Почетна » Права на детето » Препораките на комитетот за правата на детето при ООН доставени до владата на Република Македонија по основ на вториот периодичен извештај и иницијалните извештаи


КОМИТЕТ ЗА ПРАВАТА НА ДЕТЕТО

Педесет и четврта седница

РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИЗВЕШТАИТЕ ПОДНЕСЕНИ ОД ДРЖАВИТЕ-ЧЛЕНКИ ПО ЧЛЕН 44 ОД КОНВЕНЦИЈАТА

Завршни забелешки:

ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛОВЕНСКА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

1.                  Комитетот го разгледа вториот периодичен извештај на поранешната југословенска Република Македонија (CRC/C/MKD/2) на својот 1508., 1510. и 1512. состанок (види CRC/C/SR.1508, CRC/C/SR.1510 и CRC/C/SR.1512), што се одржаа на 27 мај 2010 година, и ги усвои следните завршни забелешки на својот 1541. состанок, што се одржа на 11 јуни 2010 година.

A.                 Вовед

2.                  Комитетот го поздравува поднесувањето на периодичниот извештај на државата-членка (CRC/C/MKD/2) и писмените одговори на списокот прашања (CRC/C/MKD/Q/2/Add.1). Комитетот исто така изразува благодарност за информативниот и конструктивен дијалог со високата повеќесекторска делегација на државата-членка, што ја предводеше министерот за труд и социјална политика.

3.                  Комитетот ја потсетува државата-членка дека овие завршни забелешки треба да се читаат заедно со завршните забелешки за иницијалните извештаи на државата-членка по Факултативните протоколи кон Конвенцијата за продажба на деца, детска проституција и детска порнографија (CRC/C/OPSC/MKD/CO/1, 2010) и за вклученост на деца во вооружени конфликти (CRC/C/OPAC/MKD/CO/1, 2010).

Б. Преземени дополнителни мерки и постигнат напредок на државата-членка

4.                  Комитетот ги поздравува следните позитивни настани, што имаат за цел заштита и промовирање на правата на децата:

(a)                влегувањето во сила на Законот за малолетничка правда во јуни 2009 година, со кој се воведува закрепнувачка правда и спречување малолетничко престапништво, како и усвојувањето на Акциониот план за 2008-2009 година и подзаконските акти за негово спроведување;

(б)        започнувањето на неколку здравствени програми во 2010 година, особено Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца (Службен весник на Република Македонија бр. 07/2010) и Програмата за систематски прегледи на ученици и студенти (Службен весник на Република Македонија бр. 20/2010);

(в) усвојувањето на Акциониот план за спречување и борба против сексуалната злоупотреба и педофилијата 2009–2012, во кој се посветува внимание на заштитата и давањето помош на децата-жртви и кој предвидува воспоставување координиран систем за соработка меѓу владините институции и меѓу владата и невладините организации; и

(г)        основањето на Националната комисија за правата на детето во 2005 година.

5.                  Комитетот исто така го поздравува пристапувањето или ратификувањето на следните меѓународни и регионални инструменти во текот на периодот на известување:

 (a)               Факултативниот протокол за продажба на деца, детска проституција и детска порнографија на 17 октомври 2003 година;

(б)        Факултативниот протокол за вклученост на децата во вооружени конфликти на 12 јануари 2004 година;

(в)        Конвенцијата за дејствување против трговијата со луѓе и Европската конвенција за државјанство на Советот на Европа на 27 мај 2009 година, односно на 3 јуни 2003 година;

(г)        Хашката конвенција бр. 33 за заштита на децата и соработка во однос на меѓународното посвојување на 23 декември 2008 година;

(д)        Конвенцијата на Обединетите нации против транснационалниот организиран криминал и нејзините два протокола кои се однесуваат на трговијата со луѓе и шверцување мигранти на 12 јануари 2005 година;

(ѓ)        Конвенцијата бр. 29 на Меѓународната организација на трудот за принудна или задолжителна работа на 15 јули 2003 година и Конвенцијата бр. 182 на Меѓународната организација на трудот за забрана и итно дејствување за елиминирање на најлошите облици на детски труд на 30 мај 2002 година; и

(е)        Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд на 6 март 2002 година.
 

В. Главни проблематични области и препораки

1. Општи мерки за спроведување
(членови 4, 42 и 44, став 6 од Конвенцијата)

Претходните препораки на Комитетот

6.                  Комитетот забележува дека на некои од неговите забелешки и препораки што беа дадени по разгледувањето на иницијалниот извештај на државата-членка  (CRC/C/15/Add.118, 2000) им е посветено внимание. Меѓутоа, Комитетот жали што на многу од неговите забелешки и препораки им е посветено недоволно или само делумно внимание.

7.                  Комитетот ја советува државата-членка да ги преземе сите потребни мерки за спроведување на оние препораки од завршните забелешки за иницијалниот извештај што сe уште не се спроведени, вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на ревидирањето на националната законска регулатива за нејзина усогласеност со Конвенцијата, регистрирањето на децата при раѓање, средствата достапни на центрите за социјална работа и интегрирањето на децата инвалидитет во образовните и рекреативните програми и да обезбеди соодветни дополнителни активности во врска со препораките содржани во овие завршни забелешки.

Законска регулатива

8.                  Комитетот е загрижен дека националната законска регулатива не е целосно усогласена со начелата и одредбите на Конвенцијата и дека постои слабо спроведување на законската регулатива.

9.                  Комитетот ја советува државата-членка да продолжи и да го заврши усогласувањето на својата законска регулатива со одредбите на Конвенцијата и да ги преземе сите неопходни регулаторни мерки за целосно извршување и делотворно спроведување, во консултација со сите важни партнери, вклучувајќи го и УНИЦЕФ, и со широко учество на граѓанското општество.

Координирање

10.              Комитетот ја забележува реформата на Националната комисија за правата на детето во септември 2007 година за да се подигне нивото на нејзините членови на државни советници, но е загрижен дека ова тело не е доволно активно во планирањето на политиките и поставувањето на приоритетите за спроведување на Конвенцијата. Покрај тоа, Комитетот е загрижен за ограничените можности на локалните власти, граѓанското општество и децата за учество во работата на Комисијата. И покрај информациите дека Комисијата е надлежна во сите области што се однесуваат на детето, Комитетот исто така е загрижен дека истите не се однесуваат и на Факултативните протоколи кон Конвенцијата.

11.              Комитетот препорачува државата-членка да осигури дека Националната комисија за правата на детето има главна улога во планирањето на политиките и поставувањето на приоритетите за спроведувањето на Конвенцијата. Националната комисија треба да биде обезбедена со неопходните човечки, технички и финансиски средства за да може делотворно да го извршува својот мандат. Составот и методите на работа на Комисијата треба да овозможуваат доволно начини за делотворно учество на локалните власти, граѓанското општество и децата. Покрај тоа, Комитетот препорачува државата-членка да размисли за проширување на надлежностите на Комисијата за истите јасно да ги опфаќаат и координирањето, набљудувањето и оценувањето на активностите за спроведување на Факултативните протоколи кон Конвенцијата.

