Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41


Никој не ги учи да ги препознаваат педофилите-Нова Македонија, број 22293 | вторник 31.5.2011 Автор: М.Р.Ј.

Институциите недоволно посветуваат внимание во дополнителна едукација за наставниците и родителите да ги препознаат специфичните знаци кога детето е жртва на сексуална злоупотреба. Треба да се препознаат реакциите на децата-жртви кога манифестираат чести телесни тегоби, уринарни инфекции, депресија, повлеченост, страв, таење и молк


Државните институции не се доволно активни за спречување на сексуалната злоупотреба на децата, педофилијата и родосквернавењето. Не само што Министерството за образование нема превентивни програми за заштита на децата од нив, туку и наставниот кадар не е доволно обучен да може да ги едуцира децата за превенција, предупредуваат од организациите за заштита на правата на децата, по најновите случаи на родосквернавење и педофилија во Скопје, Гостивар и во Кичево.

Откривањето на гостиварецот што година и пол сексуално ја искористувал и ја забременил својата тогаш малолетна ќерка го отвори прашањето дали средината и институциите може навреме да ги препознаат и да ги изолираат педофилите. Ова од аспект што во досегашните случаи се покажало дека овие сексуални деликти се направени од лица што ја познавале жртвата. И уште повеќе што тие биле откривани откако повеќепати ќе го повторат делото врз истото дете.

Родителите, воспитувачите во градинките и наставниците во основните училишта треба да им ги пренесат на децата првичните информации за стручна и друг вид помош. Овие институции каде што се образоваат и воспитуваат децата имаат важна и одлучувачка улога во упатувањето на децата кон релевантните институции, кои може да им помогнат не само кога децата се жртви или сведоци на злоупотреба туку превентивно како да се самозаштитат или да препознаат и да спречат несоодветно однесување на возрасните, велат од првата детска амбасада „Меѓаши“.

 - Институциите недоволно посветуваат внимание во дополнителна едукација за наставниците и родителите да ги препознаат специфичните знаци кога детето е жртва на сексуална злоупотреба. Треба да се препознаат реакциите на децата-жртви кога манифестираат чести телесни тегоби, уринарни инфекции, депресија, повлеченост, страв, таење и молк. Децата вообичаено во вакви околности и попуштаат со успехот. Многу е важна родителската грижа и внимание кога децата се жртви на сексуална злоупотреба. Тие можат да помогнат децата полесно да ја надминат оваа траума, која може да остави траен печат. На сите деца мора да им се овозможи и гарантира дека, ако им се случи такво нешто, ќе има некој што ќе им верува - вели Драги Змијанац, директор во детската амбасада Меѓаши.

Зголемениот пораст на педофилија во нашата држава преставува аларм дека е крајно време да се почнат конкретни активности во државата. Досега имавме голем број реакции до државните институции за санкционирање и казнување на сторителите на полов напад на деца, но наместо педофилијата да има негативен тренд, таа е во пораст. Според анализата на Министерството за внатрешни работи во првата половина на 2010 година од областа на сексуалните деликти извршени над малолетници, регистрирани се вкупно 41 кривично дело, извршени над 43 малолетници. Во истиот период немало случаи на родосквернавење, што било подобрување во однос на 2009 година, кога биле забележани пет такви кривични дела. Колку има годинава нема официјални информации, но познавачите велат дека тие се во пораст, поради фактот што ова дело се пријавува само во исклучителни случаи, бидејќи тие се прикриваат од семејството за да не се открие сторителот, кој е близок роднина на жртвата.

Сексуалната злоупотреба е особено трауматична за детето и остава далекусежни последици врз севкупниот развој. Многубројните реакции за функционална заштита на децата од државните институции го издигнаа прагот на нетолерантност кон силувачите на деца. Казните за овие тешки кривични дела се зголемени на минимум 8, односно 10 години. Но, за жал, иако се зголемени казните за овие тешки кривични дела, тие освен репресивен, немаат превентивен карактер.

 - Педофилите што се во затвор, за направено кривично дело злоупотреба на деца треба да подлежат на долготрајна терапија и да се продолжи со следење на нивното поведение и по издржаната казна, затоа што неретко ги повторуваат делата. Децата-жртви би било најдобро веднаш откако ќе бидат злоупотребени од некој педофил, најдоцна по 72 часа, да почнат со психијатриска терапија. Децата што се жртви на родосквернавење потребно е да бидат одделени од сторителот на делото, доколку во семејството нема можност за прифаќање на жртвата и не постои соодветна поддршка и прифаќање, детето треба да биде сместено во згрижувачко семејство, кое е посебно обучено за работа со деца-жртви на сексуална злоупотреба - советува Змијанац.

Се обидел да ја силува ќерка си на гробишта

Татко се обидел да ја силува својата 13-годишна ќерка во близината на гробиштата во Бутел. Полицијата истражува дали таткото и порано се обидувал сексуално да ја малтретира сопствената ќерка.

Четириесет и тригодишниот скопјанец, жител на населбата Шутка, во почетокот на мај се обидел да ја силува сопствената ќерка на излез од градските гробишта во Бутел. Девојчето успеало да се спаси и да избега.

 По речиси еден месец криење, ќерката го пријавила таткото за обидот за силување. Полицијата уште го истражува случајот, бидејќи имало информации дека настраниот татко и порано ја малтретирал ќерка си.

http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=5311198424&id=12&prilog=0&setIzdanie=22293