Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41


Насилство во училиштата

Наместо работни тетратки учениците носат оружје
-ЗОШТО СИЛАТА НА ЗБОРОТ Е ЗАМЕНЕТА СО СИЛАТА НА ТУПАНИЦАТА И ШЛАКАНИЦАТА?

Вечер, 23.12.2011

Ранетата ученичка во градски автобус која се враќала од училиште, детската расправија меѓу две групи основци во скопската населба Чаир што заврши со прободен ученик, масовната тепачка меѓу средношколците од Охрид и Струга, а и згаснатиот живот на средношколецот Мухамед Јашари се дел од низата физички напади меѓу денешната младина која низ годините силата на зборот ја замени со силата на тупаницата и шлаканицата. Ако се земе предвид дека во последнава година и пол се регистрирани 57 случаи на насилничко однесување на ученици, не е тешко да се воочи дека децата од 21 век се полни со бес и гнев. Затоа и болниците се полни со тешко повредени ученици, некои од нив страдале од убоди со нож, па и куршуми во градите. Ваквата состојба експертите ја оценуваат како загрижувачка, а вината велат дека лежи во целиот систем. Загрижени предупредуваат дека не само што училишните клупи почнале да ја губат својата функција, туку и родителите не успеваат да излезат на крај во битката наречена воспитување, па се добива финален производ наречен агресивна младина.

- Појавата на агресивност е комплексен поим што не зависи само од еден фактор. Од една страна виновни се и содржините кои може да се најдат на социјалните мрежи, интернетот, печатените медиуми, телевизијата, а од друга страна тука е и емоционалната врска со родителите која во некои семејства се остварува, а во некои не. И од трета е социјалниот сектор, т.е. начинот на кој во изминативе години е редензиниран, почнувајќи од промената на работното време, носењето на детето во градинка уште од најрана возраст, начинот на којшто се постапува и се работи со децата во градинките итн., вели психологот Маја Лутовска, додавајќи дека тука не треба да се исклучи можноста дека кај некои дечиња агресијата е наследена.

Семејството како примарна социјализација според психолозите има најголемо влијание, бидејќи децата не учат од зборови, туку од модели. Праксата на родителите при воспитување се состои во разговор со кој на децата им се потенцира што е добро, а што е лошо, притоа не помислувајќи дека при вршењето на секојдневните обврски родителите го прават она лошото. Исто така, борбата за егзистенција на невработените, а и задржувањето на работното место по секоја цена се нештата што ја формираат врската на отуѓеност меѓу децата и нивните родители, која подоцна најчесто резултира со фрустрација или комплекс од внимание, кој пак најчесто резултира со агресивност.

-Денес по дома не се разговара, туку се вика. Се вика зошто детето не јадело, зошто јадело надвор, а не дома, зошто не напишало домашно, зошто е валкано итн. Високиот тон на гласот буди агресија кај децата, додава Лутовска, при тоа истакнувајќи дека насилните содржини кои ги бомбардираат денешните деца се втор, но сепак важен фактор во хранењето на агресијата кај младите. За образованието, пак, смета дека ја изгубило својата функција и станало самообразование во кое го нема воспитниот дел.

Социолозите, пак, како и психолозите, се загрижени од се почестите инциденти во училишните дворови. Тие го гледаат излезот во поефикасно домашно воспитување, но и во формирањето стручни служби во училиштата кои ќе разговараат и градат емоционална врска со младите.

-Низ ходниците на училиштата неопходна е стручна служба која ќе биде составена од социјални работници и психолози кои ќе работат и разговараат со децата, вели социологот Христина Љубеновска, која додава и дека децата кои постојано се задевани, исмевани, насилно задевани и понижувани дома или на училиште се чувствуваат отфрлено, прогонето, безвредно или немаат самодоверба. Ако на овие деца не им се даде соодветна поддршка од страна на стручни служби во справувањето со овие чувства, тие може таквите чувства да ги испразнат на несоодветни начини, вклучувајќи и агресија, па дури и тешки форми на насилство.

Сличен став за ваквата појава делат и од детската амбасада Меѓаши". Оттаму велат дека зголеменото насилство помеѓу учениците е очекувана појава кога ќе земеме предвид како денешните деца го поминуваат своето детство. Според нив детството на денешната младина е опкружено со многу насилство, како и многу цртани и сериски филмови кои исто така се преполни со насилство и агресија, а кои нивните родители ги следат, притоа не внимавајќи како ќе се одрази на формирањето на личноста на детето.

-Родителите се во чекор со брзиот начин на живот и во трката за обезбедување финансиски средства, а за сметка на тоа немаат доволно време за да поминат со своите деца и да поразговараат за сите проблеми со кои тие се соочуваат. И наместо да поминуваат време во интерактивни игри со своите деца, тие им пуштаат видеоигри за да можат да се посветат на останатите обврски кои ги притискаат, а речиси сите видеоигри денес изобилуваат со насилство, додаваат од "Меѓаши" и истакнуваат дека проблемот би можел да се реши со воведувањето активности од областа на мировното образование во сите сегменти од наставните курикулуми, кои во голема мера ќе помогнат во превенција на насилството.
 
Агенциите кои ги обезбедуваат училиштата даваат спротивен ефект!?

-Во времето кога јас одев во училиште, сите училниците беа обезбедени од ученици, т.е. деца дежурни кои се грижеа за тоа дали некој ќе влезе или излезе од училницата за време на големиот одмор. Но, денес дежурствата се заменети со агенции за обезбедување. Морам да напоменам дека ваквиот начин на обезбедување на училиштата испраќа сигнал кај децата на несигурност која кај некои случаи се рефлектира како агресивност, изјавија Лутовска и Љубеновска, при тоа истакнувајќи дека со ова не се решаваат суштинските работи, туку едноставно системот се штити. Според нив обезбедувањето е непотребен сектор во училиштата. Потребни се служби кои ќе дадат одговор на прашањето од каде им се пиштоли и ножеви на децата.

(Ив. Т)

http://www.vecer.com.mk/?ItemID=F2C667E6FF5A324BBF9F01399B03A54C