Почетна » Права на детето » Препораките на комитетот за правата на детето при ООН доставени до владата на Република Македонија по основ на вториот периодичен извештај и иницијалните извештаи

РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИЗВЕШТАИТЕ ПОДНЕСЕНИ ОД ДРЖАВИТЕ-ЧЛЕНКИ по ЧЛЕН 12(1) ОД ФАКУЛТАТИВНИОТ ПРОТОКОЛ КОН КОНВЕНЦИЈАТА зА ПРАВАТА НА ДЕТЕТО за ТРГОВИЈА со деца, ДЕТСКА ПРОСТИТУЦИЈА И ДЕТСКА ПОРНОГРАФИЈА 
 Завршни забелешки:

Поранешна југословенска Република Македонија
 

1. Комитетот го разгледа иницијалниот извештај на поранешната југословенска Република Македонија (CRC/C/OPSC/MKD/1) на својот 1510-ти и 1512-ти состанок (види CRC/C/SR.1510 и CRC/C/SR.1512), одржани на 27 мај 2010 година, и на 1541-иот состанок, одржан на 11 јуни 2010 година, ги усвои следниве завршни забелешки.
 
Вовед
 
2.                  Комитетот го поздравува поднесувањето на иницијалниот извештај на државата-членка, во кој се наведени детални информации за законските, административните, судските и други мерки кои се применливи во државата-членка во однос на правата кои се гарантираат со Факултативниот протокол. Комитетот исто така ги цени писмените одговори на списокот прашања и конструктивниот дијалог со високата повеќесекторска делегација, која ја предводеше министерот за труд и социјална политика.

 
I. Општи забелешки

 
3.                  Комитетот ја потсетува државата-членка дека овие завршни забелешки треба да се читаат заедно со завршните забелешки за вториот периодичен извештај на државата-членка по Конвенцијата за правата на детето и иницијалниот извештај по Факултативниот протокол за вклученоста на децата во вооружени конфликти усвоен на 11 јуни 2010 година, содржани во CRC/C/MKD/CO/2, односно CRC/C/OPAC/MKD/CO/1.
 

Позитивни аспекти
 

4.                  Комитетот ги поздравува разните мерки што државата-членка ги презема во областите кои се важни за спроведувањето на Факултативниот протокол, меѓу кои:

 
 (a)               измените на Законот за заштита на децата во 2009 година (Службен весник бр. 83) чија цел е да се забрани, меѓу другото, трговија со деца, детска проституција и детска порнографија;

 
(б)        вметнувањето на членот 418-г (трговија со малолетни лица) во Кривичниот законик (Службен весник на Република Македонија бр. 7 од 15.01.2008 година) во кој јасно се прогласуваат за незаконски сите практики согласно Факултативниот протокол, вклучително и можноста за утврдување кривична одговорност за правни лица и за запленување недвижен имот, предмети и возила што биле користени при извршувањето на кривичното дело;

 
(в)        потпишувањето во 2007 година на Меморандуми за разбирање меѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, како и меѓу овие органи и организации на граѓанското општество; и

 
(г)        активноста на Единицата за компјутерски криминал во Министерството за внатрешни работи во откривање детска порнографија.

 
5.                  Покрај тоа, Комитетот позитивно го оценува ратификувањето од страна на државата-членка на:

 
(a)                Хашката конвенција бр. 33 од 1993 година за заштита на децата и соработка во однос на меѓународното посвојување на 23 декември 2008 година;

 
(б)        Конвенцијата на Обединетите нации против транснационалниот криминал, Протоколот за спречување, сузбивање и казнување на трговијата со луѓе, особено жени и деца и Протоколот против трговија со мигранти по копно, море и воздух, на 12 јануари 2005 година; и

 
(в)        Конвенцијата за компјутерски криминал на Советот на Европа во ноември 2004 година.

 
II. ПОДАТОЦИ

 
Собирање на податоците

 
6.                  Комитетот го поздравува собирањето централизирани податоци за случаите на трговија со луѓе од страна на Националниот механизам за упатување и информациите за постојните истражувања за децата на улица со цел да се подготвување идни мерки за заштита на децата од практиките наведени во Факултативниот протокол. Сепак, Комитетот изразува жалење за тоа што тие податоци се достапни само за случаите на трговија и детска порнографија и за немањето информации за стапката на одредени кривични дела опфатени со Факултативниот протокол, особено детската порнографија и  трговија со цел склучување брак.

