Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.37

Прва национална конференција за детето Социјалната дискриминација, правото на образование и борбата за правата на децата беа главните теми на конференцијата 
     
Децата во современото општество се соочуваат со безброј проблеми и ние мора да им дадеме одредена слобода и тие да учествуваат во нивното решавање, истакна европратеникот Ерван Фуере на вчерашната прва национална конференција за детето, која се одржа во киното „Фросина“.

Социјалната дискриминација, правото на образование и борбата за правата на децата беа главните теми на конференцијата. Според Фуере, ова е прва конференција што опфаќа три главни прашања: социјална едукација, етничка дискриминација и партиципација на детето.

- Има многу видливи проблеми со кои се соочени децата во нашето општество, притиснати од социјалниот ризик и на тие проблеми не може само да се заврти глава и да се игнорираат. Сепак и децата кога станува збор за нивната вклученост мора да се обликуваат и да им се даде одреден степен на нивното влијание во решавањето одреден социјален проблем - додаде тој.

Директорот на детската амбасада „Меѓаши“, Драган Змијанац, зборуваше за детското учество како наслов за она што навистина се случува околу инволвирањето на детските права и активизам. Тој ги охрабри децата за активизам и за инволвираност во институциите, како семејството, училиштето и секаде каде што е потребно да се слушне детското право.

Шефот на мисијата на УНИЦЕФ во Македонија, Шелтон Јет, појасни дека слушајќи ги децата не значи дека автоматски веднаш треба да се земе предвид тоа тие што го кажуваат, туку треба да се сослушаат нивните мислења и да се донесе решение за ситуацијата за која тие се залагаат.