Почетна » СОС телефон » Информации за СОС телефон


СОС-телефон на надежта


Првата детска амбасада во светот Меѓаши е дел од меѓународната мрежа на „Чајлд хелплајн интернешанал‘‘ – која ги обединува СОС сервисите за помош на децата од земјите во целиот свет. Меѓународен ден на СОС – линиите беше одбелеѓан на 17 мај
 
На СОС-телефонот за деца и за млади 0800 12222 на првата детска амбасада во светот Меѓаши минатата година се регистрирани 360 повици и е интервенирано во 199 случаи. Од сите повици, 39,19 проценти се за злоупотреба и насилство врз деца, 34,17 за семејни односи, 7,53 отсто за правни работи, за училишни проблеми се 5,53 и за проституција, питачење и малолетничка деликвенција се 2,51 процента. „Меѓаши“ ги објави овие податоци по повод 17 Мај - Меѓународниот ден на СОС-линиите за помош и поддршка на децата во светот.

СОРАБОТКА

Во досегашната двегодишна работа на СОС-телефонот за деца и за млади, првата детска амбасада воспостави соработка и размени искуства со СОС-телефоните од Белград и од Ниш, со СОС-телефоните од Швајцарија, Белгија, Германија, Холандија и со СОС-телефонот за жени и деца-жртви на насилство од Скопје. Воспостави соработка и со СОС-службата за деца и за млади од Франкфурт.

МУЛТИДИСЦИПЛИНАРЕН ТИМ

Во работата на СОС-телефонот е вклучен мултидисциплинарен тим, кој го сочинуваат психолози, социјални работници, педагози, новинари и адвокати. Во тимот се вклучени различни возрасни категории волонтери, не постари од 40 години. Адвокатите двапати месечно преку СОС-службата и медиумите ги информираат децата за нивните права, додека новинарите ги поттикнуваат младите преку радиото и телевизијата низ актуелни теми (децата и сиромаштвото, силувањето врз децата, децата и власта, проблеми во врска со здравственото воспитание, безбедноста во сообраќајот и слично), кои се наметнуваат како проблем пред општествената заедница.

ВОЛОНТЕРИ

Оваа услуга ја овозможуваат многу млади луѓе, студенти и професионалци - психолози, социјални работници, правници... Тие први се соочуваат со апелот за помош. Истовремено, првата детска амбасада во светот при интервенцијата на овие случаи, соработува со народниот правобранител, а за одредени случаи, кога е потребно, ја насочува својата интервенција кон полицијата, судовите, центрите за социјална работа, училиштата и други релевантни институции.

АПЕЛ

Од Меѓаши апелираат до претставниците на Владата, локалната самоуправа, телекомуникациските служби и социјално одговорните бизнис-партнери финансиски да ги поддржат СОС-линиите што им помагаат на децата.

„Македонски телекомуникации“ од 2005 година овозможува бесплатна линија за сите јавувачи до нашиот СОС-телефон за деца и за млади.
Автор: / М.Т.
Нова Македонија, 19 мај 2009
http://www.novamakedonija.com.mk/ShowNews.aspx?ItemID=1185&mid=691&tabId=134&tabindex=0&fCat=4