 
7.                  Комитетот препорачува државата-членка да спроведе детални проучувања за сите прашања опфатени со Факултативниот протокол, особено за трговија со деца со цел склучување брак, за детската порнографија и за сексуалниот туризам со деца и да воспостави еднообразен систем на информации за да се обезбеди дека податоците, распределени, меѓу другото, според пол, возраст и етничко и социјално потекло, се собираат на систематски начин за сите кривични дела опфатени со Факултативниот протокол и се анализираат, бидејќи тие претставуваат основна алатка за проценка, развој на политики и нивно спроведување.

 
III. Општи мерки за спроведување

 
Општи начела на Конвенцијата за правата на децата (членови 2, 3, 6 и 12)

 
8.                  Комитетот со загриженост забележува дека ромските деца се непропорционално застапени во ситуациите на деца на улица и во случаите на трговија со деца со цел склучување брак и искажува загриженост за тоа дека е можно стереотипите за традициите на нивните заедници да ги попречиле напорите за нивно соодветно идентификување како деца-жртви и за обезбедување соодветна заштита и помош.
 

9.                  Комитетот препорачува општите начела на Конвенцијата, особено начелото за недискриминирање , да се вклучат во сите мерки што ги презема државата-членка за да се осигури спроведувањето на одредбите од Факултативниот протокол и особено соодветно да се идентификуваат, заштитат и да им се пружи помош на децата-жртви на сите кривични дела според Факултативниот протокол, вклучително и ромските деца.
 

Законодавство

 
10.              Иако ги поздравува напорите за вклучување разни аспекти од Факултативниот протокол во законодавството на државата-членка, Комитетот искажува загриженост што истите речиси исклучиво се фокусирани на трговијата, притоа занемарувајќи ги останатите аспекти на трговијата со деца.

 
11.              Комитетот ја потсетува државата-членка дека законодавството мора да ја исполни својата обврска во однос на трговијата со деца, концепт што е сличен на трговијата со луѓе, но не и идентичен, за да се обезбеди соодветно спроведување на одредбата за трговија содржана во Протоколот.

 
Национален акционен план

 
12.              Комитетот ја забележува изработката на неколку акциони планови и програми во областите поврзани со трговијата со деца, детската проституција и порнографија, вклучително и Националната стратегија за борба против трговијата со луѓе и незаконска миграција, акциониот план за борба против трговијата со луѓе (2006 година) и програмата за ресоцијализација и реинтеграција на децата-жртви на трговија со луѓе (2008 година). Меѓутоа, Комитетот е загрижен за лошата координација на овие планови и програми и за немањето стратегија или национален акционен план што конкретно се однесуваат на прашањата опфатени со Факултативниот протокол.

 
13.              Комитетот препорачува државата-членка да развие национален акционен план чија конкретна цел е да се решат сите прашања опфатени со Факултативниот протокол и обезбедување соодветни човечки ресурси и финансиски средства за негово спроведување. Притоа, државата-членка треба да обрне посебно внимание на спроведувањето на сите одредби од Факултативниот протокол, имајќи ја предвид Декларацијата и Агендата за акција и Глобалната заложба усвоени соодветно на Првиот, Вториот и Третиот светски конгрес за спречување на комерцијалната сексуална експлоатација на децата одржани во Стокхолм, Јокохама и Рио де Жанеиро во 1996, 2001 и 2008 година.

 
Координација и проценка
 

14.              Комитетот ја забележува изјавата на делегацијата дека Националната комисија за правата на детето има мандат да ги набљудува сите прашања поврзани со правата на детето и искажува загриженост дека оваа Комисија нема конкретен мандат во однос на спроведувањето на Факултативниот протокол. Комитетот забележува со загриженост дека мандатите на неколку агенции се преклопуваат во областа на координирањето, што резултира со фрагментарен пристап кон спроведувањето на Факултативниот протокол, со недостиг на јасни механизми за проценка на влијанието на активностите и со давање предност на активности за справување со трговијата наспроти другите забранети практики.

 
15.              Комитетот и препорачува на државата-членка:

 
(a)                Да размисли за тоа Националната комисија за правата на детето да биде одговорна за координирањето и проценката на сите активности за спроведување на Факултативниот протокол и истата да се обезбеди со човечки, технички и финансиски средства и да и? се даде соодветна позиција во рамките на владата за делотворно извршување на својот мандат; и

 
(б)        Да ги зајакне институционалните механизми за координирање меѓу сите надлежни министерства, одделенија и тела и меѓу нив и регионалните и локалните власти, со цел да се создадат методични и кохерентни пристапи за справување со сите прашања опфатени со Факултативниот протокол.
 

