Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.39


Дневен Центар за деца кои не посетуваат училиштеКако и до сега, и во новата 2011 година продолжува со работа и активности Дневниот центар за деца кои не одат на училиште при Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

Овој Дневен Центар континуирано функционира од 2007 година со поддршка од бизнис секторот и граѓаните, кои преку донации ја помагаат неговата работа.

Во рамки на Дневниот Центар оваа година беа регистрирани 45 деца на возраст од 5 до 17 години, но само 15 од нив редовно го посетуваат Дневниот Центар. Овие дечиња добиваат ужинка, чиста облека обезбедена како донација од страна на граѓаните, обувки, услови за одржување на личната хигиена и можност преку дружење, креативно и едукативно да го искористуваат своето време.

Истовремено, Детската амбасада Меѓаши презема активности и прави напори да им обезбеди полесен пристап до здравствена заштита на овие дечиња, да им помогне при информирање и остварување на нивните права, но и да им даде поддршка на нив и нивните семејства за надминување на проблемите со кои тие се соочуваат.

Покрај наведените услуги кои им се нудат на децата кои го посетуваат Дневниот центар и на нивните семејства, нашите напори се насочени пред се  кон вклучување на овие деца во редовниот образовен процес.

За таа цел, Детската амбасада Меѓаши остварува контакти и со родителите на овие дечиња и постојано им укажува на придобивките и потребата од образованието.

Бидејќи поголемиот дел од децата кои го посетуваат Дневниот центар за деца кои не одат на училиште се деца кои од различни причини се исклучени од образовниот процес, Дневниот центар им помага и им овозможува да се стекнат со знаења, преку едукативни активности водени од страна на волонтери.

Волонтерите кои работат со овие деца, најчесто се студенти и дипломирани лица од факултетите по педагогија, психологија и Институтот за социјална работа и истите согласно интересите на децата, им помагаат во стекнување на основни знаења (учење букви, бројки, цртање, боење, изработка на честитки....).

Воедно, Првата детска амбасада во светот Меѓаши сака јавно да изрази благодарност до пекарниците „Росана“ – Скопје кои редовно ја помагаат работата на Дневниот Центар и обезбедуваат бели пецива за дечињата, како и на компанијата „Подравка“ кои во месец Декември 2010 година ни донираа од асортиманот на нивните производи за потребите на Дневниот Центар.