Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.38

Има ли во Македонија трговија со деца?Родителската негрижа, потфрлувањето на институциите, организираната мрежа препродавачи на деца и трговија со органи. Сето ова се причини за зачестеното исчезнување на деца во земјава, тврдат експертите.

Полицијата се уште трага по петгодишната Мерсида Хелдовиќ од кумановско Бавчи, како и по нејзиниот врсник и сосед, Дане Мемеди.

Дали станува збор за родителска негрижа или пак во кумановскиот крај проработила криминална група која се занимава со трговија на луѓе?

„Не смее да се отргнат како сомнеж и варијанта дека децата се киднапираат за трговија со органи, за детска порнографија, детска проституција“, изјави Ангелина Чалаковска, детска амбасада „Меѓаши“.

Полициски извори за А1 објаснуваат дека постојат неколку шеми на препродавање на деца. Цената се движи од 5 до 30 илјади евра.

Малолетните деца се продаваат на организиран ланец кој се занимава со питачење, детето се изнесува од земјава преку нелегални премини и завршува во Косово, Србија или Романија.

Статистиката покажува дека од 2000 до 2009 година за исчезнати биле пријавени 51 дете. Од нив, најдени се 49, од кои 4 биле починати. Десет години МВР трага по Љунтерие Исени од скопско Трубарево.

Тригодишниот Сунај Шакири од Крушопек пак, бил пријавен за исчезнат уште во 2002 година. Сите овие случаи, ги обединува една работа - речиси сите исчезнати деца потекнуваат од рурални средини и живеат во супстандардни услови.

„Не е целата одговорност да не се префрла само на родителите иако тие ја имаат најголемата одговорност во воспитувањето. Тука се и државните институции од кои што се очекува да бидат на терен и да вршат увид во овие семејства“, вели Ангелина Чалаковска, детска амбасада „Меѓаши“.

Се очекува - полициските и социјалните служби поинтензивно да работат, за да ја откријат причината - дали родителската негрижа или пак ланецот на организиран криминал придонесува за интензивното исчезнување на малолетни деца од руралните средини.