Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.37

Децата заложници на родителскиот инаетЦентрите за социјална работа во бракоразводната постапка треба да го земаат предвид правото на мислење на детето, со кој родител сака да живее и со кој остварил емоционална стабилна врска, препорачуваат од Националната коалиција за правата на детето

Сопругата пред очи ми го киднапира детето! Од породилно, наместо да си дојде дома со бебето, си отиде кај родителите и веднаш побара развод. Не само што мене сака да ме остави без дете туку не ја интересира ни што детето го остава без татко. Сега ниту таа го гледа ниту мене ми го дава. Детето расте со баба и дедо, но без татко и мајка.

Ова е приказната на скопјанец, кој како и илјадници други мажи води институциска битка за да биде татко на своето дете „повеќе од четири дена во месецот“. За разлика од нив, илјадници други не сакаат ниту еден ден да им бидат родители на своите деца и по разводот забораваат дека на детето му треба татко.

- Ми се кине срцето кога децата застануваат на прозорецот и гледаат кон паркингот за да го видат автомобилот на татко им. Децата плачат по еден час, чекајќи го татко си да ги земе, а него никаде го нема.

За да ги смирам, мора да им раскажувам прикаски дека бил зафатен, па затоа не доаѓа. Ми ги остави децата и го снема. Зошто ли тогаш се женел? Мисли ли тој на децава, се сетил ли тој дека тие го бараат - вели триесетгодишна скопјанка.

И таа како и другите незадоволни родители смета дека на државава и' требаат нови законски одредби, кои повеќе ќе водат сметка за децата, а помалку за родителите.

Според статистиката, од 2000 година до лани секој десетти брак во државава завршил со развод. Просечна возраст на разведените жени е 24 години, а најголем процент од мажите што се развеле се на 27-годишна возраст. По раскинувањето на брачната или вонбрачната заедница, поранешните сопружници продолжуваат со меѓусебните конфликти, во кои најголемите жртви се нивните деца.

ТРАУМАТИЗИРАНИ ДЕЦА

Психичките последици од таквата состојба кај децата се многу потешки отколку што родителите се свесни за тоа, сметаат експертите.

- Непосредно пред разводот, во текот или по разводната постапка, односно додека не воспостават нормална комуникација меѓу себе, сопружниците ги забораваат децата. Забораваат дека во сите конфликтни ситуации што се случуваат, а поради кои доаѓа до развод, сведоци се и децата. А како децата го доживуваат сето тоа ретко кој се запрашал. Уште помалку ги прашал тие дечиња како се чувствуваат во тие моменти. Таквата состојба кај детето може да предизвика одредени психолошки состојби на вина. Децата мислат дека нешто згрешиле, па затоа мама и тато не се заедно. Се самообвинуваат, се повлекуваат во себе, се изолираат и се чувствуваат поинакви од другите дечиња. Таквото однесување не е нормално, па психолошкиот развој на детето назадува, наместо да напредува - вели Билјана Копрова, специјалист по медицинска психологија.

Таа смета дека поради здрав психолошки развој на детето му се потребни двата родитела во секое време.

- Вообичаено е во нашата средина при развод на сопружниците децата да останат со мајката. Меѓутоа, независно од полот на детето, ќе фали идентификацијата со другиот родител, односно таткото. Сите психолошки испитувања го покажуваат значењето на двата родитела, независно дали детето е машко или женско - вели Копрова.

Според неа, кога ќе се случи развод институциите прават правила за родителите, а не за децата, кои секогаш имаат потреба да го видат својот родител, било да е таткото или мајката. Независно од возраста, децата во тие периоди не се поштедени од психолошки стрес, од траума и од доживување отфрленост.

- Децата се зависни од родителите емоционално, психолошки, материјално и физички, односно од сите аспекти. За детето нема значење поимот развод. За нив е важно тоа што го гледаат, а тоа е дека мама и тато не се заедно, дека не се сакаат и самото тоа доживување ги вклучува и нив. Бидејќи себеси се доживуваат во единство со родителите, без разлика од кој родител ќе бидат одвоени, нормално е дека во понатамошниот живот ќе се чувствуваат потрауматизирани, зашто ќе недостига дел од нив - вели Копрова.

ПОВРЕДЕНИ ДЕТСКИТЕ ПРАВА

Сегашните законски одредби им ги ограничуваат правата на децата со тоа што не им овозможуваат на нивните татковци да бидат повеќе време со нив, сметаат од граѓанското здружение „Емоционално здраво детство“.

