Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.29


Остра реакција и осуда за злоупотребата на децата во политички цели од страна на министерот за одбрана на Република Македонија и Детската амбасада за сите деца во светот од Прилеп

Најостро ја осудуваме злоупотребата на децата во политички цели при вчерашното одбележување на денот на АРМ каде децата беа вклучени во агитирање и политичка кампања за влез на Македонија во НАТО. Вчудоневидени сме што како покровител на овој настан се јавува министерот за одбрана господинот Лазар Еленовски.


На Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ позната и е партиската ангажираност на господниот Дамјанчо Стојановски генералниот секретар на Детската амбасада за сите деца од Прилеп. Тој е член на Централниот комитет на партијата на господинот Тито Петковски претседател на Новата социјалдемократска партија.

Да се настапи со мото “Македонија во НАТО, ние децата нивно злато” говори доволно и за покровителот министерот за одбрана на Република Македонија и за организаторот Детска амбасада за сите деца во светот. Сметаме дека и Народниот правобранител треба да реагира за заоупотреба на децата во политички цели затоа што тоа се случува од страна на едно министерство и една невладина организација кои се јавуваат како подржувачи и организатори на злоупотреба на деца за политички цели. Воедно, ова е срам за ова министерство кое троши државни пари од граѓаните и поддржува граѓанска организација која ги злоупотребува децата за политички цели.

Првата детска амбасада во светот - МЕЃАШИ веќе неколку години јавно се оградува од оваа организација која го злоупотребува името Детска амбасада. Таа служи на интересите на одредени партиски структури и не се грижи за најдобрите интереси на детето предвидени според Конвенцијата за правата на детето. Во конфликтот во 2001 година има деца чии родители загинаа и од страна на АРМ и од страна на ОВК. Децата на загинатите родители подеднакво тагуваат за своите родители и треба да бидеме внимателни тагувањето и сочувствувањето за родителите да не се одбележува на едно национална или верска основа како што тоа го прави Детската амбасада за сите деца во светот од Прилеп. Децата се само деца. 

Амбасадата МЕЃАШИ се залага граѓанските организации да им помагаат на сите деца чии родители загинале во конфликтот 2001 година, а не истите да се злоупотребуваат вклучувајќии ги во одбележување на централни прослави, дефилеја на АРМ, ОВК или да учествуваат во политички кампањи на партии или за влез во НАТО.

Воедно, вчерашното дефиле потсетува на едни поранешни претседателски избори каде децата држеа пароли на кои пишуваше: За Македонија и животот ќе го дадеме.

Децата се најмоќни ако им се посвети внимание, ако им се даде љубов, образование, ако не се злоупотребува нивниот труд, ако не се користат за економски, политички цели. Немоќ на политичарите е кога ги злоупотребуваат децата во  политички цели и кога сметаат дека децата се најмоќни да ја поддржат Македонија за влез во НАТО, да ја поддржат пред меѓународниот фактор.

Зарем не е злоупотреба во политички цели, 5 часа на 40 степени децата да собираат потписи и агитираат за влез во НАТО, пред очите на македонската јавност и министерот за одбрана?  Ова е чиста манипулација на децата во пропагандни цели и туѓи за децата вредности и е еднаква и полоша од таа што ја прават политичките партии за време на партиски митинзи и кампањи. Згора на се, политичката злоупотреба ја прави организатор кој треба да се грижи за правата на детето, пред очите и во името на покровителот министерот за одбрана на Република Македонија и целата македонска јавност. Министерот за одбрана на Република Македонија треба да е подготвен да ги брани правата на децата а не да ја потврдува нивната злоупотреба  како покровител кој воедно добро знае дека НАТО е воена организација.  А таа Детска амбасада за сите деца во светот треба да се избрише од регистерот на граѓански организации на Република Македонија бидејќи ги крши правата на децата загарантирани со Уставот на Република Македонија и Конвенцијата за правата на детето  ретификувана во Собранието на Република Македонија во 1993 година