ПО ЧЛЕН 8 ОД ФАКУЛТАТИВНИОТ ПРОТОКОЛ КОН КОНВЕНЦИЈАТА ЗА ПРАВАТА НА ДЕТЕТО ЗА ВКЛУЧЕНОСТА НА ДЕЦАТА ВО ВООРУЖЕНИ КОНФЛИКТИ
Завршни забелешки:

Поранешна југословенска Република Македонија

1. Комитетот го разгледа иницијалниот извештај на поранешната југословенска Република Македонија (CRC/C/OPAC/MKD/1) на својот 1512. состанок, што се одржа на 28 мај 2010 година (CRC/C/SR.1512), и ги усвои следниве завршни забелешки на својот 1541. состанок , што се одржа на 11 јуни 2010 година: 

Вовед
 

2.                  Комитетот го поздравува поднесувањето на иницијалниот извештај на државата-членка по Факултативниот протокол и писмените одговори на списокот прашања. Комитетот го цени дијалогот со високата повеќесекторска делегација на државата-членка, предводена од министерот за труд и социјална политика.

 
3.                  Комитетот ја потсетува државата-членка дека овие завршни забелешки треба да се читаат заедно со завршните забелешки усвоени за вториот периодичен извештај на државата-членка по Конвенцијата за правата на детето и иницијалниот извештај за Факултативниот протокол за трговија со деца, детска проституција и детска порнографија усвоен на 11 јуни 2010 година, соодветно во CRC/C/MKD/CO/2, односно CRC/C/OPSC/MKD/CO/1.

 
Позитивни аспекти

 
4.                  Комитетот позитивно ја оценува изјавата дадена при ратификувањето од државата-членка дека според националното законодавство не постојат можности, ниту на задолжителна ниту на доброволна основа, да се регрутира кое било лице кое нема наполнето 18 години за воена служба и дека со член 62 од Законот за одбрана се пропишува дека регрутираните лица се упатуваат во воена служба откога ќе наполнат 19 години.

 5.                  Комитетот го поздравува ратификувањето или пристапувањето на државата-членка кон следниве меѓународни механизми:

 
(a)                Протоколот за борба против недозволено производство и трговија со огнено оружје, негови делови и компоненти и муниција, кој ја надополнува Конвенцијата на Обединетите нации за борба против транснационалниот организиран криминал на 14 септември 2007 година;
 

(б)      Конвенција бр. 182 на Меѓународната организација на трудот (МОТ) за забрана и итно дејствување за елиминирање на најлошите облици на детски труд на 30 мај 2002 година; и

 
(в)        Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд на 6 март 2002 година.

 
I. Општи мерки за спроведување
 
Дисеминација и обука

 
6.                  Комитетот забележува дека кампањите воглавно ги невладините организации и искажува загриженост дека државата-членка не вложува доволно напори за ширење на Факултативниот протокол меѓу важните групи на професионалци. Покрај тоа, Комитетот е загрижен дека државата-членка не организира обуки што посебно се однесуваат на одредбите од Факултативниот протокол.

 
7.                  Земајќи го предвид член 6, став 2 од Факултативниот протокол, Комитетот препорачува државата-членка да осигури начелата и одредбите на Факултативниот протокол значително да се шират меѓу јавноста и децата. Комитетот исто така препорачува да се понуди соодветна обука за човековите права, особено за одредбите од Факултативниот протокол, на сите важни групи професионалци, особено вооружените сили и припадниците на меѓународните мировни мисии, службениците кои го спроведуваат законот, службениците за имиграција и социјалните работници.

 
II. Спречување

 
Мировно образование

 
8.                  Комитетот е загрижен дека не постојат програми со кои методично се вклучува мировното образование во наставните планови. Во врска со својот општ коментар бр. 1 (2001) за целите на образованието, Комитетот препорачува државата-членка да вложи напори за вклучување на мировното образование во наставните планови, со посебно внимание на кривичните дела опфатени со Факултативниот протокол.

 
III. Забрана и сродни прашања

 
Важечко кривично законодавно и регулатива

 
9.                  Комитетот ги забележува како позитивни заложбите на државата-членка за вклучување на Факултативниот протокол во соодветното законодавство. Комитетот забележува дека воените и паравоените групи што не се дел од вооружените сили се забранети со член 20 (4) од Уставот, но жали што регрутирањето или користењето во воени судири на лица помлади од 18 години од страна на вооружени групи освен вооружените сили не е јасно забрането или криминализирано.

 
10.              Земајќи го предвид член 4, Комитетот препорачува државата-членка да го измени законодавството за да се осигури дека регрутирањето и користењето во воени судири на лица помлади од 18 години од страна на вооружени групи освен вооружените сили е јасно забрането и криминализирано.

 
Јурисдикција и екстрадиција

 
11.              Комитетот ја забележува информацијата за можноста да се воспостави екстратериторијална јурисдикција во случаите на присилно регрутирање или вклучување во воени судири на лице помладо од 18 години доколку истото е сторено од страна на или против нејзин државјанин. Меѓутоа, Комитетот жали што казненото законодавство не дозволува екстратериторијална јурисдикција за сите случаи наведени во член 4 (2) од Факултативниот протокол. Покрај тоа, Комитетот е загрижен дека екстратериторијалната јурисдикција подлежи на критериумот на двоен криминалитет и дека екстрадицијата подлежи на постоењето на билатерална спогодба.

