Заедно да помогнеме на децата кои живеат во сиромаштија !

Да помогнеме на 50 семејства кои преживуваат ден за ден немајќи средства за обезбедување основни намирници за живот. Да дадеме мал придонес кон ублажување на последиците од сиромаштијата врз децата и семејствата со деца.

Последиците од последните покачувања на цените на прехрамбените и хигиенски производи најмногу ги погодиja семејствата кои живеат во сиромаштија. Претходно тешката состојба во која се наоѓаа овие семејства сега станува неподнослива и нечовечна, борбата за преживување е секојдневна, стравот и стресот уште поголеми, особено кога станува збор за секојдневието на децата во овие семејства. Сите сме сведоци на последиците од глобалната криза произлезена од пандемијата и војните и многумина од нас веќе ја забележуваат разликата во куповната моќ на подинецот и семејствата.

Кога инфлацијата и глобалната криза натежнуваат над општествената и онака тешка состојба и кога децата од ризични категории се дополнително материјално обесправени, тогаш од есенцијална важност е филантропијата да се воздигне на највисоко ниво. Прва детска амбасада во светот Меѓаши - Република Македонија многупати досега спроведувала активности за подршка на ранливи групи семејства преку обезбедување хуманитарни пакети. Најчесто средствата за овие пакети беа проектно обезбедени или набавени од сопствени извори како економски активности или донации на средства обезбедени од кутии за донација поставени во маркети.

Последната ваква активност се случува во моментов на објава на овој повик и сакаме да ја пренесеме состојбата од терен и потребата на овие семејства од ваква поддршка. Станува збор за различни категории семејства со деца, самохрани родители со едно или повеќе деца, семејства со разведени родители, многудетни семејства, семејства со деца со попреченост и други. Современиот начин на комуникација и развојот на технологијата односно во конкретниот случај можноста преку оваа платформа да допреме до повеќе граѓани на еден поинаков начин, ни дава надеж дека можеме во поголем број, заеднички да придонесеме во континуирана поддршката на овие семејства.

Scroll to top