Почетна


Децата се еднакво небезбедни и во училиште и на улица

ИНТЕРВЈУ ДРАГИ ‪ЗМИЈАНАЦ , ДИРЕКТОР И ОСНОВАЧ НА ПРВАТА ДЕТСКА АМБАСАДА ВО СВЕТОТ ‪МЕЃАШИ

ВЕСТ, 7.05.2016 Саботен број 7 мај 2016


Децата се еднакво небезбедни и во училиште и на улица

Четиригодишно дете, заборавено и заклучено во градинка, протести на родители поради насилно одесување на ученик се двата последни случаи кои повторно ја отворија темата за безбедноста на децата во училиштата и во градинките. За тоа колку се безбедни децата во училиштата и надвор од нив, како да се заштитат од агресивното однесување на соученици, дали системот обезбедуваа соодветни програми и решенија за овој проблем, објаснува Драги Змијанац, директор на Првата детска амбасада во светот "Меѓаши".

Новинарка Ана Антевска

1.Според вашите сознанија и истажување колку се безбедни децата во градинките и училиштата?

Ние во Првата детска амбасада во светот – Меѓаши сме загрижени за состојбата со безбедноста и сигурноста на децата во училиштата. Речиси секојдневно се случува насилство во некое од училиштата, а децата и родителите се плашат за безбедноста. Состојбата со безбедноста на децата во градинките е подобра иако и таму треба да се посвети максимална будност, мобилност од страна на воспитно-образовниот кадар и раководствата во градинките.

Она што исто така загрижува особено во основните и средни училишта е врсничкото насилство. Секоја форма на непосакувано и агресивно однесување во училиштата, кое не застанува таму, туку продолжува да ги следи децата во домот ја загрозува нивната безбедност. Многу често тепачките од училиштата се пренесуваат и на улицата. Децата денес подеднакво не се безбедни ниту во училиштата ниту на улица по напуштањето на училишниот двор.

Важно е да напоменеме дека во училиштата, треба да се работи со учениците на превенција, како најефикасен облик на борба против злоупотреба на децата. Исто така, од клучна важност е појавата на насилно однесување на децата, без разлика дали се јавува во вербална или физичка форма, задолжително и навремено да биде адресирана директно и отворено до родителите, како би влијаеле воспитно и корективно, притоа укажувајќи им на најефективни педагошки методи, односно, да не се остава проблемот да го носат на плеќи само воспитувач(к)ите. Работата на превенција од насилство мора да се случува паралелно и во домашната средина од каде впрочем се усвојуваат првичните форми на социјална комуникација. Круцијална е врската меѓу детето, родителот и воспитувачот, и таа треба да биде силна и изградена на основа на доверба која ќе продуцира решенија на потенцијални тековни проблеми.


2. Мината недела имавме случај кога 4 годишно дете беше заборавено и заклучено во тоалет во градинка во Влае од од страна на воспитувачките. Оваа недела родителите чии деца учат во основното училиште Димитар Поп Георигиев Беровски протестираа поради насилно однесување на соученик. Како родителите во овие случаи да ги заштитат своите деца?

Јавноста беше згрозена и уште неможе да се соземе од случајот на дадилката која го тепаше 9- месечното бебе и сега повторно случај на негрижа, занемарување и малтретирање. Случајот со физичкото злоставување на 9- месечното бебе и видеото што родителите по препорака на полицијата го објавија во јавноста, исфрли на површина уште една дилема која родителите треба да си ја постават пред да ги доверат децата некому– колку деца се безбедни? Наша препорака како Прва детска амбасада во светот Меѓаши е да се користат услугите во градинките, да се направи силен притисок на Министерството за труд и социјална политика да се прошират капацитетите за згрижување на сите деца во градинките, да се гарантира квалитетот на згрижување и чување. Да се даде огромна важност и значење на улогата на воспитувачите за згрижување, воспитување и чување на деца. Но, тие треба да бидат посветени, одговорни и со внимание и љубов да се грижат за децата. Колку што се помали децата толку повеќе им е важна љубовта, сигурноста и безбедноста. Верувам дека ова што се случи во градинка во Влае е инцидент кој нема да се одрази негативно на многуте воспитувачки кои знаме дека навистина со голема љубов и посветеност работат со децата во градинките. Истотака наше залагање е услугите во градинките да се доведат на повисоко ниво. Министертсвото за труд и социјална политика да води строги критериуми во избор и вработување на воспитувачи во градинките. Истите да бидат набљудувани од страна на МТСП и родителите секогаш да имаат увид во квалитетот на испораката на услугите кон нивните деца.

