Почетна » Алтернативни извештаи » ИЗВЕШТАЈ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВАТА НА ДЕЦАТА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА


ИЗВЕШТАЈ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВАТА НА ДЕЦАТА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

ПРЕДГОВОР 

            Пред вас се наоѓа Извештајот за остварување на правата на децата во Република Македонија, којшто дава слика за состојбата со остварувањето на правото на образование на децата со посебни образовни потреби, како и вклученоста на децата Роми во установите за згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст. Исто така, во овој извештај се разгледуваат и состојбите во областа на доењето, малолетничката правда, почитувањето на првата на децата во областа на детското учество, децата кои употребуваат дрога и децата жртви на продажба, трговија и киднапирање.

            При следењето на состојбата со правата на децата во погоре наведените области, како основа беше земена Конвенцијата за правата на детето (КПД), двата Факултативни протокола кон КПД и Препораките од Комитетот на Обединетите нации за правата на детето кои беа испратени до Република Македонија во 2010 година.

            Овој извештај го опфаќа следењето на состојбата со правата на децата во периодот на 2012 година. Извештајот е подготвен од неформалната Коалиција на невладини организации за правата на детето, којашто е основана и координирана од страна на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, а во неа, заедно со Детската амбасада Меѓаши, членуваат 14 организации и една коалиција на граѓански организации.

            Најважните наоди во однос на спроведувањето и почитувањето на правата на децата во наведените области се наведени во извештајот во форма на позначајни резултати до кои сме дошле преку сознанија, генерални согледувања и заклучоци. Извештајот се заокружува со препораки, коишто ги даваме како Коалиција со цел подобро остварување на правата на децата преку целосна имплементација на водечкиот меѓународен документ кој ги дефинира правата на децата, Конвенцијата за правата на детето.

            Како Коалиција би сакале да искажеме благодарност до сите што  се вклучија во собирањето на податоците како даватели на податоци или како учесници во обезбедувањето податоци. Нивното учество и споделување на информациите беше повеќе од добредојдено затоа што покрај тоа што помогна за подготовката на овој извештај, воедно помага и за креирање подобар свет за децата.       

            Подготовката на овој извештај е поддржана од страна на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија преку проектот „Градење на капацитетите на невладиниот сектор во мониторирањето на детските права“.

  

ВОВЕД 

            Овој Извештај за остварување на правата на децата во Република Македонија претставува резултат на процес кој е реализиран со цел испитување и анализирање на степенот на остварување на правата во секојдневниот живот. Процесот на подготовката на извештајот се одвиваше во периодот од февруари до јуни 2013 година, а во согласност со методологијата што ја разви Коалицијата на невладини организации за заштита на правата на децата, во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.

            При подготовката на извештајот беа преземени повеќе активности:

  • анализа на релевантната документација и статистика
  • организирање и спроведување интервјуа
  • организација и спроведување фокус групи со деца и со млади
  • сублимирање и анализирање на податоците што ги собираат организациите како дел од нивната секојдневна работа
  • спроведување конкретно истражување и анализа на резултатите добиени од истражувањето
  • идентификување примери на добра пракса

 

            Структурата на извештајот е составена од воведен дел во кој се прикажуваат главните наоди од спроведеното истражување, опишана е методологијата што е користена при собирањето на податоците, како и при подготовката на извештајот, како и најважните предизвици, сознанија и препораки што произлегоа од спроведеното мониторирање.

            Извештајот понатаму опфаќа 8 поглавја:

            Првото поглавје се однесува на правото на децата на детско учество, каде што поголем осврт е даден на учеството на младите во средношколското организирање и донесување на  одлуките на ниво на училиште.

            Второто поглавје се однесува на образованието на децата со посебни образовни потреби, односно нивната вклученост во редовното основно образование во Република Македонија.

            Во третото поглавје се дава преглед на остварувањето на правата на децата на здравје, поточно, во еден дел фокусот е ставен на имунизација на децата и во друг дел на информираноста на децата за превенцијата од ХИВ/СИДА. 

            Следното, четврто поглавје се однесува на мерките за заштита на децата коишто употребуваат дрога.

            Петтото поглавје ја обработува темата на вклученоста на децата Роми во установите за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст.

Положбата на децата жртви на продажба, трговија и киднапирање е претставена во шестото поглавје, а последните две поглавја, седмото и осмото, обработуваат теми од областа на малолетничката правда и доењето. 

            Најважните наоди добиени во текот на процесот се претставени во главни заклучоци и препораки кои Коалицијата на невладини организации за правата на детето се надева и очекува дека ќе бидат појдовна основа за креирање политики и стратегии на Република Македонија во насока на подобрување на почитување на правата на децата, унапредување на добробитот на децата и креирање општество во кое децата ќе имаат целосно учество во општествените текови кои се од нивни интерес.

За целиот извештај кликни тука