Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41

Родителите не се грижат, а надлежните мижат-ДНЕВНИК Датум: 09.09.2011, 17:54

ИЛЈАДНИЦИ ДЕЦА СЕКОЈДНЕВНО РАБОТАТ ТЕШКА ФИЗИЧКА РАБОТА

Родителите не се грижат, а надлежните мижат

Децата низ земјата страдаат од злоупотреба, експлоатација и насилство. Шест отсто од децата под петгодишна возраст не се регистрирани при раѓање, со што се ограничува нивниот пристап до јавните услуги. Децата се злоупотребуваат дома и на улиците, каде што некои од нив живеат и работат. Само во Македонија над 2.000 деца живеат на улица во најголема беда и се принудени да питачат или да работат тешки физички работи рамо до рамо со возрасните. Овие деца најчесто стануваат жртви на безмилосната злоупотреба на детскиот труд. Застрашува бројката што поголем број од децата, чиј труд се искористува, се помали од 12 години, а работат со часови тешки и напорни задачи во крајно лоши работни услови. Надлежните институции велат дека постојано се на терен, прават контроли, но немаат регистрирано ниту еден ваков случај. Но, доволно е само да се излезе на улица и да се видат деца што продаваат овошје, дреболии, работат во сервиси за миење автомобили.

Родителите се виновни

Децата што се жртви на злоупотреба на најлошите форми на детскиот труд не посетуваат настава. Причините поради кои децата трудово се експлоатирани се малиот економски стандард на голем дел од населението.

Од канцеларијата на Народниот правобранител велат дека покренале иницијатива за измена на законската регулатива со цел децата на улица да влезат како посебна социјална категорија на кои треба да им се обезбедат посебна помош и заштита.

- Пред неколку години имавме случај кога деца од Гевгелиско-струмичкиот регион беа користени од своите родители за да работат на нива. Тие деца не посетуваа настава бидејќи беа трудово експлоатирани од родителите. Со злоупотребата на детскиот труд се загрозени основните човекови права. Предложивме и поднесовме иницијатива за измена на законската регулатива со цел децата на улица да влезат како посебна социјална категорија на кои треба да им се обезбедат посебна социјална помош и заштита. По нашата иницијатива општината се обврза да ја внесе оваа категорија дополнително и со Закон за социјалната заштита се предвиде да се формираат дневни центри за да им се помогне и да се тргнат од улица, да се вклучат во образование и да се работи со нивните родители, но проблемот с` уште стои - вели Невенка Крушаровска од канцеларијата на Народниот правобранител.

Според неа, овие деца треба да се вклучат во образованието и да се работи со нивните родители.

- Најчест податок што го имаме се деца што се злоупотребени од родителите и поради тоа се предлага во дневните центри да се работи и со родителите, децата да се вклучат во образованието и да им се обезбеди здравствена заштита - вели таа.

Сиромаштијата ги тера да работат


Детскиот труд е тесно поврзан со сиромаштијата. Многу сиромашни семејства не се во состојба да ја платат школарината и поради тоа повеќе внимание се обрнува на работата на детето отколку на неговото образование, велат од Хелсиншкиот комитет. Според Извештајот на УНИЦЕФ, нашата земја има втора најголема стапка на малолетничко престапништво во регионот по Бугарија. Другите истражувања покажуваат дека околу 70 отсто од децата на возраст од 2 до 14 години се изложени на некаква физичка или психолошка злоупотреба во домот или од страна на негувателот, а 16 отсто се изложени на сериозно телесно казнување.

За да излезе на крај со овие проблеми, УНИЦЕФ ~ помага на Владата да ги зајакне законите за детска заштита, да се обезбеди обука за лицата што ги применуваат законите, да се воспостават бази на податоци за поефикасно споделување на информации и за подобрување на мониторингот за да се осигура квалитетот на услугите што се обезбедуваат.

-Традиционално децата на кои им недостига родителска грижа, кои имаат пречки во развојот или кои биле жртви на злоупотреба се сместуваат во големи институции, каде што им се посветува несоодветно внимание. УНИЦЕФ му помага на Центарот за социјална работа да создаде база на податоци со која ќе се следат децата на кои им е потребна заштитна грижа. Во моментов целата работа околу документацијата се врши рачно притоа не се обезбедува доследност и честопати не се опфаќаат потребните информации. Информациите се разликуваат од еден до друг работник така што не постои веродостоен извор на податоци - рече Билјана Лубаровска, раководител на програмата за детска заштита во УНИЦЕФ.

