Почетна » СОС телефон » Информации за СОС телефон


ЛИЧНИ ИМПРЕСИИ НА ВОЛОНТЕРИТЕ НА СОС ТЕЛЕФОНОТ

(лични импресии на волонтерот Вера Глаткова, психолог)

За работата со децата научив од децата, вклучувајќи се и себе си како дете. Децата можат да бидат нашите најдобри учители. Тие знаат како да растат, како да се развиваат, како да учат, чувствуваат, да откриваат, знаат како да се смеат, да плачат, да бидат бесни, знаат што е за нив добро, што им е потребно, како да сакаат, како да се јаки и полни со енергија. Она што е потребно е простор за сето тоа. Кога го немаат тој простор, премногу чуваат во себе, се блокираат, се врзуваат во чвор, а тогаш е тешко да пораснат и да се чувствуваат сигурни.

Тие со право се жалат дека возрасните не ги разбираат, ги игнорираат, не ги прифаќаат, не ги почитуваат, толерираат, ги одбиваат и не ги сфаќаат сериозно. Во разговор со нив откривам дека тие се многу поразумни, многу помудри отколку што им признаваме. Многу од нив се збунети од контрадикторни пораки од возрасните за себе, а сето тоа ги блокира и ја намалува нивната мудрост и способност.

Многу родители на адолесценти не го прифаќаат фактот дека детето им расте. Тие кои го сакаат своето дете се плашат кога треба детето да го пуштат во светот, а знаат дека тоа е неизбежно. Не можат да преземат одговорност за (не)успехот на своето дете, за изборот на другари, за планови за иднина. Не можат постојано да го следат дали води љубов, зема дрога, пуши, пие ... Она што можат е да му кажат на детето што мислат за таквите работи. Да бараат помош во водење на домаќинството во кое живеат, да се договараат за ограничувања кои ги сметаат за важни, да покажат дека се подготвени на детето да му пружат љубов и подршка, да му помогнат да порасне не со тоа што ќе го чуваат и штитат од злото во светот, туку да го научат само да се чува. Да реагираат на позитивните промени кај детето и да се однесуваат во согласност со тие промени. Родителите мораат да почнат на децата да гледаат како на полноправни посебни човечки суштества.

Сите ние заедно, целата општествена заедница, должни сме кон децата да им помогнеме да се чувствуваат посилни и да го видат светот околу себе онаков каков што е, да соберат сили да направат избор за себе кој го сакаат и да знаат кога тоа не е можно.

КОМПАРАТИВЕН ОСВРТ

МЕЃУ РАБОТАТА НА ЅОЅ ТЕЛЕФОНОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИ И ЅОЅ ТЕЛЕФОНОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИ ПРИ СОЈУЗОТ ЗА ДЕЦА - ГЕРМАНИЈА

Во досегашната двегодишна работа на ЅОЅ телефонот за деца и млади, Првата Детска Амбасада воспостави соработка и размени искуства со ЅОЅ телефоните од Белград и Ниш, со ЅОЅ телефоните од Швајцарија, Белгија, Германија, Холандија и со ЅОЅ телефонот за жени и деца жртви на насилство од Скопје.

Соработката со ЅОЅ службата за деца и млади од Франкфурт преку нивниот пропаганден материјал и директната средба на Генералниот Секретар на Амбасадата г-ѓа Гордана Пирковска Змијанац, ни овозможи нам волонтерите сознанија во поглед на нивната организациона поставеност, карактерот на проблемите со кои се соочуваат, начинот на финансирање на службите, третманот на нивната служба во општеството, како и нивниот досегашен развој. Во рамките на Сојузот за деца од 1981 година функционира првиот ЅОЅ дежурен телефон во Франкфурт. Покрај својата советовалишна работа, ја задржува превентивната улога за заштита на децата и младите во борбата против болестите на зависностите. Развиената мрежа на ЅОЅ служби за деца во Германија има висок публицитет не само меѓу младите туку и поширока подршка од општествените субјекти.

Во работата на ЅОЅ телефонот е вклучен мултидисциплинарен тим кој го сочинуваат психолози, социјални работници, педагози, новинари и адвокати. Интересно е што во тимот се вклучени различни возрасни категории на волонтери, почнувајќи од студенти до пензионери, за разлика од нашиот ЅОЅ телефон за кој се уште не пројавуваат интерес доброволци постари од 40 години. Адвокатите двапати месечно преку ЅОЅ службата и медиумите ги информираат децата за нивните права, додека новинарите ги потикнуваат младите преку радиото и телевизијата низ актуелни теми (децата и сиромаштвото, силувањето врз децата, децата и власта, проблеми во врска со здравственото воспитание, безбедноста во сообраќајот и сл.) кои се наметнуваат како проблем пред општествената заедница.

Видот на проблемите е разновиден и мошне сличен со проблемите на децата во Македонија. Сепак, интимните-личните проблеми доминираат, за разлика од нашиот ЅОЅ телефон на кој доминираат меѓуполовите проблеми. Всушност, повисокиот животен стандард и подобрите услови на живеење, им овозможува на децата своето внимание повеќе да го насочат кон развојот на сопствената личност.

Основните принципи на функционирање на оваа ЅОЅ служба се исти како и нашите: потполна дискреција, анонимност и доверливост.