3. Постојат ли системски мерки, функционираат ли социјалните служби кај нас во однос на овие прашања?

Министерството за труд и социјална политика треба да ги преземе сите мерки кои се во нивна надлежност вакви и слични случаи на занемарување и негрижа на деца во градинките да не се повторат и да го покренат системот на заштита, да се утврдува вината и одговорноста и да се преземат соодветни мерки за следење, надзор и санкционирање доколку е потребно. Децата треба да се приоритет на сите државни институции и тие секогаш да имаат на ум дека треба да работат во најдобар интерес на децата. Одговорност за секој случај на повреда на дете и негово право секогаш треба да има. Тоа е обврска на секоја институција која се грижи за децата.

4. Многу често во училиштата има деца кои поради одредени причини се однесуваат насилно, но случаите се прикриваат оти однапред се знае дека нема да имаат разрешница?

За насилството не треба да се молчи. Првата детска амбасада во светот Меѓаши ги охрабрува децата да го пријавуваат насилството на СОС-телефонот за деца и млади 0800 1 2222. Неопходно е да се проговори за насилството и за злоупотребата врз децата. Последиците од насилството се многу сериозни за развојот на детската личност. Стравот, срамот, несигурноста, ниската самодоверба, недовербата во институционалната заштита и неинформираноста за службите што треба да обезбедат помош и поддршка - се најчесто причината поради која децата молчат, го трпат насилството и ретко говорат за истото . За жал честопати и самите училишта ги кријат случаите на насилство и се обидуваат да не излезат во јавноста информациите околу тепачките, сметајќи дека на тој начин го заштитуваат угледот на училиштето. Но Детската амбасада преку СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 на децата кои се жртви на насилство или кои трпат насилство им гарантира сигурен, доверлив, анонимен и бесплатен СОС телефон, услуга, разговор и по потреба средба лице в лице. Овој детски СОС телефон претставува значаен механизам за помош и поддршка на децата. По сите анонимни дојави Детската амбасада постапува, се обраќа до институциите и бара преземање на мерки и постапки таму каде што ќе се утврди кршење на некое право на детето.

5. Има ли доволно психолози во училиштата кои треба да работат со овие деца, доволно ли е еден психолог за 300 деца?

Сите основни училишта треба да се комплетираат со стручни кадри како психолог, педагог, социјален работник, социолог и дефектолог. Ова е и наша препорака до Комитетот за правата на детето при ООН во Женева упатена преку Алтернативниот извештај за состојбата со правата на детето во Македонија. Секако, за да се обезбеди целосно внимание и мобилна состојба во следење на состојбата со децата, насочување еднаква посветеност на воспитувањето и образованието, пoтребен е индивидуaлен пристaп кoн секoе дете oд стрaнa нa психoлoгoт и педагог и зa тaa цел сметaме декa се пoтребни пoвеќе психoлoзи и педагози вo училиштaтa. Невoзмoжнo е секoе дете дa дoбие квaлитетен пристaп дoкoлку имa еден психoлoг или педагог нa тристa децa. Секaкo, вaжнa е и сoрaбoткaтa нa стручниoт тим, кoј зa тaa цел, би билo кoриснo дoкoлку се згoлеми. Особено е важно да се има контакт со Центрите за социјална работа, ако нема вработен социјален работник во училиштата. Улогата на социјалниот работник во училиштето е навремно да посочи ученик кој живее во семејство кое е изложено на ризик или дисфункционално семејство, за да може навремено да алармира и сигнализира до психолошко-педагошката служба за истата навремено да реагира и превенира.

6. Кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат децата во раната училишта возраст?

