Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.42


Високите казни не можат да ги запрат педофилите

Скопје, 9 мај - Деновиве треба да профункционира регистар за педофили, кој треба на интернет да ги прикаже осудените педофили од Македонија. Министерството за труд и социјална политика подготви листа од седумдесетина педофили, кои граѓаните ќе можат да ги видат преку интернет, преку страницата: www.stop-pedofilija.org.mk. Таму ќе бидат објавени фотографии, имиња и презимиња на осудените педофили. На страницата , можат да се најдат поуки, совети и насоки за жртвите И за нивните родители.

Овој чекор на надлежните социјални институции е последен од низата мерки кои Македонија ги презема за колку - толку да се справи со педофилијата и да се обиде да ги заштити децата од педофилите. Надлежните се надеваат дека страна и регистарот што на неа ќе биде објавен ќе помогнат нво надминување на проблемот со оваа асоцијална појава, но невладините организации предупредуваат дека објавувањето фотографии на педофилите на интернет нема да ги запре и во иднина да злоставуваат деца доколку државата не ги заостри казните за ова тешко кривично дело.

Ниту една пресуда за доживотен затвор 
Ниту еден педофил од Македонија не е осуден на доживотен затвор, иако законот предвидува таква казна за полов напад на малолетник кој не навршил 14 години.

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ досега повеќепати реагира и бара од  судиите да ги осудуваат педофилите, силувачите на деца со максимална казна доживотен затвор, се додека државата не обезбеди услови кои ќе потврдуваат дека педофилите нама да го повторуваат делото.
Но, сепак се забележува дека првостепените судови изрекуваат благи казни, а многупати дури само и условни казни, а забележеани се повеќе случаи кога педофилите го повторуваат делото.

Како што забележуваат од „Меѓаши“ доживотен затвор како казнена мерка може да помогне сторителите на овие кривични дела да бидат во целосна изолација. Од друга страна и превентивно да помогне да не се случуваат сексуални злоставувања над деца од истите сторители, а воедно да биде и опомена за сите идни случаи.

„Првата детска амбасада  во светот – Меѓаши успеа да направи промени во  судскиот систем, и модификација на кривичниот законик, така што казните за сторители на ваквите кривични дела се движат од 10 до 15 години затвор,  а за дела кои се сторени на громозрозен начин или од страна на повеќе сторители како и на рецидивистите предвидена  е казна доживотен затвор. Исто така се предвидуваат и посебни казни за оние кои ќе ја злоупотребат службената положба и извршат сексуално насилство врз деца, пришто е предвидена казна за забрана за вршење професија, должност или дејност од една до десет години“, велат од „Меѓаши“.

Од Министерството за труд и социјална политика пак велат дека се уште чекаат на резултати од последните преземени мерки, особено по заострувањето на законските казни за педофилите.

„Во неколку наврати напоменавме дека кога се работи за децата и нивната заштита ние ќе бидеме безмилосни. Сите измени во законската регулатива се прават со цел да се унапреди системот на нивна заштита“, велат од Министерството.

Татко злоставувал ќерка со психичка попреченост
Пресудата од 15 години затвор за педофилот Трајче Петковски од Богомила, според невладините е преблага, а сметаадека тој ги исполнува сите услови за доживотен затвор согласно членот 188 од Кривичниот Закон, но и Апелација само ја потврди првичната пресуда на Основниот суд од Велес.

Според обвинението, Петковски на 13 јуни 2007 година, сексуално малтретирал 12-годишно девојче од селото, а подоцна е утврдено дека тој сексуално се изживувал и врз неговата 12-годишна ќерка, двете ученички во училиште за деца со посебни потреби, а ја тепал и сопругата.

Инцидентот се случил навечер во куќата на Петковски, кога девојчето, кое е болно од епилепсија и со пречки во развојот, дошла на гости кај другарка и, ќерка на Трајче, а обвинетиот сосила го легнал девојчето на кревет и почнал да блудничи допирајќи ја и бакнувајќи ја по телото. Целиот настан го следела ќерката на Петковски, која има лесна психичка попреченост, но ги алармирала родителите на девојчето гостин. Тие го пријавиле соседот во полиција, по што била откриена страшната приказна.

Педофилот Јове Костадиновски, доби затворска казна од 15 години, а полово нападна две 13 годишни момчиња, штитеници на Домот без родители „11-ти Октомври“ во Скопје. Костадиновски кој е од селото Шашаварлија, во куќичка на планината „Плачковица“, 23 дена чувал во заложништво едно од момчињата, и повеќе пати сексуално го малтретирал. Тој по трет пат ќе оди во затвор, во првиот случај силувал старица, а во вториот петгодишно девојче.

Институциите се уште пребројуваат колку педофили има
Додека не излезе регистарот на педофили, институциите во Македонија не знаат точно колку педофили има. Како што велат, проблемот е во тоа што до сега немало системска комуникација меѓу надлежните институции, па сите располагаат со различни бројки за бројот на педофили.

„Во моментов се уште располагаме со постара евиденција за тоа колку регистрирани педофили има во Република Македонија. Токму тоа е и една од целите на регистарот, да имаме и точна евиденција. Според анализираните судски пресуди за периодот јануари 2004 до 2009 година со правосилна судска пресуда осудени се 231 лице. Од нив 191 лице се примарни престапници, 38 или 16 отсто се повторници од кои 26 се еднократни повторници, а 12 осудени лица се повеќекратни престапници“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Според нив, целта на активностите кои ги преземаат против оваа асоцијална појава е пред сe да се дејствува превентивно, преку едукација на децата, за да се намали бројот на жртвите.

