Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.36 » Тренинзи, обуки и конференции

РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА ”ЗАШТИТА НА ДЕЦА ОД ЗЛОСТАВУВАЊЕ И ЗАНЕМАРУВАЊЕ Конференцијата започна на 22.09.2009 год. во Пржно, Црна Гора. Присутни беа претставници од државниот и невладиниот сектор на 6 балкански држави (Босна и Херцеговина, Македонија, Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора), како и г-ѓата Leen Decadt претставник и проект менаџер на CHI. Од Детска амбасада Меѓаши учествуваа Гордана Пирковска Змијанац и Ангелина Чалакоска, од Министерството за труд и социјална политика - Елка Тодорова, од Народниот Правобранител – Невенка Крушаровска.

            Целите на оваа конференција беa меѓусебно запознавање со искуствата и праксата на земјите од регионот од областа на заштита на децата жртви на злоставување и злоупотреба, воспоставување на соработка помеѓу државниот и граѓанскиот сектор како и разгледување на можностите и значајноста од развивање на регионална мрежа на СОС советодавни телефони за подршка и помош на децата жртви од злоставување и злоупотреба. Исто така една од целите беше и подигање на јавната свест во регионот за оваа појава и проблем.

            На 23.09.2009 после воведниот дел и запознавањето со целите на конференцијата секоја од земјите учеснички имаше можност да пренесе дел од сопственото искуство. За искуството од Босна и Херцеговина говореше Амира Крехич-Институт од канцеларијата на Обдусманот за човекови права во Босна и Херцеговина, најмногу за препораките добиени од комитетот за правата на детето и Јагода Савич од”СОС 1209,,-Сараево за состојбата од областа на семејното насилство, за пречките и последиците од досегашната работа како и за јакнењето на јавната свест за овој проблем. За искуството од Македонија говореше Елка Тодорова претставничка од Министерството за труд и социјална политика, Гордана Пирковска Змијанац го пренесе искуството од работата на СОС линијата, за видот на проблемите кои најчесто се пријавуваат (злоупотреба и запоставување на деца), променетиот тренд на возраста на јавувачите (порано повеќе биле деца, а сега повеќето се возрасни кои се загрижени за децата) и за проблемите со кои се соочува СОС службата (финансиските, проблеми и позитивни искуства од соработка со државните институции) и нејзината презентација ја заврши со тоа што и даде збор и на г-ѓата Невенка Крушаровска заменичка на Народниот правобранител и раководителка на одделението за детска заштита. Искуствата од Словенија низ презентација беа пренесени од Леа Лаворник претставник од Министерството за труд и социјална политика како и од Мајда Струц од Одборот за детски права при здружението на пријатели на младите. Од Србија говореше заменик Народениот правобранител и г-динот Милан Маркович од СОС детска линија. За искуството од Хрватска од областа на заштитата на децата и детските права говореше прво Лидија Петрович, претставничка од Правобранителството за деца и Хана Хрпка, претседателка на Храбри Телефон од Загреб. Последни беа претставниците од Црна Гора, г-ѓата Светлана Совилј од Министерството за труд и социјална политика и Марина Лутовац од НВО – Деца прије свега. Г-ѓата Марина се заблагодари за пренесеното искуство од останатите земји, бидејќи за нив како нова организација е од голема важност да чујат како повеќе искусните организации работат на полето на заштита на децата од злоставување и запоставување.

            Работниот ден заврши со работа во мали групи, работата беше водена од Leen Decadt од CHI, секоја од групите работеше на различни теми: злоставување и злоупотреба на деца во семејството, злоставување и злоупотреба на деца во училиште, економска злоупотреба, запоставување. Целта беше заедно да пронајдеме причините, последиците и можните начини на реагирање при појавата на овие проблеми.

            На 24.09.2009 работниот ден започна со состанок на претставниците на СОС телефоните од регионот на кој беше разгледувана идејата и потребата од формирање на заедничка мрежа за размена на искуствата и идејата за воведување на еден СОС број кој би функционирал во земјите од регионов. Идејата беше општо прифатена од присутните и продолжување на соработката со цел реализација на оваа идеја.

            Потоа следеа работилниците: Ангелина Чалакоска како координатор на СОС телефонот за деца и млади присуствуваше на работилницата со тема Менаџирање на волонтери, водена од страна на Хана Хрпка и Јелена Томич од Храбри телефон Хрватска. Гордана Пирковска Змијанац ја водеше работилницата Што значи да се биде волонтер на која повеќето од присутните беа младите волонтери од Црна Гора кои имаа прилика да се запознаат повеќе со значајноста од волонтирањето, улогата на волонтерот (дискутираа за правата и обврските на волонтерот). На работилницата организирана од Јагода Савич можевме подетално да се запознаеме за значајноста од Емоционалната подршка и разбирањето на корисниците на услугите на СОС линиите.

            Работниот ден заврши со презентирањето на единствениот европски број за помош и подршка на деца 116 111 за кој говореше Leen Decadt од CHI. Таа го пренесе досегашното искуство од воведувањето на овој број во државите членки на ЕУ и значајноста и можностите за ширење на овој број и во останатите држави кои сеуште не се членки. Секоја од делегациите присутни на конференцијата добија инструкции и предлози кои во иднина треба да ги разгледат и да одлучат како би можеле овој број да го воведат и во сопствената држава.

            Она што за нас како претставници беше многу значајно од оваа конфернција се размената на искуствата, можноста да ги пренесеме нашите позитивни и негативни искуства на полето на заштита на детските права, согледувањето на можностите за унапредувањето на соработката со државните институции и со организациите од државите во регионов и подобрување на работата за заштита на детските права. Како координатор на СОС линија за Ангелина Чалакоска од особена важност беше присуството на работилницата за менаџирање на волонтери кое ќе и помогне за поуспешно работење во иднина и поефикасно функционирање на СОС службата. 
 
Подготвила: Ангелина Чалакоска – координаторка на бесплатниот СОС телефон за деца и млади.