Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.42


Веќе нема табуа и молк за страдањата на децата
Драги Змијанац,
извршен директор на Детската амбасада „Меѓаши“

Катерина Шекеровска

Под мотото „20 години за децата“, Детската амбасада „Меѓаши“ оваа година прославува 20-годишен јубилеј. Формирана во 1992 година, Амбасадата најпрво се оформи како група на граѓани кои имаа цел да им помогнат на децата-бегалци од војната во БиХ, но предизвиците не застанаа таму...

- Се соочувавме со многу предвидливи и непредвидливи предизвици, сопки, негирања, попречувања и закани. Но, како што заканите и сопките пристигнуваа, така отворавме и говоревме гласно за нови проблеми со кои се среќаваа децата во Македонија. И додека тие се занимаваа како да не' попречат во работата, така ние се' повеќе и повеќе учевме да ги отстрануваме пречките, би рекол, да скокаме на пречки, но и да ја шириме нашата работа. Полето на дејствување и преземените ингеренции во директна помош и поддршка на децата во Македонија се толку големи што и сега сме збунети како понатаму. Ја добивме довербата на децата да ги застапуваме и заштитуваме, го урнавме молкот на страдањата на децата, бараме почитување на правата на детето од родителите и институциите, бараме одговорност кога се прекршуваат правата на детето. Бараме максимална и функционална заштита на децата и нивните најдобри интереси. Тоа е перцепција на граѓаните за нашата работа и тие ни ја укажуваат довербата.

На каков начин функционира „Меѓаши“ и колку луѓе се дел од Вашата екипа?

- Првата детска амбасада во светот е меѓународна граѓанска организација која се постави во првата линија во одбрана на правата на децата. Во неа се вградија стотина волонтери, активисти и членови. Не ни е тешко да се бориме за правата на децата, да ги застапуваме и заштитуваме. Тешко ни паѓа кога оние што треба најмногу да водат грижа за децата ги тепаат, злоупотребуваат и силуваат. Уште повеќе не' погодува кога институциите наместо да ги превенираат состојбите за заштита на децата со нивните задоцнети реакции, ги усложнуваат проблемите на децата. Задоцнета мерка е одземање родителско право кога детето ќе биде силувано или убиено од сопствениот родител. Строгиот надзор за остварување квалитетно родителско право е сериозен предизвик за сите институции и тие треба да сфатат дека сите родители се одговорни и не знаат како да се грижат за децата. Ако отсуствува одговорно родителство, не значи дека треба да отсуствува грижата на државата и нејзините институции за помош и поддршка на децата.

Се борите за правата на децата и нивните интереси. Многу работи веќе се направени и променети, но верувам ќе се согласите дека уште поголем дел допрва треба да се направат...

- Многу работи се направени. Сега веќе нема табуа и молк за страдањата на децата. Се бара одговорност, функционалност и мобилност на сите. На родителите, на институциите, на граѓанските организации и на медиумите. Но, мора да знаеме дека иако има многу промени, ескалираат проблемите со кои децата секојдневно се среќаваат. Насилството во училиштата, тепачките и убиствата на улица и во училишните дворови не е ретка појава. Голем е бројот на родосквернавење и педофилија, се' уште имаме неевидентирани деца во извод од матична книга на родените, деца кои се невидливи и не постојат во државата. Има голем број деца на улица и деца кои не се вклучени во образованието. Се зголемува бројот на деца чиј труд се употребува. Ова се сериозни предизвици на кои треба да поработиме заедно сите што имаат знаење и ингеренции да се изменат и подобрат состојбите.