Деца кои не се вклучени во градинка како резултат на сиромаштијата, односно драстични класни разлики, што само по себе е силна поларизација и дискриминација. Голем број од децата денес кои не можат да ги уживаат услугите на градинките може да се соочаат со потенцијални проблеми во натамошниот раст и развој, особено во раната училишна возраст. Прoблеми со кои овие деца може да се сретнат, ако не oделе вo грaдинкa, се можна емoциoнaлнa и социјална празнина, отсуство на прифаќање на различните и поинаквите од себе и потешкотии во натамошната социјализација. Од друга страна, можат да се јават и проблеми кои не потекнуваат директно од децата, од нискиот социјален статус или од нивните особини, туку од образовниот систем. Има префорсираност да посетуваат и да учествуваат во различни активности, без притоа да се стави акцент на квалитетот и дисциплината. Детето се обременува со различни материи, каде се става повеќе акцент на репродукција на содржината на наученото, и на тоа да се биде мирен и адаптиран, отколку на градење критичко мислење и став кај нив и вистинско проникнување во содржините кои им се нудат во една стимулирачка средина.

7. Како да се заштитат?

Едно од основните согледувања на Детската амбасада МЕЃАШИ е дека децата се најнезаштитени онаму каде што треба да бидат најзаштитени (во домот, во училиштето, во другите институции кои се надлежни да овозможат непречено остварување на правата на децата). Генерален заклучок е дека децата немаат храброст да пријават насилство. Тие се исплашени и се чувствуваат немоќно. Најчесто децата-жртви се плашат да ги пријават своите родители или најблиски како насилници бидејќи се доведува во прашање нивната иднина, сигурност и сметаат дека е подобро да бидат изложени на постојано семејно насилство отколку да бидат жртви на институционална нефункционалност. Добро е да се знае дека од помошта/поддршката децата ги дели само еден телефонски повик. бесплатен СОС број за деца и млади 0800 1 2222. Децата и младите можат да се јават на овој број во врска со каков било проблем со кој се соочуваат. Секој контакт и секој проблем се сфаќа и се разгледува сериозно, а јавувачите знаат дека ќе бидат сослушани, разбрани и поддржани да најдат најсоодветно решение за нивните проблеми.

8. Какви активности има Детската амбасада Меѓаши поврзани со одговорно родителство?

Меѓаши ја продолжува кампањата за поттикнување на одговорно родителство. Имено, по упатените слогани пред неколку години познати на граѓаните како што беа „Дали денес го гушнавте Вашето дете”? „Дали му кажавте колку го сакате”? и „Дали денес разговаравте со Вашето дете”? Ќе ја продолжиме кампањата со слоганот „Јас и мојот родител заедно можеме многу”? Во меѓувреме се потпишува петиција со барање за поддршка од граѓаните и граѓанките за создавање поволна средина за учество на родителите во училиштата и градинките, со што би се поттикнало одговорното родителство. Нашата намера е да создадеме услуви за активно, позитивно и одговорно родителство. Со добивање на поддршка за оваа петиција граѓан(к)ите ќе ни помогнат да го формираме Националниот совет за родители . Со тоа ќе овозможиме поголемо учество и родителите да се активираат понинтензивно во одредени одлуки кои се однесуваат на децата, со што би се зголемила и нивната одговорност во процесот на донесување одлуки и креирање политики од кои најмногу се засегнати децата.

Во рамките на оваа активност, не само што се истакнува важноста на одговорното родителство, туку и се става акцент на телесното казнување како форма на физичка злоупотреба.

9. Што опфаќаат програмите за одговорно родителство во брак но и после развод?

Група родители се обратија до Детската амбасада Мeѓаши со барање измени на Законот на семејството и воведување на заедничко и одговорно родителство и по развод. Детската амбасада Мeѓаши ја поддржа оваа иницијатива на граѓани нагласувајќи дека децата имаат право и заслужуваат квалитетно и одговорно родителство по разводот на нивните родители.