Национален акционен план

12.              Комитетот го поздравува усвојувањето на Националниот акционен план за правата на детето (НАП) 2006–2015 и подготвувањето на локални акциони планови за спроведување на Конвенцијата од страна на 53 (од вкупно 83) општини. Меѓутоа, Комитетот е загрижен за бавното спроведување на НАП и за тоа дека не се одвоени посебни средства за оваа цел, вклучувајќи и за набљудувањето и оценувањето на НАП.

13.              Комитетот препорачува државата-членка да го забрза спроведувањето на НАП, да ги поттикне останатите општини да усвојуваат локални планови за децата, да обезбеди соодветна распределба на човечки, технички и финансиски средства и да го земе предвид документот „Свет по мерка на децата“, кој произлезе од специјалната седница за деца на Генералното собрание на Обединетите нации во 2002 година, и неговиот Среднорочен преглед во 2007 година.

Независно набљудување

14.              Комитетот ги забележува измените на Законот за Народниот правобранител во 2009 година со кои формално се основа одделение за заштита на правата на детето со кое раководи заменик-народен правобранител, но жали што на ова одделение му недостасуваат овластување, капацитет, човечки и финансиски средства и независност за делотворно да го извршува својот мандат. Комитетот исто така е загрижен дека децата и нивните родители немаат информации за можноста да поднесат претставки, што резултира со многу мал број на претставки од или во име на децата што се доставуваат до Народниот правобранител.

15.              Комитетот препорачува државата-членка:

(a)      Да осигури дека институцијата Народен правобранител е целосно усогласена со Начелата што се однесуваат на статусот на националните институции за промовирање и заштита на човековите права (Париските начела, резолуција 48/134 на Генералното собрание, анекс), земајќи го предвид Општиот коментар бр. 2 на Комитетот за улогата на независните национални институции за човекови права во промовирањето и заштитата на правата на детето (CRC/GC/2002/2), и да бара акредитација од Меѓународниот координативен комитет за националните институции за промовирање и заштита на човековите права;

(б)        Да осигури заменикот-народен правобранител да биде достапен за децата и да биде соодветно опремен за прием и водење истраги за претставките за прекршување на правата на детето на начин што ќе ги има предвид потребите на детето и да осигури дека децата и нивните родители се свесни за можноста да поднесат претставки до оваа институција; и

(в)       Да осигури дека одделението за заштита на правата на детето во рамките на институцијата Народен правобранител располага со капацитет, овластување, средства и финансиска независност што се неопходни за делотворно да го извршува својот мандат.

Распределба на средства

16.              Во контекст на реформите на државната администрација, Комитетот го забележува основањето комисии за правата на детето, усвојувањето на акциони планови за децата и распределбата на средства за нивно спроведување од некои општини. Меѓутоа, Комитетот е загрижен за несовпаѓањето меѓу буџетските распределби и мандатите на агенциите, што особено влијае на обезбедувањето услуги од центрите за социјална работа. Комитетот исто така е загрижен за немањето транспарентност во користењето меѓународни фондови за програми во области кои се однесуваат на децата, изборот на активности на невладините организации за кои се доделува државна финансиска поддршка и дека многу мал дел од овие средства се распределува за активности кои се однесуваат на децата. Покрај тоа, Комитетот е загрижен дека не се наменети посебни средства за спроведувањето на НАП и дека средствата одделени за спроведување на Програмата за задолжително здравствено осигурување на сите граѓани 2010 не се доволни.

17.              Комитетот ја советува државата-членка, имајќи ги предвид препораките на Комитетот усвоени по Денот на општа расправа во 2007 година за „Средства за правата на детето – одговорност на државите“:

(a)               Да распредели или оддели средства за спроведување на НАП;

(б)        Да осигури транспарентност во користењето меѓународни фондови за програми во области што се однесуваат на децата;

(в)       Да обезбеди соодветни средства за сите општини за да им се овозможи да ги исполнат своите обврски во планирањето, буџетирањето и спроведувањето на локалните планови и услуги за деца, во контекст на децентрализацијата;

(г)        Да осигури, колку што е можно поитно, центрите за социјална работа да ги имаат потребните човечки, технички и финансиски средства за обезбедување услуги во сите области од нивниот мандат; и

(д)        Да распредели соодветни финансиски средства за спроведување на Програмата за задолжително здравствено осигурување на сите граѓани  2010 со цел да се осигури дека децата меѓу најранливите делови од населението се покриени со здравствено осигурување.

Собирање податоци

18.              Комитетот го забележува тековниот развој на системот за податоци за заштита на децата, но жали што не постои методичен пристап кон собирањето податоци за следење на состојбата на децата во државата-членка и што не постои централизирана база на податоци за децата општо и конкретно за деца во ранлива состојба.

19.              Комитетот ја охрабрува државата-членка да продолжи да го зајакнува својот систем за собирање податоци со поддршка на своите партнери и да ги користи овие податоци како основа за проценување на напредокот постигнат во остварувањето на правата на детето и да помогне да се создадат политики за спроведување на Конвенцијата. Податоците треба да ги опфатат сите деца на возраст до 18 години и да бидат категоризирани според пол, возраст, урбана и рурална област, со посебен акцент на децата во ранлива состојба, вклучувајќи ги и децата-жртви на злоупотреба, запоставување или малтретирање, децата со инвалидитет, децата-бегалци и децата кои бараат азил, децата во судир со законот, децата-работници и децата на улица.

Дисеминирање и подигнување на свеста

20.              Комитетот го поздравува преводот на Конвенцијата на јазиците на заедниците и издавањето верзија на Конвенцијата наменета за деца. Меѓутоа, Комитетот останува загрижен за нискиот степен на свест за одредбите на Конвенцијата кај пошироката јавност и особено кај децата.

21.              Комитетот препорачува државата-членка да продолжи да ги зголемува напорите за ширење и промовирање на Конвенцијата со цел да се зголеми свеста за Конвенцијата и за правата на детето кај пошироката јавност и особено кај децата.

Обука

22.              Комитетот забележува дека Академијата за судии и обвинители, основана во 2007 година, нуди обука за меѓународното право, вклучувајќи ги и човековите права и Конвенцијата, но е загрижен дека таа обука се обезбедува само за многу мал број судии и обвинители и други професионалци кои работат со или за децата.

23.              Комитетот препорачува државата-членка да ги зголеми напорите за обезбедување обука за сите професионалци кои работат со и за децата, особено со вклучување обука за одредбите на Конвенцијата во стручната подготовка и обуките преку работа.

Соработка со граѓанското општество

24.              Комитетот го забележува усвојувањето на Стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор и акциониот план 2007-2011 за нејзиното спроведување, како и плановите за зголемување на бројот и давањето еднакви права на гласање на членовите од невладините организации во Националната комисија за правата на детето. Сепак, Комитетот е загрижен за неконсултирањето со граѓанското општество при подготовката на вториот периодичен извештај и несоодветната соработка при изготвувањето на законите и политиките што се однесуваат на правата на детето и за немањето на транспарентни критериуми за учество на невладините организации во работата на Националната комисија за правата на детето. Покрај тоа, Комитетот е загрижен за недавањето признание на значајниот придонес на невладините организации во обезбедувањето услуги.

