Почетна » СОС телефон » Информации за СОС телефон


СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 при Првата детска амбасада во светот Меѓаши активно функционираше и во текот на 2010 година и истиот ја одбележа 17 годишнината од неговото постоење.

Во периодот од месец Јануари до Декември 2010 година, на СОС телефонот беа регистрирани вкупно 239 пријави на најразлични случаи на прекршвање на правата на децата од страна на возрасни, деца и млади.

И во 2010 година продолжи трендот возрасни лица да се обраќаат на СОС телефонот, барајќи совети, информации и да ја изразат загриженоста кога се сведоци на случаи на кршење на детските права. Од вкупниот број пријавени случаи 87,03% беа пријави од страна на возрасни лица, а само 7,95% од случаите беа пријавени од страна на деца, што покажува дека децата и понатаму се плашат да зборуваат отворено за појавите на кршење на нивните права што од другастрана покажува низок степен на доверба дека институциите ќе им помогат. Стравот, несигурноста, ниската самодоверба, недовербата во институционалната заштита и неинформираноста за службите кои треба да обезбедат помош и подршка се најчесто причината поради која децата молчат, го трпат насилството и ретко гоговорат за истото. 

Најголемиот дел од контактите и пријавите и во 2010 година како и до сега, беа остварени преку бесплатниот СОС телефон за деца и млади 0800 1 2222 со 59,83% од вкупниот број добиени пријави, но во некои случаи граѓаните се обраќаа за помош, поддршка и информации и со директни посети во СОС службата на Детската амбасада Меѓаши и преку електронска пошта.

Во однос на случаите за кои најмногу не контактираа граѓаните, најголемиот број на пријави, вкупно 46 се однесуваа на проблеми поврзани со кршења на правата на детето при бракоразводни постапки. Тоа најчесто се проблеми поврзани со доделување на старателство а при тоа не се змеа предвид мислењето на детето со кој родител сака да живее; проблеми поврзани со сотварување на праваото на видување со децата и со остварување на родителско право; остварување на правото на алиментација, но и јавувања поврзани со промени во психичката состојба на децата во периоди на развод и нарушена комуникација помеѓу нивните родителите.

Овие податоци говарат дека бракоразводите во Република Македонија се во енормен пораст, а децата во најголем број од овие ситуации се директи сведоци на нарушената комуникација на своите родители, но и жртви во овие постапки. Во голем дел од пријавените случаи, забележана е злоупотреба на детската личност и кршење на правата на детето од страна на едниот или другиот родител, кои не секогаш при вакви ситуации ги земаат предвид детските мислења, потреби и интереси. 
 
Семејното насилство е “тренд” кој секоја година се наоѓа на врвот на пријавени случаи на СОС телефонот за деца и млади при Детската амбасада Меѓаши. Проблемите поврзани со семејно насилство, вклучувајќи го и физичкото, сексуалното и  психичкото насилство врз децата, како и негрижата на родителите за своите деца се наоѓаат веднаш по проблемите со бракоразводни постапки, со вкупно пријавени 43 случаи, односно со 17,99%. Од овие случаи, 25 се однесуваа на пријави за физичко насилство врз децата, 7 на психичко насилство и 11 пријави се однесуваа за негрижа или запоставување на деца.

Сепак во сите случаи на физичко насилство, истото е проследено и со психичко насилство, односно закани, заплашувања и уцени, со што бројот на случаи на психичко насилство може да се зголеми.

Согласно податоците на СОС телефонот, во се поголем број на случаи, физичкото и психичкото насилство се јавуваат како последица на користење алкохолни или наркотични средства од страна на насилникот. Со оглед на овие податоци, од вкупните пријавени 25 случаи на физичко насилство, 8 се резултат на проблеми со зависности.

Гледано од аспект на децата жртви, најголемиот број од децата жртви биле на возраст од 0 до 6 години, а со мала разлика се децата на училишна возраст, односно од 7 до 13 години. Децата на возраст од 14 до 18 години, се почести жртви на психичко насилство, а во поретки ситуации и на физичко. Истовремено, податоците на СОС телефонот говорат дека најголемиот број на деца жртви потекнуваат од урбани средини или истите едноставно повеќе го пријавуваат насилството.

