Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.37

Децата ги снемува кога грижата исчезнуваПо последните случаи на исчезнати деца, а во недостиг на прецизни информации од надлежните, граѓаните и родителите се се' позагрижени за безбедноста на своите деца

Тринаесетгодишната Нукет Лимановска, за која медиумите јавија дека од петокот е исчезната, повторно е на сигурно, во својот дом со семејството.

Девојчето било најдено на Железничката станица во Скопје, каде што два дена спиела и питала. Таа се изгубила кога тргнала да го бара својот осумгодишен брат и не знаела да се врати дома. Нејзиното братче било најдено во саботата во Домот за деца без родители „25 Мај“.

За случајот ќе биде известен и Центарот за социјални работи и доколку биде утврдена основа за родителска негрижа, против родителите ќе биде поднесена пријава.

Наспроти „среќниот крај“ на Нукет и на нејзиното братче, се' уште не е познато што се случило со четиригодишниот Дани Мамеди, кој исчезна во саботата во Куманово. Непозната е судбината и на Митат Ибраими (7) од скопското село Средно Коњаре, кој исчезна пред две недели. Јавноста беше потресена и од судбината на малата Ангела Ѓоргиеска од мариовско Дуње, која беше најдена мртва пред повеќе од еден месец, откако исчезна во август лани. Се' уште не се знае како настрадала.

Непознатата судбина на овие деца и се' почестите информации за нивни исчезнувања отворија многу дилеми. Дали негрижата на родителите и блиските е една од причините за несреќната судбина на децата или, пак, затајуваат институциите на системот задолжени да се грижат за маргинализираните групи или за граѓаните од руралните средини од каде што најчесто исчезнуваат децата? Дали Македонија се' повеќе е мета на организирани криминални групи што грабнуваат деца за да ги продадат, да ги тераат да се проституираат или да ги продадат нивните органи?

По последните случаи на исчезнати деца, а во недостиг на прецизни информации од надлежните институциите, родителите се се' позагрижени за безбедноста на своите деца.

Ризични семејства

Од Првата детска амбасада „Меѓаши“ велат дека може да постојат повеќе причини за исчезнувањето на децата, како што се родителската негрижа и надворешното опкружување. Предупредуваат дека Министерството за внатрешни работи не треба да го исклучи сомнежот дека исчезнувањето на децата е поврзано со трговија со деца и детски органи, киднапирање, организирана група за грабнување на деца заради питачење, детска проституција и порнографија.

- При истрагата, полицијата треба да ги има предвид сите варијанти. Брзата интервенција, навремената информација и откривањето на случаите ќе помогне не само да не се зголемува паниката кај родителите и граѓаните туку и да се мобилизираат за да се превенира заштита на децата, ако постои организирана група грабнувачи - објаснува Ангелина Чалакоска од „Меѓаши“.

Таа додава дека за несреќен случај поради родителска негрижа, одговорноста не е само на родителите, туку и на институциите. Поголемите трагедии почесто се случуваат во дисфункционални семејства, семејства во ризик, социјално обесправени и кај оние што се во бракоразводна постапка, поради што центрите за социјални работи не треба да чекаат повик од граѓани за насилство или за негрижа, па да реагираат.

Чалакоска вели дека многу често се случува родителите да пријават дека нивните деца се киднапирани или исчезнати, а всушност станува збор за проблем во самото семејство. Во оваа категорија спаѓаат и случаите кога тинејџерки „исчезнуваат“, а тие всушност го напуштиле домот бидејќи сакале да се омажат.

Родителска негрижа

Криминолозите сметаат дека децата најчесто исчезнуваат поради родителска негрижа или во несреќи, а за мал број случаи може да се сомнева дека се жртви на криминалци. Според професорот на Полициската академија, Маријан Котевски, институциите се анемични и не водат доволно грижа за граѓаните, па се' почесто се случува да страдаат децата.

- Не верувам дека последните случаи на исчезнувања се резултат на криминални активности и дека децата ги грабнуваат заради трговија со органи или проституција. Најчесто станува збор за несреќи или случаи кога децата доброволно бегаат од дома. Не се во ред забелешките за полицијата, која професионално си ја врши работата. Сепак, би било идеално кога меѓу граѓаните и полицијата би се воспоставил партнерски однос и соработка. На тој начин би се дејствувало и превентивно, а и резултатите на полицијата би биле уште подобри - смета Котевски.

Иво Котевски, помошник-министер за односи со јавноста во МВР, тврди дека полицијата ги мобилизира сите капацитети во потрагата.

- Секој случај е индивидуален и МВР крајно сериозно постапува во секој од нив. Најважно е што е можно порано да се пријави исчезнувањето, а уште повеќе родителите да преземат се' што е во нивна моќ таквите работи да не се случуваат - вели Котевски.

