Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Во моето маало престојуваа две деца бегалци Аднан и Ирфан од Босна и Херцеговина

Владимир Трајановски 06 January 2011

Почитувани, 
 

Не можам со зборови да ја искажам благодарноста кон сето она што го направивте за децата сиве овие години, сите спасени и заштитени животи. Ви посакувам во Новата 2011 година уште повеќе здравје, среќа и успех. Денеска гледав фотографии од времето на граѓанската војна во Југославија, фотографии од бегалците и фотографии од почетоците на Меѓаши. Тогаш имав 12 години, и се сеќавам на симболот на организацијата, дури во една пригода добив и едно списание кое Вие го издававте, кое и ден денес го чувам. Ме плени сета таа енергија, борба и желба за добробит и благосостојба на сите деца, тој хуманитарен и социјален момент, па Меѓаши за мене претставува синоним за хуманост. Во тие бурни години за многу луѓе, во Охрид (каде што живеам) дојдоа многу деца. Во моето маало престојуваа две деца, Аднан и Ирфан, скоро мои врсници, кои ми станаа многу драги и со кои постојано сакав да играм и да се дружам. Па сакав да Ве запрашам, дали Првата Детска Амбасада има некои податоци за тоа кој се престојувал во Р. Македонија, и дали би можеле да ми кажете нешто повеќе за овие две деца (веројатно е водена некаква евиденција). Гледам дека многу од тие деца, нивни блиски сега коментираат на тие времиња и на тие фотографии и драго ми е што се здрави и живи. Гледајќи ги тие фотографии, и јас се присетив на тие времиња. Ви благодарам уште еднаш и Ви посакувам уште поголем успех во иднина!

Најубави желби,

Владимир