Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.42


НЕСОВЕСНИ РОДИТЕЛИ НЕ БИРААТ СРЕДСТВА ЗА ПРОМОЦИЈА НА СВОИТЕ ДЕЦА
Стриптизерка во пелени

Поради нереализирани желби и фантазии, родители сакаат тоа да го направат преку своите деца. Тие по секоја цена ги втурнуваат своите деца не сфаќајќи ги последиците коишто можат да бидат катастрофални за самото дете, вели во изјавата за Вечер социологот Тања Стојаноска

 

Уште не проодело, а мама веќе има планови за него. Едни кројат планови нивното дете да биде на писта, други во првите редови на познат спортски клуб, трети да имаат главна улога во реклама. А дали тие исти родители се запрашале што значи зборот детство и каде им е местото на тие мали деца за кои светот на возрасните е непозната територија во која ќе се изгубат. Каде е времето кога игравме пред зграда, трчавме по паркови и се челичевме со секое паѓање? Постои ли цена која може да ја плати секоја детска насмевка и дали вреди да се скрати безгрижноста со светот на возрасните и популарните? Денес многу родители сметаат дека е во ред нивното дете да биде познато и популарно со појавување на писта, телевизија, интернет. Информациите до кој дојде Вечер велат дека пет годишни деца веќе се членови во познатите модни агенции и чекорат на пистите. Интернет-страниците се пренатрупани со слики од фотографии кој се помалку или повеќе шокантни. И сето тоа е нечија родителска гордост без да се размисли ни малку какви се последиците од сите тие постапки. Децата денеска се помалку имаат детство каде ќе се посветат само на своите безгрижни игри и дружба со своите врсници. Туку напротив нивните дружби се во форма на натпревар кој од кого е поубаво и поскапо облечен и од кој бренд.

Социолозите се строго против ваквите постапки на родителите од проста причина што децата од најрана возраст ги впуштаат во една машинерија која подоцна може да ги сомеле.
- Ваквите постапки дефинитивно не одговараат на детскиот сон и на возраста на детето. Тие се под директно влијание и иницијатива на самите родители. Постојат повеќе причини зошто родителите го прават тоа. Првата причина е самиот општествен контекст во смисла уште од мали да ги истуркаат да бидат препознатливи со тоа што сметаат дека подоцна многу полесно би го пробивале патот кога ќе станат адолесценти. Меѓутоа, истражувањата покажале дека втората причина е онаа која е повеќе пресудна за ваквите постапки на родителите. Поради нереализирани желби и фантазии, родители сакаат тоа да го направат преку своите деца. Тие по секоја цена ги втурнуваат своите деца не сфаќајќи ги последиците кои што можат да бидат катастрофални за самото дете, вели во изјават за Вечер социологот Тања Стојаноска.

Според неа денес и самото општество влијае во развојот на децата во смисла начинот на кој денес ги облекуваат децата, самите детски фестивали кои ја изгубија смислата со несоодветните текстови во рефрените.
- Последиците можат да бидат катастрофални, бидејќи децата не го проживуваат детството во вистинска смисла. Детството треба да се изживее со сите тие специфики дружење со врсници, детски игри и слично. Тие веднаш проаѓаат во светот на возрасните кој што е сосема поинаков и по суров. Со самите постапки родителите децата ги учат дека во животот се може да се купи што апсолутно се совпаѓа со моралноста во рамките на едно општество. Детето ако не успее да се снајде во самото тоа општество, последиците можат да бидат катастрофални, со што ќе се појават одредени фрустрации, стресови кои ќе влијаат на неговото ментално здравје, додава Стојаноска.
Од првата детска амбасада Меѓаши сметаат дека ваквиот почеток кои му го наметнуваат родителите на своето дете се дополнува со следење и земање на примери поточно свои идоли од страна на децата на мега ѕвездите како Лејди Гага и слични кои не се соодветен пример и дека многу влијаат на овие деца кои се во фаза на формирање на нивната личност.
- Тука родителите несвесно или намерно им ја даваат својата поддршка воодушевувајќи се колку неговото дете е напредно и како умешно имитираат одредена личност. Заборавајќи дека детето најлесно учи и се оформува токму преку овие несоодветни примери. Како врв на сето ова родителите уште од најрана возраст ги запишуваат децата во модни студија, ги пријавуваат за избор на најубави деца, поставуваат слики на социјални мрежи, а потоа се изненадени што се случува со нивното дете и од каде кај нивните деца несоодветни однесувања за возраста која ја имаат. Нема што да изненадува сепак одговорноста е во нас возрасните, а не во децата, вели Драги Змијанац, претседател на Меѓаши.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши смета дека за децата треба да биде приоритет образованието и овие дополнителни активности не смее да претставуваат пречка за децата континуирано да посетуваат училиште и да го комплетираат своето основно и средно образование кое според националното законодавство е задолжително и бесплатно за сите деца.

Законот за работни односи дава можност, дете кое е помладо од 15 години, да биде вклучено во културни и артистички активности, спортски настани и рекламни активности и за тоа да добие симболичен надомест, доколку тие активности по својот обем и карактер не влијаат штетно врз здравјето, безбедноста, развојот и образованието на децата.

Министерството за труд и социјална политика смета дека форсирањето на децата да се појавуваат на модна писта, реклама или интернет, може да се третира како злоупотреба.
- Меѓутоа за да можеме да кажеме дека постои злоупотреба на дете, треба претходно да се утврди дали постојат елементи на злоупотреба, дали постои форсирање од страна на родителот и од кој степен, дали тоа е само поддршка од страна на родителот, на која возраст е детето, дали тоа е или не е желба на детето, какво влијание форсирањето има врз детето и многу други аспекти по однос на вршењето на родителското право и должност, за што, конечната одлука ќе ја каже надлежниот орган и доколку е потребно ќе преземе потребни мерки за заштита на правата и интересите на детето, велат од Министерството.