Детето никогаш не треба да се стави во ситуација да избира меѓу двајцата родители. Разводот треба да биде престанок на бракот, а не престанок на родителството. За детето е важно да знае дека двајцата родители донеле одлука за развод и дека тоа не е виновно за таа ситуација. Со оглед на тоа што оваа состојба носи доста прашања за детето, на децата треба на прифатлив начин за нивната возраст и зрелост да им се претстави ситуацијата, нивните потреби да се стават во преден план и секогаш да се посветува внимание на емоциите на децата. Согласноста за заедничко вршење на родителското право, со која родителите на детето се согласуваат дека родителските права и обврски ќе ги обавуваат заеднички и со меѓусебно договарање. Овој пристап подразбира и зајакнување на квалитетната и подеднаква комуникација меѓу родителите и децата со цел да се намали и да се спречи трауматичното чувство кај децата поради разделбата на двајцата родители


10. Македонија е дел од бегалската криза. Секојдневно на нашите гранични премини доаѓаат деца, кои тука остануваат со месеци. Работи ли Детската амбасада Меѓаши со овие деца?

Детската амбасада Меѓаши во сoрaбoткa сo СOС детскoтo селo, вo ТЦ Тaбaнoвце работи со децата бегалци погодени од војната на психoсoцијaлнa пoмoш и пoддршкa . Таму нашите психолози работат со децaтa преку интерактивни рaбoтилници и работилници по уметност преку кои тие имаат можност да се искажат како се чувствуваат, да создаваат свои продукти од различни креативни техники и да ја развиваат својата креативност, да се отргнат од сивото секојдневие и траумите низ кои поминале и поминуваат.

Во меѓувреме преку програмата за мировно образование во Меѓаши го отпечативме прирачникот „Сите сме деца на овој свет - како со учениците да се разговара за бегалската криза.“. Оваа публикација е обид да се придонесе кон разбирањето на тешката состојба на илјадниците луѓе кои секој ден минуваат низ Македонија, блиску до нас и нашето секојдневно живеење.

11. Веќе подолго време работите на програмата за мировно образование. Што тоа значи и што сакате да постигнете?

Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ се залага мировното образование да се вгради во сите наставни содржини и како наставна програма за проектни активности кај учениците, онака како тоа се прави за проектната активност Иновации и претприемништво. Образованието за МИР значи промовирање на културата на мир, вредносно втемелено образование, активни наставници кои ги поттикнуваат децата за критичко мислење но и разбирање на другите. Сето ова планираме да го реализираме заедно со учениците, родителите и професорите од неколку средни училишта од Скопје, Велес, Гостивар, Дебар и Виница вклучени во оваа програма. Работиме заедно со наставниците во правец на сензибилизација за различни видови на насилство, ненасилна трансформација на конфликти и ненасилни начини на делување за градење на мирот. Тие треба да ни помогнат во застапувањето и лобирањето Министерството за образование и наука да ја разбере важноста на градење на културата на мирот кај учениците уште од најмала возраст. За таа цел организиравме и неколку работилници со професорите за застапување и лобирање за воведување мировно образование во воспитно образовниот процес.

12. Детската амбасада е вклучена во Регионалниот проект партнерство за помирување преку раниот детски развој и образование во Европа. Кои активности се предвидени со оваа програма.

Веќе четврта година Првата детска амбасада во светот Меѓаши заедно со партнерски организации од Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Црна Гора и Северна Ирска ја спроведува Програмата за помирување преку ран детски развој и образование во Европа (ПРЕЦЕДЕ).

Нашиот фокус се децата на возраст од 0 до 6 годинаи, нивните семејства, предучилишните установи, професионалци и експерти во предучилишното образование и развој, креатори на политики, граѓански организации како и сите останати личности и организации заинтересирани за унапредување на македонското општество преку развивање на прифаќањето и соработката уште од најраната детска возраст. Имено, насилството кон децата претставува кршење на нивните права како и прогноза за можно преживување насилство и во подоцнежните години од животот, било да е тоа во улога на жртва или пак во улога на насилник. Ова е причината заради која настојуваме да изградиме инклузивно општество во кое децата и возрасните ќе ги почитуваат различностите. Тоа подразбира развој на способности за учење, емпатија и намалување на предрасудите, со што би се промовирало еднакво вклучување на лица со различна вероисповест, различни можности и различна етничка, социјална, општествена и друга припадност. Исто така развиваме и тестираме методи, инструменти, едукативни модули и програми со што ги развиваме сопствените капацитети и ги зајакнуваме локалните заедници во македонското општество за подобрување на развојните и образовните политики и практики во Македонија, на Балканот и во Европа.