25.              Комитетот препорачува државата-членка да обезбеди транспарентност во односите и соодветно консултирање со граѓанското општество при изготвувањето на законите, политиките и програмите во сите области што се однесуваат на децата, вклучително и во работата на Националната комисија за правата на детето и во критериумите за избор за учество во работата на Комисијата.

 
2. Општи начела
(членови 2, 3, 6 и 12 од Конвенцијата)

Недискриминирање

26.              Комитетот го поздравува усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација и одредбите за основање тело за спречување на дискриминацијата, но Комитетот е загрижен затоа што новиот закон не опфаќа експлицитно одредени основи за дискриминација и затоа што дава долг список на „исклучоци“ од она што претставува дискриминација, со што може да се загрозат најдобрите интереси на детето. Комитетот е загрижен за де факто дискриминацијата на децата кои припаѓаат на малцинствата, особено на ромското малцинство, децата згрижени во институции, децата на улица, децата со инвалидитет и децата во судир со законот.

27.              Комитетот препорачува државата-членка да го подобри законот за спречување на дискриминацијата за истиот да се усогласи со меѓународните и регионалните стандарди и експлицитно да ги опфаќа сите основи за дискриминација и да размисли за отстранување на списокот на „исклучоци“ во постојниот закон. Државата-членка треба да ги преземе сите соодветни мерки за да ги спречи, исправи и казни делата на дискриминација против деца, вклучително и со осигурување делотворност во работата на телото за спречување дискриминација. Комитетот бара во следниот периодичен извештај да се вклучат конкретни информации за мерките и програмите што се важни за Конвенцијата, а кои државата-членка ги презема како дополнителни активности по Декларацијата од Дурбан и Програмата за дејствување усвоени на Светската конференција против расизмот, расната дискриминација, ксенофобијата и нетолерантноста во 2001 година и на Конференцијата за преглед на Декларацијата од Дурбан во април 2009 година.

Најдобрите интереси на детето

28.              Комитетот забележува дека со новиот закон за малолетничка правда се признаваат најдобрите интереси на детето како водечко начело, Комитетот е загрижен дека ова начело не е методично вклучен во сите важни закони и административни постапки и не се применува соодветно во пракса.

29.              Комитетот препорачува државата-членка да ги прегледа сите важни закони за да се осигури дека најдобрите интереси на детето, како што се одразени во член 3 од Конвенцијата, се вклучени во законите, регулативата и судските и административните постапки. Државата-членка треба да осигури дека најдобрите интереси на детето се главен фактор во сите активности што се однесуваат на децата.

Почитување на ставовите на детето

30.              Комитетот го забележува вклучувањето на начелото на почитување на ставовите на детето во делови од законската регулатива на државата-членка, но жали што тоа не е направено методично и законската регулатива сe уште не го осигурува правото на детето да биде слушнато во сите судски и административни постапки кои влијаат на детето и се во согласност со неговите капацитети. Комитетот исто така жали што традиционалните ставови во општеството кон децата го ограничуваат почитувањето на нивните ставови, во семејството, во училиштата, во заедницата и во општеството воопшто.

31.              Имајќи го предвид член 12 од Конвенцијата и Општиот коментар бр. 12 на Комитетот усвоен во 2009 година за правото на детето да биде слушнато (CRC/C/CG/12), Комитетот препорачува државата-членка да осигури дека сета важна законска регулатива го гарантира правото на детето да биде слушнато во судските и административните постапки и во согласност со неговите капацитети. Покрај тоа, Комитетот препорачува државата-членка да промовира и да олесни, во семејството, во училиштата, во заедницата и во општеството воопшто, почитување на ставовите на децата и нивно учество во сите прашања кои ги засегаат.

3. Граѓански права и слободи
(членови 7, 8, 13-17, 19 и 37 (а) од Конвенцијата)

Име, државјанство и регистрирање при раѓање

32.              Комитетот ја поздравува посветеноста на државата-членка и постигнатиот напредок во областа на спречување и намалување на бројот на лицата без државјанство со подобрување на матичната евиденција и издавањето лични документи. Сепак, Комитетот е загрижен дека преостануваат одреден број деца кои не се регистрирани и немаат лични документи, од кои повеќето се деца на улица и деца-Роми и дека нема стратегија за идентификување на децата кои не се регистрирани при раѓањето и/или немаат лични документи. Комитетот, исто така е загрижен дека документите со кои се потврдува статусот на децата-бегалци и децата под супсидијарна заштита се издаваат само на барање од адвокат. Комитетот е длабоко загрижен бидејќи непоседувањето лични документи ги спречува децата да добијат пристап до образованието, здравството и јавните услуги, вклучително и детскиот додаток.

33.              Комитетот ја советува државата-членка:

 (a)               да спроведе истражување за да се откријат децата кои не се регистрирани при раѓањето и/или немаат лични документи и да преземе итни административни и судски мерки за да се осигури ретроактивно регистрирање на раѓањето и издавање документи на тие деца;

(б)        да осигури дека статусот на децата меѓу бегалците и лицата под супсидијарна заштита е документиран и заверен;

(в)       да преземе итни мерки за да се осигури дека на децата кои не поседуваат лични документи не им се одбива пристап до образованието, здравството и јавните услуги, вклучително и детскиот додаток;

(г)        да продолжи да ги исполнува своите меѓународни обврски и да ги подигнува стандардите за заштита во однос на децата без државјанство, особено со воведување посебна постапка за утврдување на немањето државјанство; и

(д)        да ја ратификува Конвенцијата на Обединетите нации за намалување на бројот на лица без државјанство од 1961 година и Конвенцијата на Советот на Европа за избегнување на немањето државјанство во однос на сукцесија на држави од 2009 година.

Зачувување на идентитетот
34.              Комитетот е загрижен за праксата на „тајно“ посвојување и дека законската регулатива овозможува посвоените деца да се регистрираат со имињата на родителите-посвојувачи, да не се открива идентитетот на биолошките родители и дека со законот не се пропишува зачувување на информациите за потеклото на детето, особено информациите за идентитетот на биолошките родители, како и историјата на болести.

35.              Комитетот препорачува државата-членка да преземе законодавни и други мерки за да се осигури зачувување на информациите за потеклото на посвоените деца, особено информациите за идентитетот на биолошките родители, како и историјата на болести, и да осигури дека децата се запознати со фактот за нивното посвојување и дека имаат пристап до тие информации на соодветна возраст и степен на развој.

Пристап до соодветни информации

36.              Комитетот го забележува мандатот на Советот за радиодифузија за заштита на децата од аудио-визуелни содржини што се потенцијално штетни за нивниот физички, психолошки и морален развој и дека се преземени повеќе мерки во тој поглед. Меѓутоа, Комитетот останува загрижен за пристапот на децата до соодветни информации на различните јазици и за присуството на порнографски и други несоодветни содржини во аудио-визуелните и печатените медиуми.

