Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.42

Децата на улица, надлежните си ја префрлаат одговорностаПријавите за злоупотреба на децата се зголемуваат, а лошата координираност меѓу невладините организации и институциите е причина поради која многу работи завршуваат само на телефонската пријава

Жртви на родителска негрижа и некоординираност на институциите

Деца од неколкугодишна возраст оставени на земја изнудуваат сожалување и пари од минувачите по улиците. Пријави за вакви случаи има, но малку од нив имаат разврска. Лошата координираност меѓу невладините организации и институциите е причина поради која многу работи завршуваат само на телефонската пријава и разговор за „децата на улица“.

Работата на невладините организации се сведува само на регистрирање и предупредување за (не)заштитата на децата изложени на семејно насилство и други видови малтретирање, без да се нафатат за поангажиран пристап за решавање на овој социјален проблем. Практиката на вработените во детската амбасада „Меѓаши“ покажала дека надлежните институции при своето работење многу малку се повикувале на Конвенцијата на правата на детето или тие воопшто не ја користат.

„Децата на улица“, според нив, не се грда слика на градовите туку жртви на нивните родители и слабости на системот и центрите за социјална работа што требало да имаат построг надзор на терен и врз родителското право, за што се преземаат акции во соработка со МВР.

- Во институциите чија основна функција е да ги заштитат децата доколку некој ги прекршува нивните права, постои закоченост во административниот процес и префрлање на одговорноста. Наместо да се покрај нив и да ги бранат нивните права, тие ги прекршуваат. Поради тоа малолетниците се плашат да пријават насилство - велат од „Меѓаши“.

Во 2011 година во „Меѓаши“ примиле повици и за 14 деца-питачи и за тоа наводно ги алармирале во Министерството за труд и социјална политика.

- Ние не можеме да интервенираме и да ги тргнеме децата од улицата. Немаме такви ингеренции. Поради тоа, штом добиеме каква било информација ги информираме. Претходно им се обраќавме писмено, сега телефонски. Некогаш добиваме потврден одговор дека било постапувано по нашата дојава, некогаш не. Не стигнале да го најдат детето, оти тие како по правило не стојат на едно место - вели Катерина Конеска, програмска раководителка во првата детска амбасада во светот.

Од Министерството за труд и социјална политика пак демантираат какво било пријавување од „Меѓаши“.
- Никогаш досега не сме имале какво било јавување од оваа невладина организација за деца-питачи.
Имаме пријави, но тоа се од граѓани. Пред неколку дена интервениравме во два случаја во Скопје, за еден во Тафталиџе и за еден во центарот на градот. Ни се јавија од ресторан во кој влегле децата и н? информираа, по што веднаш интервениравме - вели Ирена Казанковска, координаторка на проектот за децата-питачи при Министерството за труд и социјална политика.
 
Автор: Т.К.