            Следни по бројност од пријавите добиени на СОС телефонот, беа проблеми кои се однесуваат на насилство во воспитно-образовните институции.

Добиените податоци говорат дека иако согласно законите, физичкото и психичкото малтретирање на учениците е забрането, сепак истото во секојдневието е присутно. Во 2010 година на СОС телефонот беа пријавени вкупно 19 случаи кои се однесуваа на физичко и психичко насилство на релација наставник – ученик, како и на релација ученик-ученик.

Најголемиот број од овие пријави се однесуваа на психичко насилство од страна на наставници кон ученици, а втори по бројност беа проблемите кои се однесуваа на физичко насилство помеѓу наставник-ученик и физичко насилство помеѓу ученици.

Пример:

            Во текот на 2010 година добивме дојава од загрижен родител кој не информираше за физичко насилство од страна на професор/ка во основно училиште во Република Македонија, врз неговото/нејзиното дете.

Имено, професорот/ката го повикала ученикот да застане пред таблата, при што започнал/а да го удира по пределот на главата, пред очите на останатите соученици. Притоа, како причина за ваквото однесување на наставникот/чката, било зборувањето на ученикот со еден од соучениците во одделението.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши, веднаш по добиената дојава на СОС телефонот за деца и млади, за овој случај го информираше Државниот просветен инспекторат и Народниот правобранител за детално разгледување на случајот и преземање на соодветни мерки и активности, со цел заштита на најдобрите интереси на децата.

По нашето обраќање, Државниот просветен инспекторат не извести дека во соодветното училиште извршен е вонреден инспекциски надзор и предложени се мерки и активности, согласно Правилникот за изрекување на педагошки мерки, кои треба да се преземат од страна на Директорот/ката на училиштето, со цел да се надмине настанатата состојба и  да се утврди одговорноста на наставникот/ката за непочитување на одредбата од член 53 од Законот за основно образование, според која: „Забрането е телесно и психичко малтретирање на ученикот“.

Постапката е во тек Првата детска амбасада во светот Меѓаши го следи случајот.

Карактеристично за овие случаи е што поголемиот број од нив се случиле во училишта кои се наоѓаат во руралните средини или во помалите градови на Република Македонија.

СОС телефонот за деца и млади претставува директна служба за помош и поддршка на децата, младите и нивните семејства и им овозможува со само еден телефонски повик да добијат помош и информации, стручен совет, психо-социјална поддршка или едноставно да разговораат за  проблемите со кои се соочуваат.

Принципот на работа на СОС телефонот се состои во разговори со јавувачот за проблеми  при што нашите оператори не се нудат готови решенија за проблемот, туку се нудат можни алтернативи за решавање на истиот, со цел јавувачот да успее сам да дојде до решението на проблемот.

Во рамки на Детската амбасада Меѓаши, на јавувачите им се нудат можности и за директно обраќање во нашите простории, каде ќе им се укаже психо-социјална поддршка од страна на стручни лица.

Во зависност од видот на проблемот за кои ни се обраќаат јавувачите, паралелно со СОС службата функционира и бесплатната правна служба која постапува со писмени обраќања до различни државни и социјални институции, секогаш кога тоа е потребно.

Воедно, бесплатната правна служба по секоја добиена дојава на СОС телефонот за деца и млади за случаи за кои е потребно да бидат и институционално третирани, со писмени обраќања ги контактира и известува надлежните институции. Во текот на 2010 година, бесплатната правна служба постапуваше со 95 писмени обраќања до соодветните институции и во сите случаи баравме заштита на децата, нивните права и интереси.

Најголемиот дел од писмените обраќања беа упатени до Центрите за социјална работа, како и до Народниот Првобранител, надлежните Министерства, Државниот Просветен Инспекторат....

На бесплатниот СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 работат стручни лица – педагог, психолог, социјален работник и правник, а во активностите се вклучени и волонтери, кои најчесто се студенти и дипломирани лица од факултетите по педагогија, психологија, правни студии и Институтот за социјална работа. Овие лица први ги остваруваат разговорите и контактите со јавувачите и истите се во постојана координација и менторство со Координаторот и Ко-координаторот на СОС телефонот за деца и млади и останатите членови од Тимот на Првата детска амбасада во светот Меѓаши.


 Годишен извештај - СОС телефон 2010 - PDF


 
Преземи - PDF file