Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41


Никој не се грижи за децата што работат-Во лето и на студ пари од детски труд Повеќе од десет години се селам со целото мое семејство од место во место, н` има секаде каде што има работа, береме грозје, лубеници, пиперки. Работат сите што можат да работат, младите и децата берат, старите прават ручек и перат, доколку можат. Вака тринаесетгодишниот Рамиз ја почнува приказната за својот живот.

 Живее во черга заедно со шеесетина припадници на неговото поблиско семејство. Не одел никогаш на училиште, ниту знае како се презива. Ако го прашате од каде е, ќе ви каже од Македонија. Не знае што е азбука, што се сликовници, а играчките му се вистински луксуз. Дом за него е коњската кола покриена со церада за да не го врне. Во неа само искинат душек на кој спие со своите три сестри и брат му, кој има две години. Не знае кога е роден, никогаш не добил роденденска торта, но затоа знае кога се бере бостан, кога праски, а кога се селат во Скопје или во Кавадарци за да берат грозје. Рамиз е само едно од дваесетината деца од ова семејство за кои годишните времиња се мерат по плодовите што ги берат. Во пролет краставици и домати, налето праски и кајсии, наесен грозје, а зимата им е најтешка, просат и парчето леб го собираат по контејнерите во градот во кој ги затекнала зимата. Освен во земјоделството, детскиот труд се користи за работа во салони за миење возила, продаваат овошје и зеленчук под отворено, собираат пластика од контејнери. Во Министерството за труд и социјална политика велат дека немаат бројка за тоа колку кај нас се злоупотребува детскиот труд, но имаат можност да им го одземат родителското право на семејствата што ги злоупотребуваат децата.
 

Факултет за автомеханичар

Рефик е главниот човек кој ги договара работите со газдите на кои им треба работна сила. Има околу четириесетина години и занаетот го наследил од татко му.
- Имам факултет за автомеханичар, учев во Скопје, писмен сум и јас сум врската со чергарите и газдите. На луѓето им е битно само да земат дневници, колку повеќе членови има семејството, толку повеќе пари има да се помине зимата кога нема работа. Работат сите, и млади и деца, се штедат само старите. Тие не одат на нива, но работат с`друго, готват, перат, чуваат деца - вели Рефик. Во моментов договара работа за септември на една плантажа со лозје.
- Веќе сите ме познаваат. Ме бараат неколку месеци однапред, се договараме начелно за дневниците кои се од 500 до 700 денари на ден. Јас, нормално, имам провизија - се смее Рефик.
Аргатите работат повеќе од дванаесет часа. Децата главно берат, но поголемите од нив носат и вреќи и гајби.
Рефик вели дека фактот што во бербата во земјоделството има голем број малолетници е јавна тајна и никогаш досега во неговите триесетина години, колку што договара работа, немало инспекции за да проверуваат кој учествува во бербите.
Доказ дека никој не ги гони родителите се Марија и Магдалена, двете деветгодишни близначки од едно струмичко село кои цело лето го поминаа под камионската церада на својот татко, продавајќи овошје и зеленчук. Требаше да заминат деновиве зашто почнува школската година. Мајка им е дома, велат, го чува бебето кое се родило во Скопје. Додека таткото оди по набавка на нова количина бостан, тие сами продаваат. Во џебот имаат илјадници денари.
- Мали сме, ама ги разбираме парите. Одиме по пазарите од пет години. Никој не н` прашал зошто сме овде. Мора да помагаме зашто со овие пари ќе ја поминеме зимата - велат близначките.

Надлежните се виновни

Без разлика дали е Рамиз, Марија или Магдалена, вистината води кон едно, во Македонија се злоупотребува детскиот труд. Деца продаваат по улици, просат, работат во салони за миење автомобили.
Во Министерството за труд и социјална политика велат дека при надзорите извршени кај работодавците не се најдени на работа лица со 15 и помалку од 15 години, ниту пак некој во Министерството за труд и социјална политика пријавил злоупотреба на детскиот труд.
- Немало ниту една претставка, односно барање за заштита на права од работен однос на лица со 15 и помлади од 15-годишна возраст. Причината за ова е секако фактот дека има висока стапка на невработеност. Нашата политика и цел е да се спречи злоупотребата на детскиот труд, особено од потешките форми и облици на злоупотреба, како и негативното влијание на работата на децата, односно нивното ангажирање, кое негативно се одразува на здравјето, моралот, образованието и напуштањето на образованието - информираат во Министерството за труд и социјална политика.
Оттаму објаснуваат дека иако не станува збор за вработување деца, во практиката има случаи каде што детскиот труд се злоупотребува, посебно кај т.н. деца на улица. Заради спречување и на овој вид злоупотреба на деца, МТСП реализира активности и презема мерки чија крајна цел е социјалното вклучување на децата на улица. Така, со Законот за измените и дополнувањата на Законот за социјалната заштита се воведе правото на дневно згрижување на децата на улица во дневен центар за деца на улица, со што на овие деца и на членовите на нивните семејства им се обезбедуваат воспитно-едукативни услуги, советувалишна работа, културно-забавни и рекреативни активности.

Дете загина на работа


Еден од случаите за бескрупулозната злоупотреба на детскиот труд беше 13-годишниот Авни Адеми од Гостивар. Адеми во 2007 година загина при работа во сервис за миење возила. Момчето, поради несоодветните услови и неискуството, загина од удар на струја, ракувајќи со една од машината за регулирање на притисокот на водата во сервисот.

Не смее да се вработуваат малолетници

Минималната возраст за склучување договор за вработување е утврдена во Законот за работните односи, поточно во членот 18 во кој се дефинирани условите за едно лице да склучи договор. Така, договор за вработување може да склучи младо лице под 18 години и кое има општа здравствена способност. Притоа, се забранува работа за дете под 15 години или дете кое не завршило задолжително образование, освен за учество во активности кои со закон е утврдено дека може да ги извршува, но не подолго од четири часа дневно.
Работодавецот е должен да обезбеди заштита на младите лица од економска експлоатација и од каква било работа која може да има штетно влијание врз нивната безбедност, здравјето, физичкиот, менталниот, моралниот или социјалниот развој или истата може да го загрози нивното образование.

Одземање на родителското право

Во Министерството за труд и социјална работа велат дека ќе се зајакнат стручните потенцијали. Ова практично значи дека се очекува континуирано и активно преземање мерки од надзор и одземање на родителско право на родителите кои ги занемаруваат или злоупотребуваат своите деца. Досега на двајца родители им е изречена мерката одземање на родителско право и одземени се вкупно 11 деца, а поведена е постапка за одземање на уште две.

(Истражувачкиот проект е поддржан од Данската асоцијација за истражувачко новинарство и проектот SCOOP)