Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.37

Роза Василевска и Реџеп Раими се добитници на специјален сертификат за волонтерство од МКЦ БитолаМладински културен центар – Битола (Волонтерски центар на Македонија) по повод 5-ти декември Меѓународниот ден на волонтерите, распиша јавен повик за волонтерски награди за 2009 година. Повикот беше упатен до сите граѓански здруженија да предложат кандидати за златен, сребрен и бронзен сертификат за волонтерски ангажман за 2009 година.

Добитници на сертификатите за волонтирање се: Златен сертификат доби Марина Јовановска од Битола која волонтирала во детската градина „Мајски цвет". Сребрен сертификат доби Филип Грижовски од Прилеп за работата во Заводот и музеј од овој град. Бронзен сертификат доби Дарко Петровски од Тетово за постигнувањата како волонтер во Универзитетската Поликлиника во Тетово.

            Нашите долгогодишни волонтери, воедно и членови на Колегиум, Роза Василевска и Реџеп Раими, се добитници на специјален сертификат за волонтерство.

Роза Василевска долги години е професорка по одделенска настава вработена во ОУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје а воедно и волонтерка во Детската амбасада Меѓаши уште од првите години на создавањето кога водеше работилници за човечките вредности. Многу пати до сега ги претставувала активностите пред медиумите на скоро сите телевизиски канали А1, Сител, МТВ, МТМ, Скај Нет, Наша тв и други, како и на радио и во дневни весници.

За воодушевување е фактот дека таа со силен жар волонтира во детската амбасада Меѓаши и несебично ги вложува своите знаења и вештини. Активно има учествувано на многу работилници, семинари, обуки, истражувања за кои има добивано низа сертификати дипломи како потврда за стекнатото знаење, кое го применува и во детската амбасада Меѓаши и во нејзината работа како пофесорка по одделенска настава. За истакнување е нејзиниот ангажман како фасцилитатор во проектот „Мулти-култи“ во работилници со родителите од повеќе националности и волонтерски ангажман на бесплатниот СОС телефон за деца и млади. На оваа линија веќе подолго прима повици и се труди да им помогне на сите деца да се запознаат подобро со своите права или да се креираат услови за остварување на истите. Доста често одржува советодавни средби со членови на семејства на кои им е потребен разговор. Со своето залагање инспирирала и поттикнала свои познаници и пријатели на да се активираат како волонтери во Меѓаши.

Реџеп Раими, одделенски наставник во пензија, е активен волонтер во Првата детска амбасада во светот меѓаши од месец јули 2001 година. а повеќе од 20 год. бил активен член во Македонскиот Црвен Крст(ЦК) во Скопје.

Еве како Реџеп лично кажува како почна да биде волонтер во Детската амбасада Меѓаши, и што е она што го мотивира своето слободно време да го посвети на децата и остварувањето на нивните права: „Од ЦК на општина Чаир бев известен дека амбасадата Меѓаши има потреба од волонтер од албанска националност и ме замолија да се јавам кај нив. Не знаев ни каде се просториите на ПДАС Меѓаши, и се упатив да купам весници од кои го дознав телефонскиот број на Меѓаши. Се упатив до просториите на Меѓаши каде што ги сретнав Гордана П. Змијанец и претпоставената госпоѓа од Германија, каде што ми ги објаснија сите работи. Тогаш прифатив да работам како волонтер – воспитувач со група деца од кризните жаришта, кои беа згрижени во семејства. Така со неколку автобуси се упативме за Охрид- Хотел Силекс.“

Стекнатите искуства од волонтерските активности потоа ги применува и во неговата работа како наставник. Тој во 2003 година, заедно со други волонтери, водеше работилници за детските права во мултиетничките средини во 15 основни училишта во Скопје и околината на Скопје. За овие работилници самиот вели:„ остваривме одличен успех затоа што прифативме ученици од сите националности. Одлучивме прво да работиме со професорите каде што одржавме тренинзи со професорите Македонци и Албанци во Маврово, Струга и во Скопје на тема “ Ненасилна разработка на конфликти”. По одржувањето на тренинзите, професорите требаше да го имплементираат во училиштата со мешан етнички состав на ученици.“

Роза Василевска и Реџеп Раими, со својата волонтерска работа претставуваат пример на кој ние од Детската амбасада Меѓаши се восхитуваме, и кој треба сите да го следиме.