37.              Комитетот препорачува државата-членка да ги продолжи и да ги зајакнува мерките за продолжување и зголемување на напорите за да се осигури дека децата имаат пристап до соодветни информации и материјали и за да се заштитат децата од информации и материјали штетни за нивната добросостојба, особено со спроведување на постојните закони и насоки и со методично набљудување на содржините во аудио-визуелните и печатени медиуми, со цел да се отстранат порнографските и другите штетни материјали.

Мачење или друго сурово, нечовечно или понижувачко однесување или казнување

38.              Комитетот го поздравува зајакнувањето на одредбите за спречување на мачењето со изменување на Кривичниот законик и на Законот за народниот правобранител во 2009 година за институцијата да се усогласи со Факултативниот протокол кон Конвенцијата против мачење, но е длабоко загрижен за наводите за затворање во самици, телесно казнување и употреба на пендреци во Воспитно-поправната институција.

39.              Комитетот препорачува државата-членка да преземе итни мерки за отстранување на пендреците и за укинување на телесното казнување во Воспитно-поправната институција. Согласно член 37(в), државата-членка треба да го разгледа или ограничи колку што е можно повеќе затворањето во самица во институцијата.

Телесно казнување

40.              Комитетот ја забележува забраната за телесно казнување во училиштата и во казнениот систем, но е загрижен дека применливиот закон не се толкува како забрана за телесното казнување во домот и за високата зачестеност на физичкото казнување и агресијата во семејството.

41.              Комитетот препорачува државата-членка:

(a)      итно да го забрани телесното казнување во домот;

(б)   да ја прегледа постојната законска регулатива со цел да се откријат недостатоците во однос на заштитата и да се стави крај на телесното казнување во сите области, вклучително и во училиштата, во домот, во казнениот систем и во алтернативните начини на згрижување;

(в)   да го земе предвид Општиот коментар бр. 8 на Комитетот за правото на детето на заштита од телесно казнување и други сурови и понижувачки облици на казнување (CRC/C/GC/8).

Дополнителни активности по Истражувањето на Обединетите нации за насилство врз децата

42.              Комитетот ја охрабрува државата-членка да му даде приоритет на елиминирањето на сите облици на насилство врз децата. Во однос на Истражувањето на Обединетите нации за насилство врз децата (A/61/299), Комитетот препорачува државата-членка:

(a)               Да ги преземе сите неопходни мерки за спроведување на препораките од Истражувањето на Обединетите нации за насилство врз децата, земајќи го предвид исходот и препораките од  Регионалното консултирање за Европа и Централна Азија (одржана во Словенија од 5 до 7 јули 2005 година). Поконкретно, Комитетот препорачува државата-членка да посвети особено внимание на следниве препораки:

i.                    Да се забрани секакво насилство врз децата;

ii.                  Да се даде приоритет на спречувањето;

iii.                Да се промовираат ненасилните вредности и подигнувањето на свеста;

iv.                Да се зајакне капацитетот на сите кои работат со и за децата;

v.                  Да се осигури одговорност и да се стави крај на неказнетоста.

(б)        Да ги употреби овие препораки како алатка за дејствување, во партнерство со граѓанското општество и особено со вклучување на децата, за да се осигури дека секое дете е заштитено од сите облици на физичко, сексуално и психолошко насилство и да се забрзаат конкретните и, каде што е соодветно, временски ограничени активности за спречување и справување со таквото насилство и злоупотреба;

(в)       Во следниот периодичен извештај да обезбеди информации за спроведувањето на препораките од Истражувањето од страна на државата-членка; и

(г)        Да бара техничка помош од специјалниот претставник на генералниот секретар за насилство врз децата, УНИЦЕФ, Канцеларијата на високиот комесар за човекови права (OHCHR) и Светската здравствена организација (СЗО) и другите важни агенции, меѓу кои и МОТ, УНЕСКО, УНХЦР, УНОДЦ, како и партнерите од невладиниот сектор.

 
4. Семејна средина и алтернативно згрижување
(членови 5, 18 (ставови 1-2), 9-11, 19-21, 25, 27 (став 4) и 39 од Конвенцијата)

Семејна средина

43.              Комитетот е загрижен бидејќи со измената на Законот за семејство од 2004 година, на центрите за социјална работа им е дадена надлежност за ограничување и привремено одземање на родителското право заради неплаќање на обврските за издржување. Комитетот е загрижен дека со оваа мерка непотребно се прекинува врската меѓу родителот и детето и може да резултира со прекршување на правото на детето да одржува лични односи и непосреден контакт со двајцата родители (член 9(3)).

44.              Комитетот препорачува државата-членка:

(a)                   Да ја отстрани надлежноста на центрите за социјална работа за ограничување или привремено одземање на родителското право и да осигури дека привременото одземање на родителското право се врши само од страна на надлежен судија и само кога истото е потребно за непосредна заштита на детето и за заштита на неговите најдобри интереси;

(б)        Да ги преземе сите соодветни мерки и програми за обезбедување помош на родителите во извршувањето на нивните обврски за одгледување дете, вклучително и со развивање програми што имаат за цел да се подобрат родителските вештини (и способности).

Исплата на издршка

45.              Комитетот е загрижен за немањето делотворни мерки кои имаат за цел да се осигури исплата на средствата за издршка на детето.

46.              Комитетот препорачува државата-членка:

 (a)               Да утврди алтернативни мерки за исплата на издршката од платежно способните родители кои одбиваат да платат и да ја разгледа можноста за основање национален фонд за да се осигури исплатата на заостанатите обврски за издршка на детето додека се применуваат мерките за извршување; и

(б)        Да ги ратификува Хашките конвенции бр. 23 за признавање и извршување одлуки што се однесуваат на обврските за издршка, бр. 24 за применливото право за обврските за издршка и бр. 34 за јурисдикција, применливо право, признавање, спроведување и соработка во однос на родителската одговорност и мерките за заштита на децата.

Деца кои се лишени од семејна средина

47.              Комитетот ги поздравува позитивните чекори во врска со деинституционализирањето и развојот на систем за згрижување во дом-семејства, но е загрижен за расцепканиот пристап кон заштитата на детето како во политиките така и во нивното спроведување, за тоа дека голем број на деца остануваат во институциите, вклучувајќи и деца помлади од 3 години, за немањето периодични прегледи и набљудување на сместувањето и за наводната злоупотреба во алтернативните институции за згрижување.

48.              Комитетот препорачува државата-членка:

(a)                   Да осигури доследност и во политиките и во спроведувањето на заштитата на детето;

(б)        Да осигури соодветен периодичен преглед и набљудување на сместувањата во сите алтернативни околини на згрижување за да се гарантира примената на стандардите и да се спречи злоупотреба;

(в)       Да го продолжи и заврши процесот на деинституционализирање и итно да осигури дека децата помлади од 3 години не се сместуваат во институции; и

(г)        Да ги земе предвид Упатствата за алтернативно згрижување на деца содржани во Резолуцијата A/RES/64/142 на Генералното собрание на Обединетите нации, усвоена на 20 ноември 2009 година, во сите мерки што се однесуваат на децата без семејства.

