СТАНИ ВОЛОНТЕР/КА
Волонтирање или доброволна работа е дејствување на луѓе кои имаат добра волја да го вложуваат своето слободно време, труд, знаење и работа за добробит на заедницата без паричен надомест. Волонтирањето е еден од најсилните елементи кои интензивно придонесуваат за демократските промени во секое општество. Преку волонтирањето се создава чувство на одговорност кон заедницата, кон децата и воопшто луѓето од сите возрасти, постојано освестувајќи ја важноста на вредностите како: солидарност, заедништво, рамноправност, ненасилство, грижа за околината итн. На тој начин работејќи за другите градиме поправедно општество и истовремено работиме и за себе.
Што е потребно за волонтирање: мотивираност, емпатија, способност за активно слушање, исполнителност, посветеност, интерес, време, јасна и недвосмислена желба за доброволна работа во која имате знаење и способности, или да сте подготвени да учите ако немате доволно познавања.
Волонтерите и волонтерките секогаш биле и се многу важен дел од работата на ПДАС Меѓаши. Секоја година се вклучуваат нови волонтер(к)и кои добиваат континуирани обуки на различни теми преку кои им се овозможуваат повеќе придобивки (развивање чувството на грижа за децата, желбата за соработка, позитивен ангажман, чувството на општествена поврзаност, развој на граѓанска свест, запознавање на младите со улогата и работата на граѓанскиот сектор...) Програмата за волонтирање ја креираме и со цел да им овозможиме на младите да учат, да се надградуваат и лично и професионално, да се вклучуваат како активни граѓан(к)и во општествените текови, развивајќи го нивниот сензибилитет за различни општествени прашања кои се важни за нив и од нивен интерес. Затоа Детската амбасада МЕЃАШИ е отворена за волонтер(к)и (студенти и/илидипломирани психолози, педагози, социјални работници кои активно би се вклучиле во дежурства на Алобушавко/телефонот за да остане достапен на децата 24/7ч. Покрај дежурството, волонтер(к)и ( студенти, дипломирани и/или средношколци) се потребни на Ало Бушавко телефонот за деца и млади и во делот за промоција, грижа за социјалните мрежи, креирање промотивен материјал, kако и за активно вклучување во секојдневната работа на организацијата и во активности поврзани со проекти.
Со започнување на волонтерскиот ангажман, волонтерите ќе имаат обезбедена обука за Политиката за заштита на децата, преку работа и директно вклучување во работата и активностите на ПДАС Меѓаши.
Како да станеш волонтер: Јави се на 070 390 632 во секое време или на alobushavko@childrensembassy.org.mk