- Сите водат сметка само за тоа дали едниот или другиот родител ги гледа своите деца, но никој не води сметка дали децата ги гледаат своите родители. Целта на Здружението е да ги застапува интересите на детето, неговите емоционални потреби, желби и права. Видливо е дека кога се подготвувал Законот за семејството немало претставник кој би ги бранел интересите на децата. Контактираме со надлежните институции, а интензивно соработуваме и со Комората на психолози, која треба да подготви професионално мислење - што е најдобро за децата. Тоа мислење ќе се користи при подготовката на новите законски решенија - вели Влатко Поповски, претседател на Здружението.

Тој објаснува дека освен мажи, во Здружението членуваат и жени, кои сакаат да се изборат несовесните татковци да им посветат повеќе внимание на своите деца и редовно да ја плаќаат алиментацијата.

На кој родител ќе му биде доверено детето или децата е строго дефинирано според Законот за семејството, а не според шаблони, велат во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Скопје.

- Независно дали сопружниците решиле да се разведат спогодбено или по основа на тужба, Судот бара мислење од Центарот на кој родител да му биде доверено детето. Вообичаено е да се одреди тримесечен период во кој се остава време сопружниците да изнајдат начин да се смират и да останат заедно, бидејќи тоа е најдобро за децата.

Ако бракот, сепак, се растури, тим од психолози, социјални работници, педагози и по потреба правници, по согледување на состојбата и по разговорите со родителите и со децата оформува решение кому да му биде доверено детето. Притоа не се фаворизира ниту еден родител, двајцата се рамноправни, оти секој случај е сам за себе - велат во Центарот.

Сепак, експертите сметаат дека постои простор да се донесат некои подобрувања во однос на постоечките решенија во Законот за семејството. Тие нагласуваат дека, на пример, во соседните земји Судот донесува решение и тоа мора да се почитува, а не како кај нас - решенијата за видување, кои се донесуваат од центрите, постојано да се менуваат по инсистирање и најчесто од инает на едниот родител, а за сметка на децата.

НОВИ ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА

Непочитување на правата на децата во однос на одржување контакти со родителот со кој не живеат утврдиле и народниот правобранител и невладините организации.

„Центрите за социјална работа во бракоразводната постапка да го земаат предвид правото на мислење на детето, со кој родител сака да живее, со кој родител остварил емоционална стабилна врска и ова мислење да биде земено предвид еднакво важно како и материјалните и економски услови што родителот ги има“. Ова е препораката што Националната коалиција за правата на детето, координирана од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, неодамна ја објави во Алтернативниот извештај на невладините организации кон државните извештаи за состојбата со правата на детето во Република Македонија.

Од канцеларијата на народниот правобранител велат дека изминативе неколку години најголем број од претставките во врска со правата на децата се однесуваат на остварување на правата на децата да одржуваат лични и непосредни контакти со родителот со кој не живеат.

- Најчест проблем е неизвршувањето на решенијата на центрите за социјални работи за остварување на тие контакти, при што и покрај нашите интервенции и доставената информација до министерот за труд и социјална политика, ваквата состојба се' уште тешко се надминува.

Поради недостиг на ефикасни и практични механизми за извршување на решенијата, честопати ова право беше оневозможено од страна на едниот родител, а центрите се воздржуваа да преземат поригорозни мерки - вели Невенка Крушаровска, заменик на народниот правобранител.

Од Правобранителството сметаат дека пред да донесат одлука што се однесува на децата и на родителите центрите ретко вршат надзор и следење на вршењето на родителските права и обврски, поради што донесуваат решенија што во практиката тешко се спроведуваат.

- Во практиката често се случува детето да одбива да одржува контакти со родителот со кој не живее, па центрите, почитувајќи ги изјавите на детето, „креваат раце“ од случајот и не преземаат други мерки за остварување на ова право. Меѓутоа, ретко кога центрите испитуваат зошто детето одбива да се гледа со другиот родител - дали поради лошиот и несоодветен однос на родителите кон детето или е поради инструираност и закани од родителот со кој живее. Поради тоа, стручните тимови во центрите треба да ја проценат секоја изјава од детето и преку вршење надзор над родителското право да оценат дали детето дало одредена изјава поради злоупотреба и притисок од страна на некој од родителите - велат од канцеларијата.

Игор Шегавиќ

http://dnevnik.com.mk/?ItemID=E4FCF83997BFE0429EDC2EB8F87685B5