Посвојување

49.              Комитетот ги забележува информациите дадени за време на дијалогот и препорачува државата-членка да развие соодветни заштитни мерки за да се осигури почитување на „начелото на супсидијарност“ за меѓународното посвојување на дете да се разгледува единствено откако ќе се исцрпат сите можности за домашно посвојување.

Злоупотреба и запоставување

50.              Комитетот ги поздравува измените на Кривичниот законик што се однесуваат на семејното насилство (член 122, точка 19 од Законот за измена и дополнување на Кривичниот законик) и  вметнувањето на одредбите во Законот за семејство во 2004 година за да се одреди поимот на злоупотреба или тешко запоставување деца, врз основа на кои судовите можат да ги одземат родителските права и овозможуваат отпочнување судска заштита, независно од тоа дали е покрената кривична постапка. Меѓутоа, Комитетот останува загрижен за зголемениот број пријавени случаи на физичка и сексуална злоупотреба и психолошко насилство врз децата во домот и во училиштата и за тоа дека само мал број деца-жртви на домашно насилство добиле конкретна помош.

51.              Комитетот препорачува државата-членка да го зајакне спречувањето,  да преземе мерки со кои ќе се осигури дека законите се спроведуваат, да ги казни сторителите на физичка и сексуална злоупотреба во домот и во училиштата и да осигури дека децата-жртви имаат пристап до специјализирани служби за закрепнување, рехабилитирање и семејно реинтегрирање.

 
5. Основно здравје и благосостојба
(членови 6, 18 (став 3), 23, 24, 26, 27 (ставови 1-3) од Конвенцијата)

Деца со инвалидитет

52.              Комитетот ги забележува напорите на државата-членка за отворање дневни центри за деца со инвалидитет, но е загрижен за постојаниот недостаток од образовни, социјални и здравствени услуги за децата со инвалидитет и нивните семејства во средината во која живеат. Комитетот особено забележува дека преостануваат многу пречки за осигурување еднаков пристап до образованието за децата со инвалидитет.

53.              Комитетот препорачува државата-членка, согласно член 23 од Конвенцијата и имајќи го предвид Општиот коментар бр. 9 на Комитетот за правата на децата со инвалидитет (CRC/C/GC/9, 2006), да продолжи да ги зајакнува мерките за заштита и унапредување на правата на децата со инвалидитет, меѓу другото, со:

(a)           Развивање сеопфатна политика за заштита на децата со инвалидитет и за нивен еднаков пристап до социјални, образовни и други услуги;

(б)    Вложување поголеми напори за да се стават на располагање неопходните средства, особено на локално ниво, и да се промовираат и прошират програми засновани на заедницата и фокусирани на семејството, вклучително групите за поддршка на родителите;

(в)   Продолжување на заложбите чија цел е да се осигури дека децата со инвалидитет, вклучително и децата со умерени и тешки пречки во развојот, можат да го искористат своето право на образование колку што е можно повеќе;

(г)    Создавање услови за учество на децата со инвалидитет во изготвувањето, спроведувањето и оценувањето на програмите наменети за нив;

(д)    Обезбедување обуки за стручниот кадар кој работи со деца со инвалидитет, како што се наставниците, социјалните и здравствени работници.

Здравје и здравствени услуги

54.              Комитетот го поздравува значителното намалување на стапката на смртност кај новороденчињата и децата под 5 години, намалувањето на регистрираните заразни болести и елиминирањето на нарушувањата предизвикани од недостиг на јод, но Комитетот е загрижен што стапката на смртност кај новороденчиња кај Ромите останува на повисоко ниво во споредба со националниот просек и што перинаталната смртност е највисока во регионот. Комитетот е исто така загрижен за разликите меѓу урбаните и руралните средини во однос на пристапот до здравствените услуги и дека се одбива медицински третман за децата-бегалци и децата под хуманитарна заштита кои не поседуваат соодветна документација.

55.              Комитетот препорачува државата-членка да продолжи да го зголеми стандардот на здравје кај децата, особено со:

 (a)               Зајакнување на напорите за спречување и намалување на стапката на смртност кај новороденчињата во ромската заедница;

(б)        Подобрување  на квалитетот и достапноста на здравствените услуги за да се елиминираат разликите меѓу урбаните и руралните средини;

(в)       Обезбедување на неопходната медицинска помош и здравствена нега за сите деца со акцент на развојот на примарното здравство, особено со опфаќање на децата кои се дел од најранливите сегменти на популацијата; и

(г)        Подобрување на квалитетот на преднаталната и постнаталната здравствена заштита за мајките со цел да се спречи перинаталната смртност.

Доење

56.              Комитетот го поздравува вметнувањето на одредби од Меѓународниот кодекс за забрана на замени за мајчино млеко во Законот за безбедност на храната и во Законот за заштита на потрошувачите и што платеното породилно боледување и паузите за доење се гарантираат со закон. Сепак, Комитетот со жалење ја забележува дека стапката на ексклузивно доење е во опаѓање, дека здружението на педијатри, која ги контролира упатствата за доење, прифаќа спонзорства од индустријата за храна за бебиња;  и дека прехранбените производи за бебиња се означени со „за 4 месеци“ и дека нашироко се промовираат во приватните породилишта и се достапни во аптеките и супермаркетите.

57.              Комитетот препорачува државата-членка да ја спроведува постојната законска регулатива, да ги зајакне напорите за промовирање пракси за ексклузивно доење и да го почитува Меѓународниот кодекс за рекламирање замени за мајчиното млеко.

Здравје на адолесцентите

58.              Комитетот забележува дека програмата за безбедно мајчинство му дава приоритет на осигурувањето пристап до информации и совети за спречување бременост и абортуси кај адолесцентите и ги забележува плановите на државата-членка да воведе сексуално образование во училиштата. Сепак, Комитетот е загрижен за високата стапка на раѓања и абортуси кај тинејџерите, особено кај девојчињата од ромската и другите малцински заедници, дека достапноста на репродуктивната здравствена заштита за девојките-адолесценти е значително опадната во руралните области и дека не се почитува доверливоста. Покрај тоа, Комитетот е загрижен за немањето на превентивни мерки и служби за рехабилитација за децата-корисници на дрога и алкохол.

59.              Комитетот препорачува државата-членка:

(a)           да осигури дека адолесцентите имаат пристап до советодавни служби и програми за обука за животни вештини што се соодветни на нивната возраст и се доверливи во сите предели и заедници во земјата;

(б)        да ги зајакне напорите за подобрување на информираноста и знаењето за репродуктивното здравје и права со цел да се намали стапката на бременост кај тинејџерите и да развие програми по мерка на адолесцентите за да им се помогне на мајките-тинејџери и нивните деца;

(в)       да развие превентивни мерки и служби за рехабилитација за децата-корисници на дрога и алкохол;

(г)        да преземе дополнителни мерки, вклучително и распределба на соодветни човечки и финансиски средства за поддршка на развојот на културно и адолесцентско чувствително и доверливо советување, нега и рехабилитација за деца, имајќи го предвид Општиот коментар бр. 4 на Комитетот за здравјето и развојот на адолесцентите (CRC/GC/2003/4, 2003).