Дисеминација и подигнување на свеста
 

16.              Комитетот ги поздравува активностите на Министерството за внатрешни работи и другите институции за подигнување на свеста на децата, но изразува загриженост дека истите се ограничени на спречување на трговијата со луѓе и дека Факултативниот протокол не се промовира доволно меѓу пошироката јавност и особено меѓу децата и на агенциите кои ги спроведуваат истите; Комитетот изразува загриженост и поради немањето образовни програми за децата.

 
17.              Комитетот препорачува државата-членка да врши дисеминација на Факултативниот протокол меѓу агенциите кои го спроведуваат и да ја запознае пошироката јавност и особено децата со неговите одредби преку, меѓу другото, подготовка и спроведување на долгорочни кампањи за подигнување на свеста и образовни програми, вклучувајќи и наставни планови, за превентивните мерки и штетните последици од сите дела опфатени со протоколот.
 

Обука
 

18.              Комитетот ги цени бројните активности за обука, што државата-членка ги обезбедува во соработка со меѓународните, меѓувладините и невладините организации, и сличните напори. Сепак, Комитетот останува загрижен поради тоа што заложбите за обезбедување соодветна обука на професионалците кои работат со и за децата, особено судиите, обвинителите, службениците за спроведување на законот и социјалните работници, не се методични и не ги вклучуваат сите области опфатени со Факултативниот протокол.

 
19.              Комитетот препорачува државата-членка, во соработка со надлежните организации, да ги зајакне активностите за обука и да одвои соодветни и наменски средства за развој на програми за обука за сите области опфатени со Факултативниот протокол за сите категории професионалци кои се вклучени во неговото спроведување, вклучувајќи и судии, јавни обвинители, полициски службеници, социјални работници, здравствени работници и други категории професионалци, како и медиумите.
 

Одвојување средства

 
20.              Комитетот е загрижен за немањето информации за средствата што се посебно одвоени за спроведувањето на Факултативниот протокол.
 

21.              Комитетот ја охрабрува државата-членка да осигури дека доволно ресурси се одделуваат на правична основа ширум земјата за спроведувањето на сите области опфатени со Факултативниот протокол, особено преку обезбедување на неопходните човечки и финансиски средства за подготовка на и спроведување програми што имаат за цел спречување, заштита, физичко и психолошко закрепнување и општествено реинтегрирање на жртвите, како и водење истраги и покренување обвиненија за сите дела опфатени со Факултативниот протокол.
 

Граѓанското општество

 
22.              Комитетот ги забележува плановите на државата-членка да работи со ромски невладини организации за справување со конкретни прашања, но жали што граѓанското општество не било консултирано при подготвувањето на иницијалниот извештај и дека организациите на граѓанското општество, кои стекнале знаење и експертиза во областите важни за Факултативниот протокол, не биле вклучени во создавањето на политиките и во активностите за негово спроведување.

 
23.              Комитетот ја охрабрува државата-членка да ја продолжи и зајакне својата соработка со граѓанското општество за сите прашања кои се однесуваат на спроведувањето на Факултативниот протокол, не само со поддржување на невладините организации во нивните напори да обезбедат соодветни услуги за децата-жртви, туку и со зголемување на улогата на невладините организации во развојот и набљудувањето на политиките и услугите.

 
IV. Спречување на трговијата со деца, детската проституција и детската порнографија

(член 9, ставови 1 и 2)
 

Усвоени мерки за спречување на делата забранети со Протоколот

 
24.              Комитетот ги забележува заложбите што ги преземаат државните и општинските власти со цел да се спречат делата според Факултативниот протокол. Меѓутоа, Комитетот е загрижен дека наменските превентивни мерки против експлоатацијата на децата, вклучувајќи и нивно ангажирање во присилна работа, проституција и порнографија, како и мерките за откривање на основните причини и обемот, остануваат ограничени. Комитетот исто така е загрижен дека превентивните мерки се ограничени на трговијата со деца и дека центрите за социјална работа не се соодветно опремени за да спроведуваат активности за спречување и откривање согласно нивниот мандат.

 
25.              Комитетот ја охрабрува државата-членка:

 
(a) Да спроведе истражување за обемот и основните причини за експлоатација на децата, вклучително и проституција и порнографија, за да се откријат децата во опасност и да се процени размерот на овој проблем;

 
(б) Да преземе наменски превентивни мерки, вклучително и земајќи ја предвид променливата природа на интеракциите преку интернет, и да соработува со меѓународните меѓувладини и невладини организации во врска со спроведувањето кампањи за подигнување на свеста во сите области опфатени со Факултативниот протокол; и

 
(в)  Да бара, со цел поделотворно спречување во областите опфатени со Факултативниот протокол, техничка помош од, меѓу другите, УНИЦЕФ и другите меѓународни организации и агенции.