Според Првата детска амбасада во светот  „Меѓаши“, во Македонија, иако основното и средното образование се задолжителни, сепак 18.500 деца се надвор од образовниот систем. Најмалку 2.000 деца своето детство го минуваат на улица и претставуваат лесна цел да бидат експлоатирани и злоупотребувани. Загрижени граѓани честопати се јавуваат во „Меѓаши“ и пријавуваат случаи во кои деца работат тешки физички работи.

- Ако државата обезбеди задолжително бесплатно и квалитетно образование за секое дете, може да се затвори кругот на неписменост, сиромаштија, детска експлоатација и злоупотреба. Ако децата од улица се вклучат во училиштето, ќе бидат дел од образовниот процес и ќе имаат други навики и потреби - велат од „Меѓаши“.

Од тешка физичка работа до порнографија

Најлоши форми на злоупотреба на детски труд се сите видови ропство, продавање и трговија со деца, присилна и принудна работа, употреба, посредување или понуда на дете за проституција, за производство на порнографија, употреба, посредување на дете за противзаконска дејност, посебно за производство и за трговија со дрога. Комитетот за правата на детето при Обединетите нации пред повеќе од една година ~ препорача на Владата да го зајакне спроведувањето на законите и политиките за работни односи и да ги истражи основните причини за да се спречи појавата на деца во опасност од детски труд.

Владата на Република на Македонија прави напори да ја намали злоупотребата на детскиот труд со отварање дневни центри. Таму дел од децата, кои од разни причини не се вклучени во редовниот образовен процес, доаѓаат секојдневно. Во дневните центри им се дава оброк, облека, вршат основни хигиенски потреби и добиваат основни воспитно-образовни содржини, но не и свидетелство за завршена учебна година.

Според Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, дневните центри не се трајно решение што ќе им ги обезбедат основните права на децата. Тоа се право на дом, образование и заштита од злоупотреба на детски труд.

- Најчесто овие деца по престојот во дневниот центар повторно завршуваат на улица и работат. Причина за ова не е нивната желба или, пак, дека не сакаат да уживаат во детската игра. Овие деца се чувствуваат должни да обезбедат егзистенција за своето семејство. Исто е и во руралните средини каде што децата аргатуваат во земјоделски работи, сточарството или во домаќинствата - велат од „Меѓаши“.

Транзитен центар од идниот месец

Транзитен центар во кој ќе бидат згрижени децата од улица ќе биде отворен во Скопје на почетокот на идниот месец. Овој центар ќе работи 24 часа, што е новина ако е знае дека до сега ваквите центри ги згрижуваа децата од улица само по осум часа и не даде никаква ефикасност за решавање на проблемите со децата-питачи.

- Дневните центри за деца на улица функционираат осум часа и тоа досега се покажа неефикасно од аспект на тоа што децата повторно се враќаат на улица поради несовесноста на своите родители. Во транзитниот центар ќе ги сместиме децата од улица и ќе може да ги задржиме во период од 24 часа. Тој период е доволен да се поведе иницијатива за одземање на родителското право - изјави министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристески.

Децата се злоупотребени од родителите и затоа во дневните центри треба да се работи и со родителите, вели Невенка Крушаровска од канцеларијата на народниот правобранител

За 3 години згрижени 631 дете

Во изминативе три години во дневните центри за деца на улица биле згрижени повеќе од 631 дете. На две семејства им било одземено родителското право, а во тек е постапка за одземање кај уште две семејства. Изминатата година против 119 лица се преземени разни мерки за намалување на малолетничката деликвенција во Скопје. Поднесени се 30 кривични и 42 прекршочни пријави. До сега се одземени 11 деца од две семејства. Одземените деца ќе бидат сместувани во загрижувачки семејства и/или во некоја од државните установи.

(Истражувачкиот проект е поддржан од Данската асоцијација за истражувачко новинарство и проектот SCOOP)

Даниела ВЕЉАНОВСКА, Валентина АНГЕЛОВСКА

http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=1882ABC60515004DAB6F1F459797D78E