Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41

Деца-жртви на сексуална злоупотреба тешко се охрабруваат да прозборатДневник, Датум: 10.06.2011, 20:54 Новинар Марија ТАСЕВ

Во канџите на стравот и срамот

Околу десетина деца, главно девојчиња, секоја година се жртви на своите родители и дел од осумдесетина малолетници, кои во просек секоја година се сексуално злоупотребувани од страна на возрасни лица

Прво ја претепувал, а потоа ја злоупотребувал. Обично, тоа го правел кога во куќата немало никој. Ја затворал вратата од собата, ја удирал ќерката, ја силувал, а потоа ~ се заканувал дека ако прозбори што ~ правел, ќе ја убие и неа и мајка ~. Тоа можело да трае со години... На крајот, детето веќе не можело да издржи. Раскажало на мајката, на бабата, на другарката... на сите оние за кои сметало дека може да ја спасат од ужасот што ~ го приредува сопствениот родител. Тој ужас на кој сака да му го стави крајот го брише стравот од заканите на таткото-монструм.

„Дневник“ пред повеќе од една година објави и потресна приказна во која општествената инертност му овозможи на таткото-монструм, осуден на тригодишната затворска казна поради силување на деветгодишната ќерка, да го избегне одењето во затвор. За сето тоа време, трауматизираното дете не излегувало надвор од страв да не го сретне таткото на улица.

Вака накусо изгледа долгиот пат на страдање што го поминуваат децата-жртви на сексуалните злоупотреби од свој родител. Пред неколку дена, новооткриениот случај во кој 55-годишниот татко две години ја силувал 14-годишната ќерка, правејќи го тоа дури и на Градските гробишта во Бутел, само укажува до кои темни граници може да отиде сексуалната изопаченост. Околу десетина деца, главно девојчиња, секоја година се жртви на своите родители. Некои од нив остануваат и бремени. Истовремено, тие се само дел од осумдесетина малолетници, кои во просек секоја година се сексуално злоупотребувани од страна на возрасни лица.

Во земјава никој точно не знае колку деца се жртви на сексуалната монструозност на свој родител. Фактот што тие с` повеќе се пријавуваат укажува на најмалку две работи: дека не се случуваат во мал број и дека жртвите с` почесто се решаваат да им стават крајот на маките. Според тоа како психолозите го дијагностицираат потеклото на ваквата појава, може да се заклучи дека во справувањето со оваа појава мора да се тргне од повеќе аспекти.

Дисхармонични семејства

Психијатарот Ѓорѓи Чадловски вели дека, општо гледано, оваа појава е резултат на дисхрамоничност во семејствата и во општеството и дека транзицијата е најголемиот непријател на семејството, кое треба да биде јадро на сигурноста и љубовта кон децата. Тој тврди дека бројот на инцестите во нашето општество е голем.

- Според мене, ваквите случаи се повеќе резултат на социопатолошки појави, отколку на психопатолошка состојба. На инцестот влијаат неколку работи - прво наследните, генетски фактори од кои доаѓа насилно или патолошко однесување, а потоа и психолошкиот и социолошкиот фактор. Процентуално гледано, влијанието на генетското растројство е околу 20 до 30 проценти, а с` друго се психолошки, социолошки, културно-економски фактори. Јас сум во психијатријата 42 години и можам да кажам дека инцестите и порано се случувале, но денес тоа е секојдневно - предупредува Чадловски.

Тој додава дека наглата трансформација на општеството, сосема новиот систем на вредности, го направиле своето.

- Ни се распаѓа институцијата семејство и тука е проблемот на големиот број инцести. Се смени општествениот систем, од социјализам, од општество кое било вид одредена „жабокречина“, влеговме неподготвени во капитализам. Тоа е општество за кое зборуваме дека е како американски филм - убиства, силувања, самоубиства... Типичното патријархално семејство почнува да се растура, се растураат односите, а родителите кои останале без работа не можат да го одржат својот авторитет. Семејството дома треба да ги препознае аномалиите кај еден од родителите, вообичаено таткото, но и да ги знаат, тоа не го кажуваат од страв - објаснува Чадловски.

Полицијата лани регистрирала три родосквернавења, за разлика од претходната година кога имало седум. Во едно од нив скопјанец сексуално ја злоупотребувал 14-годишната ќерка. Толку години имало и девојче од селото Леуново, Гостиварско, кое било злоупотребено од таткото. Во друг случај, пак, велешанец сексуално ги злоупотребувал своите три ќерки од три, пет и седумгодишна возраст.

Психолози кои работат во Советувалиштето за деца и родители, наведуваат дека ова девијација треба да се набљудува како последица на патолошки односи во семејството.

