Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.37


СПОРЕД ПОДАТОЦИТЕ НА ПРВАТА ДЕТСКА АМБАСАДА ВО СВЕТОТ „МЕЃАШИ“

Ќотекот царува во училиштата

Учителите и ден денес како воспитна мерка во училиштата користат дрвен стап, но и клоци да ги воспитаат децата, е наведено во извештајот од Детскиот алтернативен извештај за состојбата со правата на децата во земјава, што го презентираше Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Една петтина од децата во Македонија се изложени на семејно насилство, а кај 2,3 процента од нив тоа е секојдневие. Една половина од децата со кои е разговарано тврдат дека во нивното училиште има насилство. Две третини од нив се изјасниле дека постои насилство на улица, а една петтина од нив тврдат дека тоа се случува секојдневно. Три четвртини од децата не ги знаат своите права, а една третина од нив тврдат дека професорите, односно наставниците не ги почитуваат нивните права. Ова се дел од податоците од Детскиот алтернативен извештај за состојбата со правата на децата во земјава, што го презентираше Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Истражувањето е спроведено во почетокот на јуни минатата година со помош на анкетен прашалник со 63 прашања. Анкетата ја извршија група од 62 деца од седум различни града од Македонија, меѓу 2.234 ученици од основните и од средните училишта. - Многу е важно да нагласиме дека девет проценти од нашите испитаници тврдат дека во училиштата постои сексуално вознемирување. Ние сметаме дека доколку децата, навистина, би знаеле што спаѓа под сексуално вознемирување, оваа бројка би била многу поголема, изјави Елена Димитриевска, претставник на Детскиот алтернативен извештај пред Комитетот за правата на децата во Женева. Според овој извештај, подготвен од децата, најнепочитувани права во семејствата се правото на приватност и правото на сопствено мислење. Само шест проценти од децата се запознаени со некој СОС-телефонски број каде што би можеле да се обратат за помош, а една третина од нив им се обратиле за некој проблем, правото на еднаквост (без дискриминација) е едно од најмалку познатите права. Во посебен дел од извештајот именуван како „Посебни забелешки“ се обработени уште неколку теми, кои не беа опфатени со анкетата, но децата сметаат дека се од големо значење. - Тука спаѓаат децата што се исклучени од училиштето, квалитетот на образованието, децата со посебни потреби и непочитувањето на детските потреби, додаде Димитриевска. Според неа, децата издвоиле неколку препораки за подобрување на состојбата со своите права во Македонија. Тука спаѓаат мерките што државата треба да ги преземе, а со кои ќе се гарантира безбедноста на децата во секојдневниот живот, активно промовирање мировно образование и вклучување во редовниот процес со цел намалување на високата стапка на дискриминација и на насилство меѓу врсниците. Извештајот се изработуваше од страна на децата вклучени во проектот „Градење култура на детско учество“, финансиран од Европската комисија и УНИЦЕФ. Ова е првпат во Македонија деца да подготват извештај и да го застапуваат пред Комитетот за правата на детето при Организацијата на обединети нации. Извештајот е испратен до Комитетот, а ќе го презентираат Елена Димитриевска и Васка Бојаџи на 3 февруари оваа година, во Женева.

www.vreme.com.mk