Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41

По скандалот во посебните училишта
Бев изненаден кога прочитав за здравите деца што учат во училишта за посебни потреби. Во моментов сите инспектори се ангажирани за една друга важна работа, но за еден месец ќе направиме детаљна инспекција на сите училишта за деца со посебни потреби, изјави Џорџе Арсов, директор на Просветниот инспекторат

На Просветниот инспекторат не му се брза да го испита скандалот со двестете малолетни и целосно здрави деца, главно од ромска националност, кои учат и престојуваат во училишта за деца со посебни потреби и со пречки во развојот.

Џорџе Арсов, директор на Инспекторатот, вели дека посебните училишта ќе ги чешла дури идниот месец, оти деновите сите инспектори биле зафатени со други обврски.

- Бев изненаден кога прочитав за здравите деца што учат во училишта за посебни потреби. Ако е така, тогаш ќе се бара одговорност прво од директорите на школите, а потоа ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Во моментов сите инспектори се ангажирани за една друга важна работа, но за еден месец ќе направиме детаљна инспекција на сите училишта за деца со посебни потреби - изјави Арсов.

Деца, претежно од ромска националност, по барање на своите родители и без отпор од образовните власти биле запишувани во училиштата без документи и категоризација. Од канцеларијата на народниот правобранител велат дека направиле детаљно истражување на сите специјализирани училишта. Според нивни сознанија, главната причина поради која родителите ги запишуваат своите здрави деца во училишта крајно несоодветни за нивната состојба е сиромаштијата, но и многу ниската социјална свест на дел од родителите.

Родителите, но и одговорните во надлежното министерство, директорите во посебните училишта, целосно го занемаруваат фактот дека на овој начин на децата што се во нормална здравствена состојба им се нарушува нормалниот психофизички развој со ненадоместливи последици.

Од Првата детска амбасада во светот Меѓаши велат дека и според нивните податоци, децата што немаат пречки во развојот, а се од ромската заедница, намерно се категоризираат со помала категоризација. Нивна процена е дека 50 до 60 отсто од Ромчињата се дел од вкупната бројка на деца корисници на овие услуги во посебните училишта.

- Со ваков третман на здравите деца се повредуваат неколку члена од Kонвенцијата за правата на детето. Државата треба да ги почитува правата на децата без каква било дискриминација, без оглед на социјалното потекло, имотната состојба или друг статус на детето, да ги презема сите потребни мерки за заштита на детето од дискриминација - вели Драги Змијанац, основач и директор на Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

Марија ТАСЕВ

http://dnevnik.com.mk/?ItemID=06EA6BC2C41607439A310C78D6EC86C0