Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41


Децата молчат и трпат-Неефикасноста на државните институции и неможноста од утврдување на надлежностите на центрите за социјална работа, во одделни случаи може да го доведе во прашање развојот на детето.

Децата се незаштитени и постојано изложени на насилство и злоупотреба. Тие ретко го пријавуваат насилството затоа што не се чувствуваат сигурни и се плашат. Не ретко се случува прво да пријават насилство, а подоцна да се предомислат. Оние што се јавуваат да кажат дека нешто се случува се возрасни лица, роднини, сведоци на агресијата на која се изложени децата. Повеќето пријави се однесуваат на проблеми во семејството. Годинава, од јануари до јули, само осум деца имале храброст да се јават на СОС-телефонот и да кажат оти се малтретирани, се наведува во најновиот извештај на Првата детска амбасада „Меѓаши“.

- Неодамна на СОС-телефонот се јави вознемирено и расплакано дете. Не молеше за помош оти повеќе не можело да го издржи малтретирањето од родителите. Рече оти го малтретирале и него и неговите братчиња и сестричиња. Неколку пати, ни кажуваше липтајќи, ги видело родителите како водат љубов и ги молело да не го прават тоа пред него. Се закануваше дека ќе се самоубие бидејќи не сака да живее повеќе со родителите, ни изјави Драги Змијанац, директор на „Меѓаши“.

Надлежните од „Меѓаши“, рече Змијанац, стапиле во контакт со бабата и дедото на детето, кои им ги потврдиле кажувањата на внукот и тоа дека нивниот син и снаа имале проблеми со алкохолот и дека биле агресивни кога биле под дејство на алкохол. Веднаш потоа за случајот била информирана полицијата и Центарот за социјални работи, а било разговарано и со наставничката на детето и со училишниот психолог.

- Неефикасноста на државните институции, неможноста од утврдување на надлежностите на центрите за социјална работа во одделни случаи може да го доведе во прашање развојот на детето. Притоа, можат да бидат прекршени детските права на образование, здравствена заштита и оптималниот раст и развој. Во такви случаи децата се истрауматизирани и препуштени на судбината, вели психологот Јана Зенговска.

Пример за неефикасност и неможност за утврдување на надлежностите на институциите бил, посочи Зенговска, случајот во кој се нашло деветгодишно дете од Струмичко за кое им било јавено на СОС-телефонот. Детето при некаков сплет на околности се нашло кај едниот родител, кој место една недела решил да го чува детето кај него. Иако не бил во состојба да се грижи за него и бил зависник од дрога, тој не го давал синот. Го држел заклучено дома, не го пуштал на училиште и го малтретирал.

- Центрите за социјална работа и полицијата не ги сфатиле сериозно родителот и роднините на детето, кои имале право на грижа, заштита и воспитување. Нивните барања не биле сериозно земени предвид.

Поради неможноста да ја утврдат својата надлежност и закоченоста на административниот лавиринт цела година го оставија детето незаштитено, иако имаа информација дека живее со насилник, изјави Зенговска.

СОС-телефонот на „Меѓаши“ функционира веќе 19 години и на него досега се регистрирани повеќе од 18 илјади повици. 

Автор: Томислав Кежаровски

http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=81111851463&id=12&prilog=0&setIzdanie=22353