- Инцестот може да биде еднократен, повремен или траен, односно да се случи само еднаш или повеќепати. Тој се огледува и во други сексуални активности со детето, чија цел е полово да ја возбуди возрасната особа. Тој неморален злочин обично почнува со гушкање, бакнување, искажување на нежности и преголема интимност која ги надминува односите на родителската нежност и љубов, а завршува со однос, односно инцест. Таткото претставува посебен авторитет за децата, на кој му веруваат и слепо му се покоруваат - објаснуваат во Советувалиштето.

Нема болница за родоскверници

Во Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ велат дека на СОС-телефонот за деца и млади во оваа година биле пријавени вкупно 13 случаи на сексуална злоупотреба и педофилија.

- Добивме и пријави за прикажување фотографии од деца и млади со сексуална содржина на интернет. Најчести жртви на педофилијата се деца на возраст од 7 до 13 години, а сторителот на делото најчесто е познајник или близок пријател на жртвата. Во 2011 година, во првите пет месеци се забележани пријави за родоскренавење, сексуална злоупотреба и педофилија. Најчесто децата-жртви се плашат да го пријават сексуалното насилство, плашејќи се за сопствената иднина, но и од страв дека ќе станат жртви на институционална злоупотреба. Овие деца мора да се охрабруваат да го пријават насилството - велат од Детската амбасада „Меѓаши“.

Психијатарот Чадловски наведува дека посебен проблем е што во Скопје има само една болница во која би можеле да се третираат вакви родители кои се опасни за своите деца.

- Но и во таа болница, поради економски причини, сепак нема услови за лекување и третирање на пациенти со психо или социопатолошки растројства, категорија во која спаѓаат и родителите кои сексуално ги злоупотребуваат своите деца - вели тој.

Психијатрите советуваат дека е многу важно навремено да се уочат промените кај детето во периодот додека тоа ја сокрива злоупотребата.

- Мора да се внимава на појавата на чести поплаки за телесни болки, главоболки, болки во грбот и целото тело, чести уринарни инфекции. Знаци во однесувањето се депресија, суицидни идеи, сексуално однесување и познавање на сексот над очекуваното ниво, видливо сексуално самозадоволување, бегање од училиште, злоупотреба на дрога и алкохол, избегнување на одредени места или на одредени возрасни - велат психолозите од Детската амбасада  „Меѓаши“.

Од друга страна, центрите за социјална работа мора да се присутни на терен и да имаат увид во сите дисфункционални и семејства во ризик и да вршат надзор над вршењето на родителското право. Притоа, секогаш кога е потребно мора да преземаат и мерки и да поведат постапка за привремено одземање на родителското право како мерка, с` додека односите во семејството не се доведат во релации што ќе им гарантираат на децата сигурност и заштита.

Арнаудовски: Општеството не е ангажирано кон семејството

Зголемените затворски казни за вакви сторители не можат да го решат проблемот. Тој не се решава со изолација на тие луѓе, бидејќи ако не се отстранат причините зошто некој сексуално го злоупотребува сопственото дете, пак ќе се појавуваат нови сторители. Тие што ги прават ваквите кривични дела се болни луѓе и ним им треба помош. Главен проблем е во ослабнатото семејство како институција, а посебно на неговите воспитни функции. Ние имаме мошне слаб ангажман на општеството кон семејството. Донесовме и посебен Закон за малолетничката правда, но оние активности што треба да ги презема општеството отсуствуваат - вели познатиот македонски пенолог Љупчо Арнаудовски.

Изживување врз тригодишно дете

Сексуалната злоупотреба на сопствените деца само се надоврзува на с` поголемите сексуални злоупотреби на малолетните деца. Полициските податоци укажуваат дека лани вкупно 75 малолетници биле жртви на такво изживување, од кои 57 биле девојчиња, а 18 момчиња. Тие биле жртви на силувања, обљуби, полов напад, задоволување полови страсти, прикажување порнографски материјали... Шокантно звучи дека најмладата жртва на сексуална злоупотреба била на возраст од само три години.

Во споредба со 2009 година, ова претставува зголемување на овие кривични дела за околу еден процент. За утеха е само тоа што за 16,7 проценти е намален бројот на малолетните жртви. Неславниот рекорд во бројот на ваквите кривични дела го држи градот Штип, во кој лани се случиле 12 кривични дела полов напад врз малолетник.

Меѓу сторителите, регистрирани се и три жени кои извршиле силување. Најмладиот сторител на ова кривично дело е 12-годишно дете, а најстариот на возраст од 69 години.

За кривичното дело родосквернавење законот предвидува казна затвор од пет до десет години, а за полов напад врз дете најмалата казна е осум години затвор.

http://dnevnik.com.mk/?ItemID=40558109C255CF4FA53A3DF6C5272DEE

http://www.youtube.com/watch?v=mHMfxrpJXw4