Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.41

Бегајте од фејсбук-групите со милозвучни родителски имиња-НОВА МАКЕДОНИЈА број 22351 | вторник 9.8.2011

Оставањето фотографии на деца, особено податоци за тоа во кое училиште учат и дали и каде одат на курс може да биде многу ризично. Клучот за заштита е да се мисли пред да се постави нешто на социјалните мрежи, вели Ирина Шумадиева од фондацијата „Метаморфозис“

Зад страници на Фејсбук формирани наводно поради забава демнат педофили. Деновиве корисници на социјалната мрежа испраќаат апели до своите пријатели да ги избегнуваат групите со милозвучни „родителски“ имиња зад кои трагајќи по нови жртви се криеле онлајн-предатори, кои бараат фотографии од деца. Во Македонија досега не е откриена мрежа на интернет-педофилија, велат од МВР. Невладините организации поради превенција бараат поактивно вклучување на полицијата и на надлежните институции и подигнување на свеста и кај децата и кај родителите за опасностите што демнат на светската мрежа.

Податоците на Обединетите нации велат дека над 750.000 педофили постојано демнат на Интернет со единствена цел да воспостават контакт со деца. Според светската организација се зголемува бројот на интернет-страници со детска порнографија. Такви страници на кои се покажуваат малолетници, дури и деца под двегодишна возраст има над четири милиони.

За опасноста од интернет-педофилијата доказ е и последната акција на американското федерално истражно биро (ФБИ), во која беше разбиена голема меѓународна мрежа на педофили кои преку приватен форум на Интернет на кој споделувале слики и видеоснимки со злоставувани деца. Еден крак од педофилската мрежа достигнал и во нашето соседство. Во рамките на акцијата во Србија беа уапсени четири мажи, еден од Крушевац, двајца од Суботица и еден од Нови Сад, кои биле задолжени да препродаваат порноснимки со деца.

Во Македонија е свеж случајот со десетгодишното дете, кое преку Фејсбук беше намамено од дваесет и петгодишен струмичанец со валкани намери.

Познавачите на оваа проблематика велат дека родителите и децата мора да внимаваат какви фотографии и податоци оставаат на своите профили на социјалните мрежи.

- Родителите и децата треба да знаат дека не сите понуди доаѓаат од вистински личности , вели Драги Змијанац, директор на првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Според Змијанац, Интернетот сe повеќе станува поле на кое педофилите ги бараат своите жртви. Тие ја користат популарноста на социјалните мрежи, знаејќи дека децата поголемиот дел од денот го поминуваат пред компјутер.

Од „Меѓаши“ велат дека во превенцијата од сексуалните онлајн-предатори поактивно треба да се вклучат и полицијата и другите надлежни институции.

-Во заштита на правата на детето и обезбедување сигурност и безбедност во користењето на Интернет, Македонија треба да обезбеди и да реализира подигање на јавната свест за онлајн-ризиците и мерките на заштита. Да ги вклучи поактивно Министерството за внатрешни работи, Одделението за борба против компјутерски криминал сe со цел во организирана борба да се справи со нелегалните содржини (особено сексуалната злоупотреба на деца, детска порнографија) и да го спречи штетното однесување на онлајн-предаторите, кои ги напаѓаат профилите, како и љубопитноста, несикуството и незнаењето на децата - вели директорот на „Меѓаши“.

- Децата треба да внимаваат какви фотографии поставуваат на Интернет, кого прифаќаат за пријател. Децата наместо на родителите, за првите сексуални желби и искуства му се доверуваат на другарот од интернет мрежата. Родителите од друга страна треба активно да ги следат децата, нивното однесување и корисно употребување на Интернетот. Децата доколку добијат непријатни содржини за тоа да ги информираат родителите. Социјалните онлајн-мрежи се препорачуваат за тинејџери над 15-годишна возраст, кога веќе не е етички да се врши родителски надзор, но и понатаму е задолжително да се водат редовни разговори поради зачувување на нивната безбедност и приватност. Родителите исто така да внимаваат какви фотографи со нивните деца поставуваат на нивните профили - додава Змијанац.

Ирина Шумадиева од фондацијата „Метаморфозис“, координатор на проекти за безбедност на децата на Интернет, смета дека е потребно подигнување на свеста и кај децата и кај родителите за опасностите што демнат на светската мрежа.

- Иако возрасната граница за отворање на профил на Фејсбук е над 13 години, на социјалната мрежа сe повеќе има деца под оваа возраст. Затоа мора да се работи на подигнување на свеста кај родителите и кај децата за она што е, а што не е разумно да се прави. Оставањето фотографии, особено податоци за тоа во кое училиште учат, каде одат на курс, може да биде многу ризично и да доведе до тоа децата да бидат и физички пронајдени од педофили. Клучот за заштита е да се мисли пред да се постави нешто на социјалните мрежи - вели Шумадиева. 

Автор: Бранислав Закев

http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=8911924441&id=12&prilog=0&setIzdanie=22351

http://www.youtube.com/watch?v=KHql8yizAT0