Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.42


Потресни сведоштва за деца- жртви на насилство

Децата како најранлива категорија не ретко стануваат жртва на оној во кого имаат доверба.

Физички и психички се малтретирани од оние кои треба да ги заштитат- родителите, учителите, пријателите....

Детската амбасада „Меѓаши“ денес посочи на дел од потресните сведоштва на насилство врз децата.

-„Мајката на другарка ми ја претепува дома, откако надвор вербално ја нападна“. Овој повик бил упатен од девојче кое било храбро детално да објасни низ каков пекол минува нејзината другарка.  По повикот, се јавила повторно да каже дека заедно со нејзината мајка се во куќата на нападнатото девојче. Ова насилство се повторувало, не еднаш мајката со закани и тупаници удрила по своето дете. Физичкото насилство го правела и со употреба на чекан.

-Видно вознемирено дете на телефонски повик ја опишало секојдневната состојба во својот дом. „Вистински хаос, викотници и расправии“, наместо детска игра и весело семејство. Момчето и двете негови сестри биле секојдневна жртва на својата мајка. Биле претепувани без посебна причина. А удари добивале насекаде. Растрепереното момче раскажало дека и кога е надвор од дома нема мир, затоа што во мислите постојано му се неговите помали сестри и сликата што се случува со нив додека се дома.

-„Гледам, а не сакам да видам. Слушам, а не сакам да чујам“. Со овие зборови една загрижена баба побарала помош за својата внука.  Бабата секојдневно била нем сведок на злоупотреба на нејзината најблиска внука. Дури сега кога нејзиниот живот се ближи кон крајот, не сакала гревот да го понесе со себе. Затоа, собирала храброст, се јавила на СОС телефонот со цел да стави крај на сето она што го прикривала во себе. Говорејќи дека нејзините внуци заслужуваат детство како и сите други.

Впрочем, сите деца без исклучок, заслужуваат безгрижно детство. Ударите не болат колку белегот кој како страв ќе остане во нив. И децата не смеат да бидат жртви. Овие сведоштва нека станат пример како не треба да се постапува со децата.