„Не можеме да зборуваме за пораст или за намалување на педофилијата, но можеме да говориме за подигнување на јавната свест и благодарение на нашите засилени активности и јавното говорење за сторени дела поврзани со сексуална злоупотреба на децата и педофилија се добива впечаток на зголемен број на случаи“, велат од министерството.

Според искуствата на Првата детска амбасада „Меѓаши“, каде постои и бесплатна телефонска линија каде можат да се пријават случаите на сексуално злоставување деца, СОС телефонот за деца и млади 0800 1 22 22, Македонија е една од земјите во кои место да се намалува, има пораст на негативниот тренд на педофилијата.

„Процентот на пријавени случаи од вкупниот број на јавувања на СОС телефонот за деца и млади се уште е на ниско ниво, поточно само 1,89 отсто се однесуваат на можна сексуална злоупотреба на деца и педофилија. Овој факт покажува дека сеуште се молчи за оваа појава и уште е табу да се зборува за неа поради срам, страв и стереотипи“, велат од „Меѓаши“.

Од таму ги охрабруваат децата жртви да не се срамат и да ги пријават, да не молчат, туку да им го кажат случајот на возрасните на кои им веруваат, а потенцираат и дека многу е важно децата да знаат дека имаат право на приватност. Доколку педофилот се обиде да ги нападне да викаат колку што можат погласно и да не престанат се додека некој не им помогне, советуваат „Меѓаши“.

„Според досегашната практика сметаме дека и покрај вложените напорите  недоволно се сузбива појавата на педофилија  и сексуална злоупотреба на децата и уште многу би требало да се работи на овој комплексен проблем. Со ново преземените мерки односно со постоењето на регистарот на лица осудени за кривични дела за сексуална злоупотреба на деца и педофилија донекаде ќе се влијаае превентивно за сузбивање на оваа појава. Но, можеби би требало да се размислува во правец на полуотворен тип на достапност на овие податоци, каде доколку некој родител, старател или наставник се сомнева дека во нивна близина има педофил, да може да побара да се провери идентитетот на дадената личност, се со цел да се заштитат децата“, велат од Првата детска амбасада „Меѓаши“.

 „Мобилни алки“ за следење на педофилите
За сузбивање на оваа асоцијална општествена појава  Министерството за труд и социјална политика, Заводот за социјални дејности, Центрите за социјална работа, првата детска амбасада „Меѓаши“ и другите институции најавуваат дека ќе работат во континуитет.

„ Донесовме повеќе мерки во насока на заштита и превенција од сексуална злоупотреба на деца и педофилија. Ја започнавме кампањата „Со едукација и знаење до превенција од сексуална злоупотреба/ педофилија“, затоа што едукацијата и превенцијата се  најважни во препознавањето на облиците на злоупотреба. Кампањата ја спроведоа Заводот за социјални дејности и Црвениот крст на Република Македонија и во рамките на неа минатата година, како и во почетокот на 2012 година беа одржани работлници за подигање на свеста за проблемот со сескуалната злоупотреба, беа изработени флаери од страна на Заводот, но и формирани тимови кои имаа за задача да спроведат превентивни активности во основните и средните училишта. Исто така, постои и СОС линија, бесплатен телефонски број 15 505 за пријавување на случаи на сексуална злоупотреба на деца и педофилија“, велат од министерството.

Се спроведуваат предавања од стручни лица во училиштата, каде децата можат да слушнат како да препознаат сексуално злоставување врз нив, со цел да се зголеми бројот на пријавени случаи доколку ги има.

„Ние можеме да се заштитиме само као имаме доволно обука, да препознаеме, да направиме разлика дали некој човек којшто ни е познат и близок е вистински пријател на семејството и го дава чоколадото како подарок или е тоа некој друг, којшто ќе го одведе детето во друг правец. Затоа што гушкањето на родителот, говориме за инцестите, од начинот на едно природно, потребно, исконско чувство на родител е многу различно од допирот којшто може да биде во функција на сексуално задоволување. Ако детето има доволно информации, таа разлика ќе може да ја препознае“, вели Татјана Ристова Димова, директор на Центарот за социјални дејности „Скопје“.

Од Првата детска амбасада во светот „Mеѓаши“ сметаат дека треба да бидат досудувани максимални казни затвор за сторителите на ваквите кривични дела, а во зависност од тежината на делото, како на пример родосквернавење, извршување на дело на особено грозоморен начин или доколку сторителот на делото е рецидивист, што се случува во најголем број од случаите на педофилија.

„Добра мерка би било и доколку се оформи некоја форма на затвор болница со целосна изолација на сторителите на вакви кривични дела, каде ќе може стручен тим да работи со нив и каде ќе имаат можност сторителите на овие дела преку општо корисна работа да се изреализираат и секој во своите работни способности да даде свој придонес, а притоа педофилите да немаат никава можност да бидат во контакт со деца. Понесени од искуството дека во најголем број сторителите на ваквите кривични дела го повторуваат делото сметаме дека неоходно е  државата да воспостави систем за следење во форма на Мобилни Алки (локатори) кој ќе бидат вградени на сторителите по одлежувањето на казната и во секој момент ќе се знае нивната точна локација“, велат од „Меѓаши“, а секако акцент ставаат на ресоцијализацијата на строителите, за да не го повторат делото.

*Истражувањето е поддржано од проектот SCOOP и Данската асоцијација за истражувачко новинарство


http://zurnal.mk/content.asp?id=201259164833