Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.42


НАДЛЕЖНИТЕ ДА НЕ ГО ИГНОРИРААТ ПРОБЛЕМОТ

Насилници воведуваат „ред“ во школите 

Македонски ученици се изложени на насилство од соученици. Погрдни зборови, тупаници, омаловажување во училници, училишни дворови и автобуси се секоjдневие за многу наши ученици. Психолозите и социолозите предупредуваат дека надлежните, но и родителите и наставниците не треба да ја игнорираат оваа појава.

Родител на основец, кој од училиште во Чаир се префрлил во Центар, вели дека малтретирањето на неговото дете дошло до таа мера што не сакал да оди на училиште.

- Секој ден доаѓаше дома со плачење. Му се обраќале со погрдни зборови, му удирале шлаканици, само затоа што е мирен. Сега учи во Центар и с` е поинаку - вели родителот.

Мајка на шестоодделенец од општина Kисела Вода исто така неколкупати сакала да го отпише синот од училиштето бидејќи врсниците го малтретирале.

- Се прашувам дали згрешив со воспитувањето кога го учев да дава, да биде учтив со сите, да не се тепа. Сега му викаат дека е малоумен, дека е глупав. Наоѓаат мирно дете и го малтретираат. Наставниците се прават дека е нормално, а родителите не признаваат - вели таа.

Американскиот документарен филм „Насилник“, кој ја потресе светската јавност, опишува како учениците во училиштата во САД малтретираат соученици. Потресната приказна за момче што било толку очајно што извршило самоубиство не може да ве остави рамнодушни. Дури 13 милиони американски ученици се малтретирани од соученици секоја година.

Од МВР не добивме информација дали во земјава е регистриран ваков драстичен случај на самоубиство на дете од овие причини. И во „Меѓаши“ не се сретнале со ваков случај.

Професорката од Институтот по социологија од Филозофскиот факултет од Скопје, Татјана Стојановска, вели дека ова што ни се случува последниве години со младата популација е загрижувачко, особено на полето на насилството (врз себе и врз други).

- Бранот на насилство кој доаѓа од Запад ќе н’ стигне и нас. Има недостиг од социјализација и љубов од семејството, децата се оттуѓени, недостасуваат игрите со врсниците. Од друга страна, социјалните мрежи повикуваат на насилни акти, мас-медиумите прикажуваат насилство, децата имаат погрешни модели на идентификација - вели Стојановска.

Психотерапевтот Даниела Трајковска од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ вели дека најголем број од пријавите за случаи на психичко и физичко насилство меѓу деца се во воспитно-образовните институции, но насилство има и кога децата одат или се враќаат од училиште.

- Треба да се преземат соодветни мерки, но и децата да се охрабрат да пријават насилство - вели Трајковска.

Таа објаснува дека децата што манифестираат агресивно однесување кон своите соученици, најчесто и самите биле или се изложени на насилство.

- Тие потекнуваат од семејства во кои физичката казна и агресивното однесување се секојдневие. Родителите вршат несоодветен надзор над нив, а децата често се и сведоци на конфликти - вели Трајковска.

Професор Љупчо Kеверески од Педагошкиот факултет од Битола вели дека во секоја генерација имало насилници и малтретирани деца.

- Наставниците и стручните тимови треба будно да ги следат општите состојби во училиштето кои се однесуваат на оваа проблематика, рана идентификација на иницијаните девијантни импулси, откривање на вистинските мотиви за нивното однесување, тимски пристап во превенција и промена на однесувањето, наоѓање можности за (ре)интеграција на лицата со насилничко однесување. Треба навремено и континуирано да соработуваат со семејството и стручни организации, но и да внимаваат на дискрецијата во комуникацијата со жртвите - вели Kеверески.

Социологот Стојановска предлага неколку мерки за превенција - поголемо внимание од родителите, вградување во предметните програми во училиштата делови што ќе развијат толеранција и позитивен однос кон секој поинаков.

- Потребни се и етички обуки на наставници што потоа ќе им ги пренесат на учениците, градење на позитивна клима во училницата, ширење на идејата за колективен дух, работа на тим од психолог, педагог, социолог, социјален работник со сите категории на ученици. И мас-медиумите треба да престанат со сензационалистицки информации - вели Стојановска.

Милена Атанасоска Манасиева

Kако да препознете малтретирано дете?

Психотерапевтот Трајковска вели дека секој може да биде жртва на децата-насилници, но поголема е веројатноста тоа да се деца што се „различни“ од другите.

- Знаци на малтретирање се лош сон, модринки, често плачење, измислување цела палета на изговори да не одат во училиште. Тие често велат дека имаат болки во грлото или настинка, дека чувствуваат болки во стомакот, имаат намален апетит – вели таа.