Преку оваа програма работиме директно со децата, нивните родители и воспитувачи во 11 градинки во Република Македонија на теми поврзани со толеранција и прифаќање на различностите. Програмата воедно опфаќа уште неколку други компоненти како истражување, следење и анализирање на меѓународни и локални политики, програми и проекти во однос на спречување конфликти, градење на мир и помирување низ воспитување и образование. Друга компонента е лобирање и застапување за вклучување на модули и теми важни за спречување конфликти, градење на мир и помирување во националните планови и програми во предучилишното воспитување и образование. Програмата се заокружува со компонента посветена на јакнење на граѓанските организации и управување со квалитет во услугите што ги нудат на граѓаните, а пред се на децата.

Во моментов, во склоп на заедничките активности се работи на регионален Манифест, кој Детската амбасада Меѓаши го подготвува, односно јас како регионален координатор за застапуванње и лобирање, со намера да се придонесе кон исполнување на главната цел на мрежата, а тоа е - зајакнување на капацитетите на организациите на граѓанското општество во регионот на Балканот и во Европа, како и обезбедување институционална и широка општествена поддршка на процесот на прифаќање, градење на мирот, помирување, почитување на различностите и социјално единство преку едукација и развој во раните години. Манифестот за деца ќе служи како договор со кој се признава, ги поддржува и промовира важноста на раното детско образование, развој, правилно воспитување и добра грижа, а со тоа и учењето култура на почитување и мир, толеранција, вклучување и прифаќање на различноста од раните години. Најважната цел на овој официјален документ во која се наведува важноста од промовирање на култура на почитување, мир и прифаќање на различноста од најраните детски години, е да бидат прифатен, потпишан и почитуван од страна на политичките партии, други официјални национални, регионални и меѓународни институции и организации

13. Детската амбасада Меѓаши преку БРИМА Галлуп Интл" нарача спроведедување на истражување во април 2016. Која беше идејата да се нарача едно вакво истражување?

Сакавме да провериме подетално по што најмногу граѓаните не` препознаваат, колку сметаат дека нашата работа влијае и прави промени во општеството, колку сметаат дека сме самостојна и независна организација, прашувавме за тоа колку граѓаните сметаат дека сме одговорни, професионални и посветени во однос на нашата мисија и задачи за кои се залагаме веќе 24 години. Имено, во контекст на политичките тензии и неизвесност околу изборите и сите тензии кои се случуваат во општеството, тоа што ние сме второспомената организација во граѓанскиот сектор после граѓанската органзиација „МОСТ“ навистина е вредно за споменување, односно за детската амбасада Меѓаши знаат околу две третини од испитаниците. По она што најмногу не` препознаваат се активностите за детските права, заштита на децата од насилство, хуманитарната помош итн. Она што најмногу ни значи, а досега сите претходни истражувања го докажувале тоа, е дека дури 82% од испитаниците имаат доверба во нашите активности. Севкупно, околу 83% од испитаниците кои знаат за МЕЃАШИ сметаат дека со своите активности имаме влијание во јавноста. Исто така, важно е да се напомене дека околу две третини од испитаниците кои знаат за Детската амбасада МЕЃАШИ сметаат дека сме независни од партиски влијанија.

14. Детската амбасада Меѓаши на 29 април го прослави 24 роденден. Што најмногу Ви остави вечаток во сите изминати 24 години.

Го срушивме молкот за страдањата на децата. Ги охрабруваме децата да зборуваат за сé она што им се случува. Ja подигнавме на високо ниво важноста за почитување на правата на детето, детската личност. Фактот што се поотворено и погласно се говори за важноста на мировното образование во воспитно образовниот процес .

15. На што во моментов работи Детската амбасада Меѓаши?

Како партнери, започнавме со спроведување на регионалниот проект „Транснационална коалиција на граѓански организации на Југоисточна Европа за заштита на жени и деца од трговија со луѓе и родово базирано насилство„ наречен СТОП. Преку оваа активност се oбидувaме дa oствaриме сoрaбoткa пoмеѓу граѓанските организации и институциите кoи се зaнимaвaaт сo прaшaњaтa пoврзaни сo тргoвијa сo деца/луѓе и рoдoвo зaснoвaнo нaсилствo.

www.vest.mk/default.asp?ItemID=FC16E5AF94D1E9409091EAA1B0...