Ментално здравје

60.              Комитетот ја забележува загриженоста на државата-членка дека програмите за промовирање и спречување не ги исполнуваат потребите на децата и адолесцентите и препорачува да развие сеопфатна политика за менталното здравје на децата и адолесцентите, која ги вклучува сите задолжителни компоненти според препораките на Светската здравствена организација, меѓу другото, во врска со промовирањето на менталното здравје, спречување на менталните нарушувања во примарната заштита, амбулантски и болнички служби за ментално здравје, со цел да се подобри менталното здравје и емотивната добросостојба на децата.

Штетни традиционални пракси

61.              Комитетот забележува дека минималната законска возраст за стапување во брак е 18 години, но искажува загриженост за праксата на рано и присилно стапување во брак на девојчињата од одредени заедници, вклучително и традиционалните бракови кои не се регистрираат кај надлежните власти, и за пријавените случаи на продажба на деца заради стапување во брак и забележува дека таквите пракси може да се влошат во време на економски тешкотии.

62.              Комитетот ја советува државата-членка:

 (a)               Експлицитно да ги криминализира раните и присилни бракови и судски да ги гони оние кои се одговорни за тие дела;

(б)        Да ја спроведува постојната законска регулатива и да осигури дека браковите на деца помлади од 18 години се дозволени единствено во исклучителни случаи со судска одлука и единствено кога тоа е во најдобар интерес на детето;

(в)       Да спроведе истражувања за да се процени бројот на деца кои се засегнати од рани и присилни бракови, вклучително и традиционалните бракови што не се регистрирани кај надлежните власти, за да се развијат посебни мерки за намалување и искоренување на оваа пракса; и

(г)        Да обезбеди обука и поддршка за стручните лица кои работат со семејства и деца за да можат да им помогнат на оние кои се во опасност од рано и присилно стапување во брак и да работат со засегнатите заедници и да спроведе кампањи за сензитивизирање за негативните влијанија од раното и присилно стапување во брак, особено за правата и развојот на девојчињата.

Животен стандард

63.              Комитетот забележува дека децата од економски обесправените и општествено исклучените семејства се утврдени како приоритет во писмените одговори од државата-членка и информациите дека се спроведуваат национална стратегија за намалување на сиромаштијата и општествената исклученост и национална програма за развој на социјалната заштита. Меѓутоа, Комитетот е загрижен за тоа дека системот за детски додаток е дискриминаторски и ги исклучува децата во ранлива состојба затоа што е ограничен само на децата кои редовно посетуваат училиште и чии родители или се вработени или веќе се опфатени со системот на социјална заштита.

64.              Комитетот препорачува државата-членка да и? даде приоритет на заштитата на соодветен животен стандард за децата во ранлива состојба, вклучително и во претстојните законски регулативи, стратегии и програми за социјална заштита и особено при доделувањето детски додаток и да  осигури дека сите надлежни државни институции се придржуваат кон тоа во пракса. Државата-членка треба да преземе итни мерки за отстранување на сите облици на дискриминирање при доделувањето детски додаток и други облици на социјална заштита.
 

6. Образование, слободно време и културни активности
(членови 28, 29 и 31 од Конвенцијата)

Образование, вклучително и стручно оспособување и насочување

65.              Комитетот забележува дека правото на образование на сите деца кои се државјани и жители без државјанство им е гарантирано со закон, дека се прават напори да се подобри квалитетот на образованието и дека државата-членка планира да воведе условени готовински исплати со цел да се поттикне запишувањето и редовноста во средните училишта. Меѓутоа, Комитетот искажува загриженост за тоа дека:

(a)        Постојат пречки за пристап до образованието за децата кои не се евидентирани при раѓање и не поседуваат лични документи, децата со инвалидитет и децата на улица;

(б)        Постои нагорен тренд на поделби по етничка линија во училиштата, што резултира со разлики во квалитетот на образованието, со ограничени можности за децата-припадници на различните заедници за меѓусебно општење и со зголемување на меѓуетничкото насилство;

(в)        Стапката на запишување и завршување на основното образование останува ниска кај ромските деца, особено девојчињата, а ромските деца се соочуваат со сегрегација и дискриминаторски однос во училиштата;

(г)        Ромските деца наводно се премногу застапени во училиштата за деца со посебни потреби и дека одлуката за упатување деца во таквите училишта не ја носат меѓудисциплинарни тимови и врз основа на објективни критериуми;

(д)        Постои слаба достапност на холистички развој, образование, објекти и институции за рано детство; и

(ѓ)        Верското образование може да биде фактор за поделба и судир меѓу децата во училиштата и не придонесува доволно кон создавање дух на разбирање, трпеливост и пријателство меѓу сите етнички и верски групи како што е наведено во член 29(1)(г) од Конвенцијата.

66.              Комитетот препорачува државата-членка:

(a)        Да преземе итни мерки за да осигури дека на децата не им се одбива пристап до образованието врз никоја основа;

(б)        Да развие специјализирани служби за подготовка на децата на улица за повторно вклучување во училишниот систем;

(в)       Да работи со заедниците за да го поттикне запишувањето на децата во етнички мешани училишта и да обезбеди во пракса можности за децата од различните заедници да учат заедно на начин што овозможува секојдневно општење и можности да учат едни за други. Државата-членка треба да преземе итни мерки за да го сврти сегашниот тренд на сегрегација по етничка линија на сите нивоа – национално, регионално и општинско;

(г)        Земајќи го предвид својот Општ коментар бр. 1 (CRC/GC/2001/1) за целите на образованието и член 29(1) од Конвенцијата, Комитетот препорачува државата-членка да вложува во обуката на наставниците, во развојот на наставните планови, учебниците и другите помагала за активно промовирање на разбирањето, мирот, трпеливоста и повеќекултурната солидарност и кохезија меѓу различните етнички и верски заедници;

(д)        Да продолжи да ги зајакнува мерките за промовирање на интеграцијата на ромските деца во редовното образование, особено со сензитивизирање на наставниците и другите професионалци и со помагање на семејствата кои се соочуваат со економски тешкотии;

(ѓ)        Да ги зајакне мерките за да осигури дека одлуките за упатување деца во посебни училишта се засновани на објективни критериуми, дека ги носи меѓудисциплинарен тим од стручни лица, дека подлежат на периодично разгледување, дека го земаат предвид јазичното и културно потекло на детето и дека не се засновани на социо-економски причини;

(е)        Да промовира, развие и осигури пристап до развој и образование за рано детство, особено за децата во опасност од задоцнет развој и социо-економска обесправеност, имајќи го предвид Општиот коментар бр. 7 на Комитетот за спроведување на правата на детето во раното детство (CRC/C/GC/7);

(ж)       Да спроведе планови за воведување репродуктивно образование во основните и средните училишта како што беше укажано во текот на дијалогот; и

(з)        Да осигури дека верското образование е изборно, земајќи ги предвид најдобрите интереси на детето, и се спроведува на начин што придонесува кон создавање дух на разбирање, трпеливост и пријателство меѓу сите етнички и верски групи, како што е наведено во член 29(1)(г) од Конвенцијата.