Начин на финансирање на ЅОЅ телефонот:

· доброволни прилози (поединци и организации);
· прилози од членарина;
· уплати од казни;
· додатоци од државата

За разлика од нашиот ЅОЅ телефон кој не прима никакви додатоци од државата како и целокупната работа на Првата Детска Амбасада. Постојано сме во потрага по спонзори за своето функционирање и елементарната подршка за нашето понатамошно работење - изостанува. ЅОЅ телефонот од Франкфурт не се соочува со тие проблеми.

Соработка со институции:

ЅОЅ телефонот за деца од Франкфурт како и нашиот ЅОЅ телефон соработува со многу институции и хуманитарни организации од градот, но и со образовните установи кои се вклучени во едукативната програма на волонтерите. Од вкупно 550 члена на Сојузот, 10% работат на СОС телефонот, за разлика од Првата Детска Амбасада која има 150 возрасни членови од кои 10% се вклучени во работата на ЅОЅ телефонот. Тоа ја отсликува потребата од нови волонтери во нашата служба, особено новинари и адвокати, што би придонело за поефикасно дејствување во поглед на пружање подршка на децата.

Владо Илиевски - волонтер
Студент на социјална политика

СОВЕТУВАЊЕ ИЛИ ЗОШТО ВОЛОНТЕРИТЕ НА СОС ТЕЛЕФОНОТ НЕ ДАВААТ СОВЕТИ

Еден од основните принципи во работењето на СОС телефонот е избегнувањето на давање совети. Иако ваквото правило може да звучи нелогично на неупатениот читател, тоа има своја суштинска оправданост и објаснување во психолошката теорија и искуствата во работењето со луѓе кои побарале помош. Без намера да навлегувам во теоретската разработка на проблемот, ќе наведам неколку принципи кои го прават советувањето несоодветно.

Пред се, советувсњето е нефункционално зашто ретко кој постапува според дадениот совет. Оној кој го дава советот може да биде и најчесто е доживеан како родителски авторитет, што од своја страна често доведува до отфрлање на советот, без оглед на содржината. Како што вели една народна мудрост: "Зрел човек е оној кој што ќе постапи онака како што мисли, дури и тогаш кога тоа се поклопува со советите на неговите родители".

Советувањето има уште една карактеристика поради која што не се практикува. Односно, давањето совети го ослободува оној што го добива советот од одговорност, а одговорноста за себе и своите постапки се префрла на советувачот, што е спротивно на целите на СОС телефонскиот разговор.

Поради овие клучни принципи, волонтерите на СОС телефонот, наместо да даваат совети сочуствуваат со проблемите на јавувачите, ги освестуваат изборите за решавање на проблемите и даваат подршка.

Дејан Атанасов
Волонтер - студент на психологија

ВОЛОНТЕР

Како координатор и супервизор, долго размислував што да напишам за прирачникот за работата на СОС телефонот кој што во декември треба да излезе од печат. Задачата која ми беше поставена ја сфатив токму преку задолженијата кои ги имам. За жал, ми требаше прилично време дури не се сетив дека не би требало да постои дилема за тоа што ќе биде темата на која што ќе пишувам. Или, јас заборавив на волонтерот. Човекот кој доаѓа во просториите на Првата Детска Амбасада на Светот "Меѓаши" и четири часа посветува на проблемите на другите луѓе. Затоа решив овој текст да го посветам на нив, опишувајќи ви еден работен ден на волонтерот.

Волонтерот доаѓа на смена во 16.00 часот. Ја презема својата смена од секретарката во детската амбасада и го зазема своето место покрај телефонот. Потоа од фиоката ја вади тетратката и во неа го заведува своето дежурство. И... Чека да се јави некој. Некој на кој што му е тешко и сака да го сослушаат, некој кој едноставно сака да поразговара за тоа што му се случило тој ден или пак, некој кој што има проблем и не знае како да го реши. Во паузите помеѓу разговорите, волонтерот пие кафе, слуша музика или го упатува на работа новиот волонтер на обука. На волонтерот му се случуваат 4 до 5 јавувања дневно и во 20.00 часот волонтерот го напушта своето место позади телефонот и си оди дома. Преморен од волонтирањето, внесувајќи се во светот на јавувачите кои најчесто бараат помош. Но понекогаш, волонтерот си оди среќен, одморен, со насмевка на лицето. И тогаш знам дека тоа е зашто се јавил некој кој кажал "Многу ми помогнавте". И волонтерот продолжува да слуша и помага, надевајќи се дека ќе има се помалку јавувачи со проблеми, а се повеќе јавувачи кои само ќе кажат "Многу ми помогнавте".

Валентина Чурлиновска - психолог
Координатор на СОС телефонот за деца и млади

ЗА БЕЗБЕДНОСТА НА ВОЛОНТЕРИТЕ

Веќе 3 години волонтирам на СОС-телефонот. Се се одвива по нормален тек, само што на повеќе пати ми се наметнува прашањето околу анонимноста и заштитата на таа анонимност, како и безбедноста на волонтерите на СОС-телефонот. Се случувало повеќе пати да има јавувачи кои се закануваат или застрашуваат без некоја особена причина. Бидејќи нашата служба дејствува и работи во јавна институција-училиште, би сакала овој проблем да се разгледа, затоа што мислам дека тој може да влијае на работата на СОС-телефонот.