Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41


Нема лек за децата наркозависници

-Датум: 05.06.2011, 19:45 ДНЕВНИК, Новинар Марија ТАСЕВ НЕМА ЛЕК ЗА ДЕЦАТА НАРКОЗАВИСНИЦИ Четиринаесетгодишно момче од Шуто Оризари, кое најмалку две години било тежок зависник од хероин, пред неколку дена починало во страшни болки и агонија. Ова е втор трагичен случај. Само пред неколку недели умрело уште едно малолетно момче кое подолго време било зависник од дрога.

 Информациите на активистите од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ се уште позагрижувачки - лошата судбина му се заканува на уште едно десетгодишно девојче кое е хероински зависник веќе цели две години и чија здравствена состојба е с` позагрижувачка.

Најмладиот наркозависник има 8 години


Евиденцијата со која располага полицијата покажува дека само во Скопје има 19 регистрирани малолетници што се уживатели на дроги, а според процените, бројот на децата што земаат дроги сигурно е двојно поголем.
Проблемот станува уште повеќе алармантен поради тоа што малолетниците нема каде да се лекуваат од зависноста.
Во Детската амбасада „Меѓаши“ повикуваат на итно менување на односот кон малолетниците што се уживатели на дроги. Според нивни сознанија, најмладиот регистриран зависник има само осум години.
- Не е табу ниту во светот ниту во Европа да се зборува за деца што земаат дроги. Но, нема поголем грев за едно општество кога на децата не може да им даде лекарска заштита. Во Македонија ниту една здравствена институција не ги третира децата зависници од дроги, а бројот на децата уживатели на опојни дроги расте. Деца што земаат дрога е секојдневие по скопските улици во центарот на градот. Децата имаат одвај десетина години, а веќе дишат лепак пред очите на останатите граѓани. Застрашувачки е како можат да ги гледаат кутрите деца, а да не преземат ништо, велат од „Меѓаши“.
Од организацијата забележале дека во последниве месеци на улиците има с` помалку деца за кои знаат дека се уживатели на дроги и стравуваат дека можеби им се случило најлошото.
- Од другите деца-питачи слушнавме дека некои од нив се сместени во едно одделение во Истражниот затвор во Шуто Оризари. Ако е така, тоа е страшно, тие се деца и не смеат без стручна лекарска грижа да ги држат таму - велат од „Меѓаши“.
Практиката укажува дека на овие малолетници, кога ќе дојдат во кризна ситуација, им се укажува само првична медицинска помош наместо подолгорочен третман. Се случува и лекарите-педијатри да одбиваат да се грижат за нив бидејќи тие не биле стручни за лекување од дроги. Уште поголем проблем за лекарите е тоа што во светот с` уште не е дефинирано според кој медицински протокол може да се третираат младите зависници.

Лекарите се дистанцираат од децата-зависници
 
Директорот на Клиниката за токсикологија, Антон Чибишев, признава дека имаат тежок проблем со децата-зависници од дроги.
 
- Ние имаме многу голем проблем со таа популација. Во светот с` уште нема разработени протоколи за детоксикација на пациенти што се помлади од 14 години. Ние сме на големи стручни маки кога ќе ни дојде пациент на возраст од 14 до 16 години. Но, сепак, оние што имаат над 16 години ги третираме со сува детоксикација и потоа во консултации со другите лекари се обидуваме да им помогнеме. Но тоа оди многу тешко, иако понекогаш има резултати. Не можеме да зборуваме за активен третман бидејќи нема доволен број клинички студии што докажуваат дека на деца под 16 години може да им се дава терапијата која им се дава и на постарите зависници - потенцира директорот Чибишев.
Тој наведува дека на клиниката досега биле носени и деца помлади од 14 години и кои дрогата ги довела до работ на смртта. Животите им биле спасувани само благодарение на искуствата на лекарите, но кои повторно остануваат со проблемот како комплексно и на подолги патеки да постапуваат со овие пациенти.
- Точно е дека колегите од Детската клиника се дистанцираат од приемот и од третманот на децата зависници оти, како што велат, не знаат како да постапат - вели Чибишев.
Проблем е и тоа што Фондот за здравство не ги признава трошоците за лекување на деца-зависници на Клиниката за токсикологија. Причината за тоа е што на овие малолетници лекарската грижа треба да им ја даде Детската клиника, со оглед на нивната возраст.
 
Неопходни се посебни центри за лекување деца
Според Илчо Захариев, директор на Бирото за лекови и претседател на Државната комисија за борба против дрогата, потребни се посебни медицински центри за лекување на децата-зависници. Тој смета дека проблемот постои, но дека бројот на децата-уживатели на опојни дроги сепак се намалува. Според Захариев, во Македонија има единаесет метадонски центри кои се достапни за сите пациенти, но не и за децата под 18 години.
- Бројот на малолетници што користат тешки дроги е многу мал, но ги има, постојат. Не можеме да претпоставиме дека бројот ќе се зголемува и покрај добрите механизми за контрола. Донесовме национална стратегија за дроги каде што предвидовме с`, но во овој момент ние немаме центри за третман на децата. Во Скопје тоа е голем проблем оти локалната самоуправа, ниту пак граѓаните, не одобрува изградба на центри во нејзините општини. Плашејќи се за своите деца, забораваат дека тоа се нивните деца. Наша политика е да отвориме во секоја општина центар за лекување зависници. Пациентот што не е лекуван, третиран, е најопасен. Ако пациентот прима терапија и е под контрола, тогаш не е опасен - објаснува Захариев.
 
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=3381448E8B0D7B4EA12FACD93467C023