 
7.                  Посебни заштитни мерки
(членови 22, 30, 38, 39, 40, 37 (б)-(г), 32-36 од Конвенцијата)

Деца кои бараат азил и деца-бегалци

67.              Комитетот забележува дека државата-членка ја презема одговорноста за здравствената заштита, социјалната заштита и сместувањето на лицата кои бараат азил, бегалците и лицата под супсидијарна заштита од 1 јануари 2010 година. И покрај изјавата на делегацијата на државата-членка, Комитетот е загрижен дека на децата без придружба и децата разделени од родителите не секогаш им се назначува старател и не се сместуваат одделно од возрасните.

68.              Комитетот препорачува државата-членка да осигури на децата без придружба и на децата разделени од родителите да им се назначува старател и да се сместуваат одделно од возрасните и на децата меѓу бегалците и меѓу лицата кои бараат азил да им се обезбедува пристап до образование, здравствена заштита, социјална заштита и сместување, имајќи го предвид Општиот коментар бр. 6 (2005) на Комитетот за односот кон децата без придружба и кон децата разделени од родителите надвор од земјата од која потекнуваат (CRC/GC/2005/6).

Економска експлоатација вклучително и детски труд

69.              Комитетот забележува дека со Законот за работни односи е пропишано дека минималната возраст за вработување е 15 години и дека вработените лица помлади од 18 години имаат право на посебна заштита, но е загрижен за слабата примена на законите и политиките за детски труд и за појавата на детски труд во неформалниот сектор, особено просење и улично продавање на раскрсници, на аглите на улиците и во рестораните.

70.              Комитетот препорачува државата-членка да го зајакне спроведувањето на законите и политиките за работни односи и да ги истражи основните причини за да се спречи појавата на деца во опасност од детски труд, особено во неформалната економија.

Деца на улица

71.              Комитетот го забележува развојот на протокол за постапување со деца на улица, но е длабоко загрижен за сe поголемиот бројот на вакви деца, од кои повеќето се Роми, и за немањето напредок кон трајни решенија, со кои се осигурува заштита на децата, пристап до образование и повторно општествено интегрирање. Покрај тоа, Комитетот ги забележува плановите за отворање дневни центри надвор од Скопје, но е загрижен за тоа дека во моментов постојат само два државни дневни центри што обезбедуваат заштита за децата на улица во главниот град.

72.              Комитетот препорачува државата-членка:

 (a)               Да обезбеди соодветна заштита и помош за закрепнување и повторно интегрирање на децата на улица и да развие сеопфатна стратегија за справување со основните причини, во соработка со организациите што им помагаат на овие деца;

(б)        да ја подигне јавната свест за правата и потребите на децата на улица и да се бори против погрешните мислења и предрасудите; и

(в)       да осигури дека децата на улица се консултираат при планирањето програми чија цел е подобрување на нивните животни услови и подобрување на нивниот развој.

Сексуална експлоатација и злоупотреба

73.              Комитетот ги забележува зголемената свест и заложбите за спречување и борба против сексуалната злоупотреба на децата, вклучително и воспоставувањето на национално координативно тело, тековните истражувања и активностите за обука. Меѓутоа, Комитетот е загрижен за зголемениот број случаи на сексуална злоупотреба и експлоатација на деца, за тоа дека само децата помлади од 14 години се заштитени со член 188 од Кривичниот законик („сексуален напад на дете помладо од 14 години“) и дека во случаите на силување товарот на докажување го сноси жртвата постара од 14 години. Покрај тоа, Комитетот е загрижен за тоа дека казните за сексуална злоупотреба на деца што ги изрекуваат некои судови најчесто се кратки и условни казни.

74.              Комитетот препорачува државата-членка да обезбеди еднаква заштита за сите деца помлади од 18 години од кривичното дело сексуална злоупотреба на дете, а особено да го отстрани товарот на докажување за деца постари од 14 години, и да осигури дека сторителите судски се гонат и казнуваат за таквите кривични дела. Комитетот исто така препорачува државата-членка да ја ратификува Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на децата од сексуална експлоатација и злоупотреба (2010).

Продажба, трговија и грабнување

75.              Комитетот забележува дека усвојувањето на нов акционен план за борба против трговијата со деца е во тек, дека националниот механизам за упатување жртви на трговија работи од 2005 година и дека од 2006 година постои програма за повторно општествено вклучување на децата-жртви. Сепак, Комитетот искажува загриженост за тоа дека трговија со деца се врши за разни цели во, од и во рамките на границите на државата-членка.

76.              Комитетот препорачува државата-членка да ги продолжи и да ги зголеми напорите за спречување, заштита на децата од и зајакнување на мерките за гонење на кривичните дела продажба и трговија, особено:

(a)        Целосно да ја спроведува домашната законска регулатива за борба против трговијата со луѓе;

(б)        Да спроведе програми за градење на капацитетите за службениците кои го спроведуваат законот, судиите и обвинителите;

(в)       Да води истраги и да покренува обвиненија за сите случаи на продажба и трговија за да се избегне неказнетост;

(г)        Да ги зајакне мерките за заштита на децата-жртви и да осигури пристап до социјална и психолошка помош по мерка на децата за нивно закрепнување и преинтегрирање;

(д)        Да се справи со основните причини за продажба, трговија и грабнување на деца, особено со посветување посебно внимание на семејствата во своите програми за намалување на сиромаштијата, за спречување на напуштањето на училиштето и на дискриминацијата заснована на полот; и

(ѓ)        Да спроведе активности за подигнување на јавната свест, во соработка со невладините организации и медиумите, за и родителите и децата да се запознаат со опасностите и последиците од таквите кривични дела.

Линии за помош

77.              Комитетот ја забележува 24-часовната бесплатна СОС-телефонска линија за деца и млади што ја води една невладина организација, но е загрижен дека таа нема долгорочна финансиска поддршка и за тоа дека е достапна само преку еден конкретен телефонски оператор и не е достапна преку мобилен телефон.

78.              Комитетот препорачува државата-членка да осигури континуитет, вклучувајќи и со одделување соодветни средства, за бесплатна 24-часовна линија за помош, да го прошири нејзиниот капацитет за примање повици од сите телефонски оператори, да и? го додели на линијата усогласениот шестцифрен европски број и да ја признае како извор на информации и податоци за политиките и законите за правата на детето и како алатка за рано интервенирање и спречување.

Спроведување на малолетничката правда

79.              Комитетот го забележува основањето совет за спречување малолетничко престапништво и плановите за подобрување на условите во Воспитно-поправната институција, која по конфликтот беше префрлена во просториите на затворот во Скопје. Меѓутоа, Комитетот е загрижен:

 (a)               Дека децата помлади од 14 години може да подлежат на поправни мерки за кои одлучуваат и ги применуваат центрите за социјална работа;

(б)        Дека во неколку случаи децата наводно биле третирани како возрасни престапници;

(в)        Дека децата не се одвоени од возрасните затвореници;

(г)        За лошите услови во местата каде децата се држат во притвор, особено во Воспитно-поправната институција и малолетничкиот затвор во Охрид, и за пренатрупаноста на ќелиите за малолетници; и

(д)        Дека децата подлежат на задолжително тестирање за дрога во Воспитно-поправната институција.