 
12.              Комитетот препорачува државата-членка да преземе чекори за да се осигури дека домашното законодавство и? овозможува да воспостави и спроведе екстратериторијална јурисдикција за воените злосторства регрутирање и користење деца во воени судири, земајќи ги предвид и соодветните меѓународни инструменти на кои таа е членка, вклучително и Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд, и исто така препорачува воспоставување екстратериторијална јурисдикција за кривичните дела согласно Факултативниот протокол без критериумот за двоен криминалитет. Комитетот исто така препорачува државата-членка да ја разгледа можноста Факултативниот протокол да стане правна основа за екстрадиција без условот за постоење билатерална спогодба.

 
IV. Заштита, закрепнување и реинтегрирање

 
13.              Комитетот ја цени тековната соработка со УНХЦР и измените на Законот за азил и привремена заштита со кои се одразуваат најдобрите интереси на детето како главен фактор и формите на обвиненија кои се по мерка на детето и полот како фактор при разгледувањето на барањата за азил; и воведувањето на обврска да се даде приоритет на пронаоѓањето на членовите на семејството. Сепак, Комитетот е загрижен дека и покрај тоа што не се откриени деца-војници, постојат неколку деца меѓу бегалците и барателите на азил кои доаѓаат од земји каде децата се вклучени во вооружен конфликт. Покрај тоа, Комитетот е загрижен за немањето информации за механизмите за откривање деца кои биле вклучени во вооружен конфликт и за следење на децата без придружба и деца разделени од родителите по напуштањето на приемните центри.
 

14.              Комитетот препорачува државата-членка да продолжи да соработува со партнерите, вклучувајќи го и УНХЦР, и да ги спроведува одредбите од Законот за азил и привремена заштита што се однесуваат на разгледувањето на барањата за азил и пронаоѓање на семејството. Покрај тоа, Комитетот препорачува државата-членка да воспостави механизми за откривање на децата кои биле вклучени во вооружен конфликт за да се обезбеди соодветна заштита, закрепнување и реинтегрирање и да воспостави механизам за следење на децата без придружба и децата разделени од родителите по напуштањето на приемните центри.

 
15.              Комитетот ја поздравува одредбата во Законот за заштита на децата, изменета во 2009 година, со која децата-жртви на вооружен конфликт имаат право на закрепнување, рехабилитирање и реинтегрирање, но е загрижен дека надлежните власти можеби не располагаат со капацитет и обука за да им обезбедат специјализирана грижа и помош за закрепнување и реинтегрирање на откриените деца-жртви.

 
16.              Земајќи го предвид член 6 (3) од Факултативниот протокол, Комитетот препорачува државата-членка да развие протоколи и специјализирани услуги за да се осигури дека децата-жртви добиваат соодветна помош за физичко и психолошко закрепнување и општествено реинтегрирање.

 
V.                 Меѓународна помош и соработка

 
Меѓународна помош и соработка

 
17.              Комитетот позитивно ја оценува соработката на државата-членка со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и придонесот на државата-членка во меѓународните мировни напори. Комитетот ја охрабрува државата-членка да ги поддржува мултилатералните и билатералните активности во врска со правата на детето вклучено во вооружен конфликт, особено со промовирање превентивни мерки, како и физичко и психолошко закрепнување и општествено реинтегрирање на децата-жртви на дела што се во спротивност на Факултативниот протокол.

 
Извоз на оружје

 
18.              Комитетот жали за немањето информации за националното законодавство со кое се забранува трговија и извоз на мало и лесно оружје, како и воена помош за земји каде децата се или биле вклучени во вооружен конфликт. Комитетот исто така е загрижен за неодамнешните извештаи за шверцување оружје во соседниот регион.

 
19.              Комитетот ја советува државата-членка да ги зајакне активностите за спроведување на Факултативниот протокол, особено да го разгледа своето законодавство за да осигури:

 
(a)               Експлицитна забрана на трговијата и извозот на мало и лесно оружје во земји каде се знае дека децата биле вклучени во вооружен конфликт; и

 
(б)        Дека незаконските активности, вклучувајќи ги и производството на и трговијата со мало и лесно оружје, се криминализирани, дека се води евиденција и оружјето се означува, имајќи го предвид Протоколот за борба против недозволено производство и трговија со огнено оружје, негови делови и компоненти и муниција, кој ја надополнува Конвенцијата на Обединетите нации за борба против транснационалниот организиран криминал.

 
VII. Понатамошни активности и дисеминација

 
20.              Комитетот препорачува државата-членка да ги преземе сите соодветни мерки за да осигури целосно спроведување на дадените препораки, меѓу другото, со нивно доставување до Собранието, до Националната комисија за правата на детето, до Министерството за одбрана и до Министерството за образование, и до сите надлежни министерства, национални и локални власти за соодветно разгледување и понатамошно дејствување.
 

21.              Комитетот препорачува завршните забелешки усвоени од Комитетот да бидат достапни за пошироката јавност и особено за децата, за да се поттикне расправа и да се подигне свеста за Факултативниот протокол, неговото спроведување и набљудување.

 
VIII. Следен извештај
 

22.              Согласно член 8, став 2, Комитетот бара од државата-членка да вклучи дополнителни информации за спроведувањето на Факултативниот протокол во својот следен периодичен извештај по Конвенцијата за правата на детето, согласно член 44 од Конвенцијата.