Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.37

МАСОВНО СЕ КРШАТ ДЕТСКИТЕ ПРАВАСкопје, 21 јануари (МИА) - Една петина од децата во Македонија се изложени на семејно насилство, а кај 2,3 отсто од нив тоа се случува секојдневно. Половина од децата тврдат дека во нивното училиште има насилство. Две третини од нив се изјасниле дека постои насилство на улица, а една петтина од нив тврдат дека тоа се случува секојдневно. Три четвртини од децата не ги знаат своите права, а една третина од нив тврдат дека професорите, односно наставниците не ги почитуваат нивните права.

Ова се дел од податоците од Детскиот алтернативен извештај за состојбата со правата на децата во Република Македонија, што денеска го презентираше Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

Истражувањето е спроведено во почетокот на јуни минатата година со помош на анкетен прашалник со 63 прашања. Анкетата ја извршија група од 62 деца од седум различни града од Македонија, меѓу 2.234 ученици од основните и средните училишта.

- Многу важено е да напоменеме дека девет отсто од нашите испитаници тврдат дека во училиштата постои сексуално вознемирување. Ние сметаме дека доколку децата навистина би знаеле што спаѓа под сексуално вознемирување, оваа бројка би била многу поголема, истакна на денешната прес-конференција Елена Димитриевска, претставник на Детскиот алтернативен извештај пред Комитетот за правата на децата во Женева.

Според овој извештај, подготвен од децата, најнепочитувани права во семејствата се правото на приватност и правото на сопствено мислење.   Само шест проценти од децата се запознаени со некои СОС - телефонски број каде би можеле да се обратат за помош, а една третина од нив  им се обратиле за некој проблем, правото на еднаквост (без дискриминација) е едно од најмалку познатите права.

Во засебен дел од извештајот именуван како „Посебни напомени“ обработени се уште неколку теми кои не беа опфатени со анкетата, но децата сметаат дека се од големо значење.

- Тука спаѓаат децата кои се исклучени од училиштето, квалитетот на образованието, децата со посебни потреби и непочитувањето на детските потреби, додаде Димитриевска.

Според неа, децата издвоиле неколку препораки за подобрување на состојбата со нивните права во Македонија. Тука спаѓаат мерките кои државата треба да ги превземе со кои ќе се гарантира безбедноста на децата во секојдневниот живот, активно промовирање на мировно образование и вклучување редовниот процес со цел намалување на високата стапка на дискриминација и насилство меѓу врсниците.

Извештајот се изработуваше од страна на децата вклучени во проектот „Градење култура на детско учество“, финансиран од Европската комисија и УНИЦЕФ.

Ова е првпат во Република Македонија деца да подготват извештај и да го застапуваат пред Комитетот за правата на детето при Организацијата на обединети нации. Извештајот е испратен до Комитетот, а ќе го презентираат Елена Димитриевска и Васка Бојаџи на 3 февруари оваа година во Женева

www.idividi.com.mk