Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.37

Дневен центар за деца кои не одат на училиштеДневниот центар за деца кои не одат на училиште и понатаму продолжува да функционира во рамките на Првата детска амбасада во светот Меѓаши со поддршка од бизнис секторот, граѓаните и волонтерите.

Од исклучително важно значење за овие деца е продолжувањето на работата на Дневниот центар за да не го изгуби ефектот сето она што досега е направено. Децата веќе стекнаа навика да доаѓаат тука, редовното доаѓање им беше многу значајно и дури бараа почесто да го посетуваат Дневниот центар. Имајќи предвид во какви услови живеат доаѓањето во Дневниот центар е можност и за намалување на штети. Понекогаш во центарот доаѓаа и помалите членови на семејството со цел да се избањаат, да добијат барем една ужинка во денот и да поминат малку време во топла просторија. Учеството во работилниците покрај овие активности им овозможува да се изразат себе си, да ги развијат своите капацитети кои средината не им дозволува и да научат нови корисни работи. Децата и нивните семејства исто така добиваат облека, обувки (како донации од граѓаните), обезбеден им е полесен пристап до здравствената заштита и остварување на нивите права.

Бидејќи бројот на децата на улица на територија на Скопје е околу 1000, ние овозможуваме згрижување на децата кои не одат на училиште а кои живеат на територијата на Општина Аеродром  каде всушност се наоѓа и Детската амбасада. Многу е значајно за оваа целна група Дневниот центар и физички да биде поблиску до местото на нивно живеење. Последниве месеци во работата на центарот беа опфатени 20 деца на улица од општина Аеродром, на возраст од 5-14 години.

Главна цел на Дневниот центар е да им се овозможи на децата на улица и уличните деца инклузија во општеството, психо-социјална поддршка и интервенција преку вонинституционална форма на социјална заштита. Во рамките на Дневниот центар се нудат најразлични услуги во зависност од потребите на децата (одржување на хигиената, овозможување примарна здравствена заштита, групна социјална работа, застапување и лобирање за заштита на нивните права, поддршка на нивните родители...).

Покрај работа со децата ние работиме и со родителите односно семејствата. Ним им овозможуваме помош во реализирањето на здравствените и социјални права, што подразбира помагање во остварувањето на правото на здравствена заштита за нивните деца, полесен пристап до здравствени услуги, информирање за социјалните права и начини на нивно реализирање. На овој начин овозможуваме ублажување на ефектите од социјалната исклученост.

Детската амбасада Меѓаши се обрати со барање за донација за поддршка на Дневниот центар. Дневниот центар за 2010 година го поддржаа со своја донација следниве претпријатија и индивидуалци:

Ланком Компјутери
Комерцијална банка а.д Скопје
Промедика доо
Техно Ауто Дооел
Адвокатско друштво Менс Легис Чакмакова
Драгица Блажеска