80.              Комитетот ја советува државата-членка да осигури целосно спроведување на стандардите за малолетничка правда, особено членовите 37 (б), 39 и 40 од Конвенцијата, како и Стандардните минимални правила на Обединетите нации за спроведување малолетничка правда (Пекиншките правила), Упатствата на Обединетите нации за спречување малолетничко престапништво  (Упатствата од Ријад) и Правилата на Обединетите нации за заштита на малолетници лишени од слобода (Правилата од Хавана). Поконкретно, Комитетот ја советува државата-членка да го земе предвид Општиот коментар бр. 10 (2007) на Комитетот  за спроведувањето малолетничка правда. Комитетот исто така препорачува државата-членка:

(a)               Да осигури дека децата под возраста за кривична одговорност (14 години) не се казнуваат на никаков начин за кривични дела;

(б)        Да ги ревидира праксите за да се осигури дека децата не се третираат како возрасни престапници при спроведувањето малолетничка правда;

(в)       Да осигури дека малолетниците се одвоени од возрасните престапници;

(г)        Да преземе делотворни мерки за подобрување на условите во сите места каде децата се држат во притвор и за намалување на пренатрупаноста;

(д)        Да осигури дека децата се лишуваат од слобода само како последна мерка, особено со развивање мерки што ќе претставуваат замена за притворот, вклучително и можности за закрепнувачка правда, и дека казните се разгледуваат; и

(ѓ)        Да ја укине праксата на задолжително тестирање за дрога во Воспитно-поправната институција.

Заштита на сведоци и жртви на кривични дела

81.              Комитетот ги забележува плановите за изработка на протокол за справување со случаи на сексуална злоупотреба на деца, но е загрижен што досега активностите не се сосредоточени на заштитата на децата-жртви. Комитетот е особено загрижен за извештаите дека од деца-жртви било барано да сведочат во присуство на сторителот и дека жртвите на злоупотреба во семејството не добиваат соодветна заштита, што доведува до тоа тие повторно да бидат жртви и повлекување на сведочењата. Комитетот исто така е загрижен дека како последица на малата возраст на која децата-жртви добиваат заштита за одредени кривични дела, во последниве години децата-жртви постари од 14 години не добиваат заштита. Комитетот ја забележува неодамнешната изработка на Кодексот на однесување за новинарите, но е длабоко загрижен дека медиумското внимание доведе до откривање на децата-жртви.

82.              Комитетот препорачува државата-членка да осигури, со соодветни законски одредби и регулативи, дека сите деца-жртви и/или сведоци на кривични дела, на пример деца-жртви на злоупотреба, домашно насилство, вооружен конфликт, сексуална или економска експлоатација, грабнување и трговија, и сведоците на таквите кривични дела да ја добијат заштитата која се пропишува со Конвенцијата и дека целосно се земаат предвид Насоките на Обединетите нации за правда во случаи во кои се вклучени деца-жртви и сведоци на кривични дела (анекс кон Резолуцијата 2005/20 на Економскиот и социјален совет од 22 јули 2005 година).

83.              Покрај тоа, Комитетот препорачува државата-членка, во соработка со медиумите, да ги преземе неопходните мерки за почитување на приватноста на децата во медиумите со зајакнување на спроведувањето на постојните закони и на образовните и кампањите за подигнување на свеста.

Деца-припадници на малцински групи

84.              Комитетот позитивно го оценува тоа што образованието на мајчин јазик е достапно за повеќето заедници, имено на македонски, албански, турски и српски јазик, и воведувањето на „Ромски јазик и култура“, но изразува жалење за ограничената достапност и понискиот квалитет на образованието на јазиците на одредени малцинства, особено на ромската и влашката заедница.

85.              Комитетот препорачува државата-членка:

(a)               Да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на правата на децата-припадници на малцинските групи, за почитување на нивната култура и за гарантирање на уживањето на правата гарантирани со националниот устав, домашното право и Конвенцијата;

(б)        Да обучи воспитувачи и да развие наставни планови, учебници и други помагала за да се подобри достапноста и квалитетот на образованието на јазиците на малцинствата, особено за децата од ромската (за сите групи кои се служат со свој јазик) и влашката заедница; и

(в)       Да ја ратификува Европската повелба за регионални и малцински јазици, на која државата веќе е потписник.

 

8.                  Ратификување меѓународни инструменти за човекови права

86.              Комитетот препорачува државата-членка да ги ратификува основните договори за човекови права на Обединетите нации и нивните Протоколи на кои државата сe уште не е членка, имено Меѓународната конвенција за правата на лицата со инвалидитет и нејзиниот Факултативен протокол и Меѓународната конвенција за заштита на сите лица од насилно исчезнување, на која државата-членка е потписник; како и Меѓународната конвенција за заштита на правата на сите мигрантски работници и членовите на нивните семејства.
 

9.      Понатамошни активности и дисеминација

Понатамошни активности

87.              Комитетот препорачува државата-членка да ги преземе сите соодветни мерки за да осигури целосно спроведување на овие препораки, меѓу другото, со нивно доставување до Собранието, надлежните министерства, Националната комисија за правата на детето, Народниот правобранител и локалните власти, кога е применливо, за нивно соодветно разгледување и понатамошно дејствување.

Дисеминација

88.              Комитетот препорачува вториот периодичен извештај и писмените одговори поднесени од државата-членка и усвоените сродни завршни забелешки и препораки да се стават на располагање на јазиците на земјата, вклучително (но не и исклучиво) на интернет, на пошироката јавност, организациите на граѓанското општество, медиумите, младинските групи, групите на професионалци и на децата, за да се поттикне расправа и свест за Конвенцијата и за нејзиното спроведување и набљудување.

 
10.              Следен извештај

89.              Комитетот ја повикува државата-членка заедно да ги поднесе третиот, четвртиот, петтиот и шестиот периодичен извештај до 16 март 2017 година (т.е. 18 месеци пред датумот утврден во Конвенцијата за поднесување на шестиот периодичен извештај). Овој следен извештај не треба да биде подолг од 120 страници (види CRC/C/118, 2002) и треба да вклучува информации за конкретното спроведување и влијанието врз децата на овие завршни забелешки и двата Факултативни протокола кон Конвенцијата на правата на детето.

90.              Комитетот исто така ја повикува државата-членка да поднесе ажуриран основен документ согласно барањата за заеднички основен документ во „Усогласените упатства за известување по меѓународните договори за човекови права, вклучително и насоките за заеднички основен документ и документите за конкретни договори“, одобрени на Петтиот состанок меѓу комитетите на телата за договорите за човекови права во јуни 2006 година (HRI/MC/2006/3).