Заедничка акција

Социолозите објаснуваат дека родителската негрижа и злоупотребите на децата се се' позачестени поради сиромаштијата, отуѓеноста на луѓето, незаинтересираноста на околината, но и слабата ажурност на институциите.

- Вакви проблеми се најчести кај маргинализираните групи како што се Ромите, сиромашните жители на руралните средини, односно онаму каде луѓето немаат здравствена заштита и не се образуваат доволно. Затоа државата треба да ја зајакне контролата врз овие групи, а не само да ги евидентира за примање социјална помош - вели социологот Нелко Стојановски.

Со ваквиот став на социолозите се согласува и Ашмед Елезовски од Националниот ромски центар „Куманово“. Тој нагласува дека трката за гола егзистенција и пари оди на штета на децата, иако за ромскиот народ семејството и децата имаат важна улога.

- Нема заедничка акција на сите актери во овој процес - државни институции, невладините организации, но и училиштата. За жал, нашето искуство покажува дека социјалните работници немаат многу трпение со маргинализираните групи. Можеби поради тоа што се малку, па се случува еден социјален работник да биде задолжен дури и за 2.000 луѓе - вели Елезовски.

Тој бара Македонија во овој дел да ги проучи западноевропските искуства, каде што се покажало дека социјалните служби се мотор кај сиромашните и загрозените семејства. Тие, додава Елезовски, не помагаат само финансиски туку се трудат да им најдат работа и да ги интегрираат во општеството.

Само семејството го бара Ромчето од Куманово

Специјалните нуркачки екипи на МВР вчера не дојдоа во кумановската ромска населба Средорек да ја пребаруваат реката Кумановка, за во која се претпоставува дека се удавил четири и полгодишниот Дани Мемеди. Таткото Драган, чичкото Боби и бабата Фетија не можат да се соземат од вознемиреност и жал за исчезнатиот миленик, кој во саботата вечерта играјќи во дворот исчезнал без некој да го забележи. Детето си играло со инвалидската количка на својата баба и со неа најверојатно се лизнал во реката.

Таткото Драган вели дека не само што го притиска жал и тага за исчезнатото дете, туку уште повеќе е револтиран од индолентноста на полицијата, на локалната самоуправа и на политичките партии, кои воопшто не се обидуваат да му помогнат.

По неговото враќање вчера од кумановската полициска станица, каде што бил на разговор, на брегот од спротивната страна на куќата двајца полицајци го надгледуваа брегот.

- Кога го пријавив исчезнувањето во полицијата ми рекоа да чекам

24 часа, а денеска ми велат дека полицијата распишала потрага. Не е точно. Проверивме на интернет, нема ништо од тоа. Само ние од семејството и пријателите го бараме. Додека сум жив ќе го барам детето, мене секоја секунда ми е важна, а не да седам во полиција и да разговарам. Не, не, не презедоа никакви мерки - револтиран е Драган. Тој додава дека завчера кусо време полицајците пребарувале.

-Денеска ми велат дека полицијата треба да разговара со градоначалникот, што нема никаква врска. Ме прашуваат дали некој ме мрази, дали со некого сум скаран. Немам ништо со никого. Само ја молам министерката Јанкуловска таа да се заземе и да ми помогне - вели Драган.

Бабата Фетија, која е инвалид и која се движела само со инвалидската количка со која исчезнал нејзиниот внук, седи во дворот и вели дека не може да се соземе од жал, но не може да верува дека никој од компетентните не сака воопшто да им помогне од детето барем нешто да се пронајде.

- Никој не сака да се заложи за нашето дете затоа што ние сме сиромашни, затоа што сме Роми. Нека најдат барем едно парче од алишта или од количка. Вака може да се сомневаме и дека можеби некој го грабнал - вели Фетија.

Таа додава дека можно е и некој да го убил или го однеле во Тетово да проси.

Соседите велат дека е греота што никој не сака да им помогне.

- Веднаш пријавија во полиција и никој не дојде да им помогне. Да беше дете од богато семејство целата држава ќе се кренеше на нозе. Ова е греота и срамота - вели Везира Асани.

Од МВР велат дека полицијата е на терен и го бара детето. Ако Одделението за потрага процени дека треба да се испратат нуркачи, тие ќе се вклучат во пребарување на реката.  (С.А.Ј.)

Ја нема десет години

Од МВР информираат дека последниве десет години во Македонија исчезнале 50 деца на возраст до 14 години. Полицијата успеала да расветли 48 случаи на исчезнувања. Пронашла 45 од децата, а три биле пронајдени мртви. Се' уште не се знае што се случило со Љунтурие Исени (5) од скопското село Трубарево, која исчезнала во ноември 2000 година, како и со Сунај Шакири (3) од скопско Крушопек.

http://dnevnik.com.mk/?ItemID=9BB8AE3F3DA1A34298D8440AF31836F1