 
26.              Државата-членка, преку надлежните власти, треба да ја зајакне соработката со туристичката индустрија, невладините организации и граѓанското општество за да се промовира одговорен туризам, вклучително и преку ширење на Кодексот на однесување на Светската туристичка организација за заштита на децата од сексуална експлоатација во патувањето и туризмот меѓу сите важни партнери.

 
Програми наменети за одредени групи
 

27.              Забележувајќи дека поголемиот дел пријавени случаи на деца-жртви на практиките опфатени со Факултативниот протокол се девојчиња, од кои повеќето се од ромска националност, Комитетот со жалење го забележува немањето мерки и програми наменети за ранливите деца, особено девојчињата, децата од ромска националност, децата на улица, институционално згрижените деца, децата меѓу бегалците и лицата под супсидијарна заштита, децата без придружба и децата разделени од родителите.

 
28.              Комитетот ја советува државата-членка да посвети поголемо внимание на децата во опасност да станат жртви на делата опфатени со Факултативниот протокол, особено децата од ромска националност, децата на улица, институционално згрижените деца, децата меѓу бегалците и лицата под супсидијарна заштита, децата без придружба и децата разделени од родителите, со посебно внимание на нивното пријавување при раѓање, образование и здравствена заштита.
 

V. Забрана на трговијата со деца, детска порнографија и детска проституција и сродни прашања (членови 3; 4, ставови 2 и 3; 5; 6 и 7)
 

Постојни кривични или казнени закони и регулативи
 

29.              Комитетот поволно ги оценува измените на Кривичниот законик за вклучување на одредбите од Факултативниот протокол, особено вметнувањето на член 418-г (трговија со малолетни лица), но е загрижен дека трговијата со деца како што е одредена во член 3 од Факултативниот протокол не е криминализирана. Во тој поглед, Комитетот е загрижен дека ангажирањето на децата во присилна работа и несоодветното добивање согласност за посвојување дете не се гонат судски како случаи на трговија со деца. Комитетот ги забележува позитивните информации од делегацијата на државата-членка, но е загрижен дека важните одредби на Кривичниот законик не ги опфаќаат сите аспекти на поседувањето детска порнографија.

 
30.              Комитетот препорачува државата-членка да го ревидира Кривичниот законик за да се воведе кривичното дело трговија со деца како што е одредено во член 3 од Факултативниот протокол и да се забранат сите облици на поседување детска порнографија.

 
Јурисдикција и екстрадиција
 

31.              Комитетот го поздравува фактот што државата-членка може да воспостави своја јурисдикција за кривични дела извршени во странство или против нејзини државјани, но жали што казненото законодавство не овозможува екстратериторијална јурисдикција за сите случаи наведени во член 4, став 2 од Факултативниот протокол. Покрај тоа, Комитетот е загрижен што екстратериторијалната јурисдикција подлежи на критериумот на двоен криминалитет и што екстрадицијата подлежи на критериумот на реципроцитет.

 
32.              Комитетот препорачува државата-членка да преземе чекори за да се осигури дека домашното законодавство и? овозможува воспоставување и спроведување екстратериторијална јурисдикција за кривични дела опфатени со Факултативниот протокол без критериумот на двоен криминалитет. Комитетот исто така препорачува државата-членка да ја разгледа можноста Факултативниот протокол да биде правна основа за екстрадиција без условот за постоење билатерална спогодба.
 

VI. Заштита на правата на децата-жртви (членови 8 и 9, ставови 3 и 4)

 
Усвоени мерки за заштита на правата и интересите на децата-жртви на делата забранети со Факултативниот протокол
 

33.              Комитетот ги забележува како позитивни напорите на државата-членка да ги подобри мерките за заштита на децата-жртви и плановите за откривање на децата кои биле експлоатирани за просење во туристички места и за време на верски празници. Меѓутоа, Комитетот искажува загриженост за тоа дека заштитата не се обезбедува методично на децата-жртви на кривични дела освен трговија со деца и детска проституција, особено на девојчињата кои се продаваат за склучување брак или децата кои се експлоатираат за присилна работа. Комитетот исто така е загрижен дека децата-жртви на овие практики може да бидат стигматизирани и општествено маргинализирани.

 
34.              Земајќи го предвид член 9 (3), Комитетот ја советува државата-членка да му даде приоритет на обезбедувањето соодветна родово чувствителна помош, вклучително и за нивно целосно општествено реинтегрирање и физичко и општествено закрепнување, на децата-жртви на практиките опфатени со Факултативниот протокол, особено на девојчињата-жртви на трговија со цел склучување брак или децата експлоатирани за присилна работа. Комитетот препорачува државата-членка да осигури децата-жртви на било кои од делата опфатени со Факултативниот протокол да не се ниту криминализирани ниту казнети како такви и да ги преземе сите можни мерки за да се избегне нивно стигматизирање и маргинализирање.

