Почетна » Мировно образование » Основен тренинг за Мировно образование


Објава и повик за учество на 4-дневен сеопфатен основен тренинг за Мировно образование

 

Што значи за Вас Мир? Колку пати се запрашуваме, како јас како единка придонесувам кон мирот во мојата средина?

Колкупати сте посакале и замислиле како би било кога на насилството, конфликтите, недоразбирањата би им пристапиле од поинаков агол, од гледиште на можност за промена, за раст и развој? Дали е тоа утопија?

Како да ја развиваме и подобриме меѓусебната доверба и комуникација? Како да препознаеме што се е  насилство? Како во конфликтите да делуваме за тие да не прераснат во  насилство ? Како можеме заедно да се поддржиме во градењето на демократско општество каде мирот е водечката вредност?

***

Мировното образование (МО) или образованието за МИР, денес, во време на глобална криза и несигурност, буди сѐ поголем интерес. Тоа промовира знаења, вештини и ставови кои можат да им помогнат на луѓето да ги трансформираат конфликтите на мирен начин, да градат поправедни општества, а во средините каде што живеат да создадат услови за позитивен мир. Клучните вредности на мировното образование, како ненасилството и социјалната правда, се темел за посакуваната општествена промена за почитувањето на човековите права и за градење на довербата.

Во рамки на Програмата за мировно образование спроведувана од Детската амбасада Меѓаши, којашто годинава ја живее својата 13. година, продолжуваме со организирање тренинзи за мировно образование за нови училишта и наставници/чки. Во координација со Министерството за образование и наука, а во рамки на Меморандумот за соработка бр. 13-7460/2 od 09.08.2022, во периодот од 5 до 8 јули 2023 година организираме основен (базичен) тренинг за мировно образование за 20 -22 наставници и наставнички како и стручни соработници и соработнички од нови 10 средни училишта (по двајца претставници/чки од училиште) од цела Македонија кои сакаат да се придружат на „семејството“ мировни училишта.

Зошто е овој основен тренинг?

Ова е прв, воведен тренинг  за мировно образование што ги нуди Програмата за мировно образование наменета пред се за наставниот кадар и стручните соработници/чки во средните училишта. Овој прв тренинг го нарекуваме основен или базичен и се одвива во тек на четири денови, додека следните  ги нарекуваме напредни тренинзи на кои подлабоко се навлегува во темите, пристапот и техниките на мировното образование.

Главната карактеристика на тренинзите е пристапот во работењето,  се одвиваат во структурирана, но многу пријателска, поддржувачка атмосфера, со користење на техники кои го поттикнуваат активното и автентичното вклучување на секој учесник и учесничка. Се работи интензивно во претпладневни и попладневни работилнички сесии. Во текот на основниот/базичниот тренинг ќе се разговара, разменуваат мислења и споделуваат знаења и вештини на теми:

ü  Комуникација – техники на ненасилна комуникација

ü  Тимска работа и соработка

ü  Насилство

ü  Анализа на конфликти

ü  Вовед во Мировното образование (МО)

Што потоа?

По завршувањето на основниот тренинг, оставаме „работите да легнат“ за потоа повторно во текот на август да продолжиме со напредното ниво на тренинг за мировно образование. Следувааат уште четири денови тренинг!

А што потоа? Кога ќе се вратите во училиште од септември? Поспремни со нови искуства, идеи, можности за соработка и начини како да се поместат нештата во училиштата, макар и за мал чекор, ќе можете  поактивно да реализирате активности што самите ќе ги креирате. Ќе бидете дел од мировното движење во училиштата!

За кого е наменет?

Наставници/чки и стручни соработници/чки коишто многупати посакале да имаат вештини и алатки, но и сојузници во справувањето со некоја ситуација на насилство, конфликт или ситуација што ќе ве предизвика да излезете вон вообичаените матрици на справување со вакви ситуации.

Ги повикуваме сите заинтересирани да ја пополнат апликацијата/формулар на следниов линк.

Крајниот рок за испраќање на апликацијата е 21.6.2023, директно преку пополнување на онлајн апликацијата или испраќање на пополнетата апликација на е-маил: peace@childrensembassy.org.mk.

Што друго треба да знаете?

«  Сите трошоци за тренингот ги покрива Програмата за мировно образование спореведувана од Прва детска амбасада во светот Меѓаши.

«  За спроведување активности во училишта предвиден е определен буџет којшто е на располагање на училиштето.

«  Можност за континуирана надградба преку обуки и работилници на теми важни во мировното образование.

«  Нецелосно пополнети апликации нема да се земаат предвид, како и апликации кои ќе пристигнат по истекот на дадениот рок. Од сите лица чии апликации ќе бидат прифатени се очекува дека активно ќе учествуваат на сите работилници од почетокот до крајот на тренингот. Бидејќи бројот на учесниците и учесничките е ограничен на 22, доколку се пријават повеќе, најверојатно не ќе можеме позитивно да одговориме на сите заинтересирани за овој тренинг но ќе бидат ставени на списокот за нареден тренинг што ќе се организира во периодот септември-декември 2023 година.

За дополнителни прашања обратете се на: peace@childrensembassy.org.mk, или контактирајте ја Фатмире Ајдари, на тел. 076 421 233

За деталната програма на тренингот, местото на одржување и информации за превозот ќе информираме дополнително.