Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Приведен трет учесник во убиството во ГУЦ

Скопјанецот Давид С., постар брат на Д.С. (16), осомничен дека го убил средношколецот Јашари Муамедали (18) во петокот во дворот на средното училиштето „Здравко Цветковски“ во Скопје, е приведен во полициска станица бидејќи и него полицијата го барала за учество во инцидентот, дознава „Дневник“. Двајцата браќа биле во бегство по крвавиот инцидент, но во присуство на татка си во понеделникот се предале. Од МВР не даваат информација дали против него е поднесена кривична пријава. 

Во меѓувреме, родителите на средношколците од трета и четврта година од „Здравко Цветковски“ вчера одржаа средба во училиштето на која разговараа за последните случувања.

- И ние, родителите, имаме вина зашто не им посветуваме многу време на децата, но каде е училиштето. Ние секоја година плаќаме за безбедноста и очекуваме повеќе сигурност - вели еден родител.

Други сметаат дека децата дома треба да се советуваат дека мора да ги почитуваат сите и да избегнуваат такви инциденти, но некои семејства тоа го прават навреме, а други забораваат.

И Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ вчера го искажа својот револт и загриженоста од недоволната безбедност и сигурност на децата во училиштата.

- Дали е потребно да се случи најлошото за да се почне со некакви педагошки и воспитни мерки за поголема безбедност на децата во училиштата? Дали конечно Министерството за образование ќе сфати дека воведувањето активности за ненасилно разрешување конфликти и мировно образование во сите сегменти од образованието може во голема мера да помогне во превенција на насилството - прашуваат од „Меѓаши“.

Од амбасадата велат дека се воведуваат служби за обезбедување, а не се работи на превенција од насилство.

 

- Веруваме дека само со стратегиско партнерство меѓу владините образовни институции, граѓанските организации, медиумите, како и посветените индивидуалци и родителите може да се создадат училишта без насилство и да учествуваат во развој на култура на мир, дозволувајќи Македонија да расте без закани од насилство - сметаат од „Меѓаши“.(Д.В.) #