 
Мерки за заштита во кривичниот правосуден систем

 
35.              Комитетот го поздравува воведувањето на целосно ново поглавје за заштита на жртви, сведоци и соработници на правдата во Кривичниот законик. Сепак, Комитетот е загрижен дека во некои случаи судовите наводно дозволиле соочување на децата-жртви со обвинетите.

 
36.              Земајќи го предвид член 8, став 1, Комитетот силно препорачува државата-членка да осигури заштита на децата-жртви и сведоците во сите фази од кривичната правосудна постапка. Во тој поглед, државата-членка треба да се води од Упатствата за правда во случаи што вклучуваат деца-жртви и сведоци на кривични дела (Резолуција на Економскиот и социјалниот совет 2005/20, анекс).

Закрепнување и реинтегрирање на жртвите

 
37.              Комитетот забележува бројни мерки, вклучително и основање национален механизам за упатување, за стандардни оперативни постапки за работа со жртви и програма за враќање и реинтегрирање на деца-жртви. Сепак, Комитетот е загрижен дека мерките со кои се обезбедува закрепнување и реинтегрирање се концентрирани на децата-жртви на трговија со луѓе. Комитетот исто така е загрижен за немањето информации за средствата што конкретно се наменети за закрепнување и реинтегрирање на децата-жртви според Факултативниот протокол. Покрај тоа, Комитетот е загрижен за немањето посебни услуги за закрепнување и реинтегрирање на децата, вклучително и за недостигот од посебно обучени професионалци, и дека има тенденција за згрижување на децата-жртви во семејства.
 

38.              Комитетот препорачува државата-членка, во соработка со невладините организации и со поддршка на активностите на невладините организации во оваа област:

 
a.                  Да осигури дека се достапни соодветни услуги за децата-жртви на сите практики опфатени со Факултативниот протокол, вклучувајќи и за нивно целосно општествено реинтегрирање и за нивно целосно физичко и психолошко закрепнување, согласно член 9, став 3 од Факултативниот протокол и да осигури дека се распределуваат соодветни финансиски и човечки средства;

 
б.         Да обезбеди пристап до прифатилиштата за деца-жртви на делата опфатени со Факултативниот протокол и да осигури дека децата се одвоени од возрасните и дека на вработените во тие прифатилишта им е обезбедена соодветна обука, особено правна и психолошка обука, согласно член 8, став 4 од Факултативниот протокол; и
 

в.         Да продолжи со развивање специјализирани медицински и психолошки служби за грижа за децата-жртви, вклучувајќи и преку осигурување пристап и достапност на професионалци за ментално здравје на децата.
 

VII. Меѓународна помош и соработка (член 10)

       Мултилатерални, регионални, билатерални спогодби

 
39.              Земајќи го предвид член 10, став 1, Комитетот ја охрабрува државата-членка да продолжи да ја зајакнува меѓународната соработка преку мултилатерални, регионални и билатерални спогодби, особено со соседните земји, вклучувајќи и со зајакнување на постапките и механизмите за координирање на спроведувањето на таквите аранжмани, со цел да се подобри спречувањето, откривањето, истражувањето, судското гонење и казнувањето на оние кои се одговорни за кои било од делата опфатени со Факултативниот протокол.
 

VIII. Последователни активности и дисеминација
 
      Последователни активности

 
40.              Комитетот препорачува државата-членка да ги преземе сите соодветни мерки за да се осигури целосно спроведување на наведените препораки, меѓу другото со нивно пренесување до надлежните министерствата, Собранието и до националните и локалните власти, заради нивно соодветно разгледување и идно дејствување.

 Дисеминација на завршните забелешки

 
41.              Комитетот препорачува извештајот и писмените одговори поднесени од државата-членка и усвоените сродни препораки (завршни забелешки) да се стават на располагање, вклучително и преку интернет (но не и исклучиво) на пошироката јавност, организациите на граѓанското општество, младинските групи, групите на професионалци и на децата, за да се поттикне расправа и свесност за Факултативниот протокол, неговото спроведување и набљудување.

 
IX. Следен извештај

 
42.              Согласно член 12, став 2, Комитетот бара од државата-членка да вклучи дополнителни информации за спроведувањето на Протоколот во својот следен периодичен извештај по Конвенцијата за правата на детето, согласно член 44 од Конвенцијата.