Индивидуални донатори

Благодарение на донациите од граѓаните кои досега во најголем дел беа реализирани преку кутиите за донации успеавме да ја одржиме работата на АлоБушавко телефонот и плаформа за деца и млади, континуирано во функција од 1993 година. Значајно е да се наведе дека повеќе од 15 години оваа линија која е од круцијално значење за децата беше проектно непокриена и благодарение на донациите од граѓаните не запре во ниту еден момент. Ваквиот тип на донации исто така даде голем придонес во функционирањето на Социјалниот сервис преку кој со години континуирано се обезбедуваат облека и обувки а повремено и храна за ранливи категории деца. Дневниот центар кој повеќе не е во функција имаше значајна улога за повеќе генерации деца од општина Аеродром кои не одеа на училиште а истиот одреден период функционираше благодарение на поддршката од индивидуалните донатори.

Бескрајно сме благодарни што граѓаните ја препознаа потребата и важноста на овие сервиси и што несебично донираа во изминатиот период. На тој начин тие ни помогнаа да ја следиме мисијата и визијата на организацијата и тогаш кога беше најтешко и кога немаше други фондови за да се одржи работата на сервисите и да се даде поддршка на најранливите.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши ќе продолжи да ги следи потребите на децата и со вашата поддршка ќе овозможиме тие да го добијат она што им е потребно и тогаш кога нема проекти и средства обезбедени од домашни или странски донатори.

Обезбедените средства од индивидуални донатори може да се видат во нашите финансиски извештаи и преставуваат мал но значен дел од годишниот буџет на организацијата. Тие за нас преставуваат мотив да продолжиме, знак дека сме препознаен и корисен чинител во општеството и дека филантропијата постои и во нашата држава.

Во оваа категорија Првата детска амбасада во светот Меѓаши ги вклучува и сите индивидуи кои несебично го вложиле своето време и знаење како донација за успешна реализација на нашите програми и сервиси а со цел: поправеден свет за секое дете.

Корпоративни донатори

Донациите од бизнис секорот како извор на обезбедување средства за активностите на Првата детска амбасада во светот Меѓаши преставуваат мал но значаен процент од годишниот буџет на организацијата. Во изминатите години соработките со бизнис секторот главно биле во насока на поддршка на нашите сервиси особено во моменти на криза и немање средства кога се доведувало во прашање функционирањето на истите. Ваквиот вид на соработки е важен не само поради обезбедување континуитет во работењето на сервисите и спроведувањето на активностите туки и поради заеднички ангажман при решавање важни прашања поврзани со децата и нивните права.

Како позначајни придонеси на корпоративните донатори би ги издвоиле активностите за поддршка на ранливи категории деца преку хуманитарни акции, новогодишни пакетчиња како и кризни состојби (поплави, војни, земјотреси), поддршка на АлоБушавко линијата и платформа за деца и млади, како и донациите во производи или услуги.

Последна поголема соработка со бизнис секторот беше соработката со многу компании по повод 30 годишнината на Првата детска амбасада во светот Меѓаши поточно настанот „Да ги вратиме детските насмевки во мода“ кога истите дадоа придонес во обезбедувањето континуитет во работата на АлоБушавко линијата и платформа за деца и млади.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши е секогаш отворена за соработка со бизнис секторот во кој гледаме партнер кој не е само донатор на средства туку има и активна улога во процесот на планирање на акивностите и го следи имплементирањето. Воедно Првата детска амбасада сериозно ја зема  предвид општествената одговорност на компаниите така што средствата кои подразбираат набавки на производи и услуги од бизнис секорот ги насочува кон таков вид на компании. Еден од критериумите за избор на добавувач покрај цена и квалитет е и општесвената одговорност, што значајно влијае при изборот на добавувач.

Проектни и програмски донатори

Како најголем и мошне значаен извор на финансирање на Првата детска амбасада во светот Меѓаши се домашните и странски програмски и проектни донатори. Во годишниот буџет со убедливо најголем дел учествуваат донаторите на програми и проекти кои најчесто во целост ги покриваат трошоци за имплементација на активностите предвидени во апликациите.

Благодарение на овие грантови Првата детска амбасада во светот Меѓаши успева да направи поголем импакт и да влијае врз создавањето на посакуваните општествени промени фокусирани кон подобрување на одредени аспекти од инетерес за децата и нивните права. Во текот на досегашната работа Детската амбасада Меѓаши има спроведено бројни проекти со цел постигнување на целите прецизирани во мисијата и визијата како и цели поставени во стратегиските планови.

Целта на Првата детска амбасада во светот Меѓаши е да обезбеди ваков тип на средства за сите сервиси и програми, да може да обезбедува средства за организациски развој и проширување и подобрување како на тековните така и за воспоставување нови активности.

Позначајни и понови грантовски поддршки на Детската амбасада Меѓаши се:

  • Германското федерално министерство за економска соработка и развој = БМЗ
  • Курве Вустров
  • ЗФД
  • Швајцарска амбасада
  • Словачка амбасада
  • Град Скопје
  • Цивика Мобилитас
  • Аригатоу

Scroll to top