Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41


„Меѓаши“: Децата стравуваат да пријават насилство

-Во првите шест месеци од оваа година само осум деца се охрабриле да разговараат со лицата од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, во врска со семејното насилство.

Тоа е индикатор дека децата се уште се плашат да говорат за она што им се случува во семејството, не веруваат оти брзо ќе се реши нивниот проблем и дека ќе бидат заштитени од државните институции и од „Меѓаши“.

Ова на денешната прес-конференција го соопшти Драги Змијанац, извршен директор и основач на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, кој го презентира Извештајот за работата на СОС телефонот за деца и млади и бесплатната правна служба во амбасадата за периодот јануари - јули 2011.

- Генерален заклучок е дека децата немаат храброст да пријават насилство. Тие се исплашени и се чувствуваат немоќно. Најчесто децата-жртви се плашат да ги пријават своите родители како насилници бидејќи се доведува во прашање нивната иднина, сигурност и сметаат дека е подобро да бидат изложени на постојано семејно насилство отколку да бидат жртви на институционална нефункционалност, рече Змијанац.

Вкупно во „Меѓаши“ биле пријавено 106 случаи. Во првите седум месеци од 2011 година 18,88 отсто или 20 случаи од вкупниот број на пријави се однесуваат на семејно насилство. Од нив 60 отсто или 12 случаи  се однесуваат на физичко насилство, 25 отсто или пет случаи на психичко насилство, а 15 отсто или три случаи се за негрижа врз дете. Змијанац потенцира дека најчесто семејното насилство го пријавуваат роднини, соседи и пријатели, но не и самите деца.

„Меѓаши“ препорачува државните институции и Центрите за социјална работа да бидат побрзи во утврдување на надлежностите, социјалната инспекција при Министерството за труд и социјална политика да има увид во работата на Центрите за социјална работа и да се казнуваваат одговорните за неефектовното работење, а Владата да ги обезбеди сите неопходни технички средства, како човечки ресурси и стручен кадар за професинално и навремено извршување на работата.

Да се врши селекција при вработување и да се распределуваат работните мести според стручноста, како и редовни обуки и работилници за вработените со цел професионално да се обучат веќе постоечките кадри.

„Меѓаши“ препорачува Народниот правобранител да ги детектира пропустите во заштита на децата и нивните права и да бара построги казни за сторителите и одговорност од институциите.

Јана Зенговска, психолог и координатор на СОС за децата и млади рече дека еден од главните проблеми со кои се соочуваат децата е семејното насилството, прекршување на правата на децата при бракоразводни постапки, барања на материјална и финансиска поддршка на родителите и децата, сиромаштијата, насилство врз децата во воспитно-образовни институции, негрижа и непедагошки однос од вработените кон учениците. Таа апелираше стручните служби во училиштата да ги детектираат проблемите на децата.

Зенговска истакна дека на бесплатниот СОС телефон најмногу се јавуваат Македонци, Роми, Албанци и други, и оти јавувањата се најмногу од градските средини.

Катерина Конеска, правник и програмски менаџер во „Меѓаши“ рече дека бесплатната правна служба од јануари - јули 2011 година постапила со 75 писмени обраќања до соодветни државни институции. Најголем дел од овие писмени обраќања, 27 биле упатени до Народниот правобранител, 21 до Центрите за социјална работа, со секретаријатите при МВР за 16 случаи, до надлежни министерства за осум случаи...

Змијанац рече дека потребна е хармонизација на бесплатниот СОС телефон за деца и млади 0800 1 2222 со европскиот шестоцифрен број за помош и поддршка на деца и млади 116 111.

Тој информира дека телефонската линија што ја користи „Меѓаши“ е донација од Македонски телекомуникации во 2005 година. Линијата, како што рече, треба да функционира 24 часа, за што Комитетот за правата на детето при ОН од Женева испратил препорака до Владата за фиансиски средства.

Змијанац информира дека за таа цел побарале од Агенцијата за електронска комуникација бројот 0800 1 2222 да се хармонизира со европскиот СОС телефон за помош и поддршка на деца и млади 116 111.

http://kurir.mk/makedonija/vesti/38775-Megasi-Decata-stravuvaat-da-prijavat-nasilstvo