Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Пеколна ноќ на едно дете МАГАЗИН 15:07 |  24 февруари 2011МАРИЈА ИЛИЌ

Семејно насилство: Последниот извештај на првата детска амбасада „Меѓаши” покажа дека децата се’ уште молчат и трпат насилство и многу мал процент од нив се осмелува да пријави сексуално насилство, родосквернавење или педофилија. За децата кои пријавуват, во Македонија не постои прифатилиште

„Машко дете силувано во манастир”, „Мајка овозможила полов напад на ќерката”...шокантни наслови во македонските медиуми. Но, сe се завршува на текст од билтен на МВР или една минута прилог на вести. Едноставно, политиката ја поклопи страшната сторија на детето кое наместо во топол дом, живее во пекол од кој тешко ќе го најде спасот.

Алармантно – вистинито –шокантно. Минатата година ја обележа пораст на сексуална злоупотреба врз децата и педофилија. Случаите за велешкиот Фрицл кој со години сексуално ги злоупотребувал своите малолетни ќерки и педофилијата во манастирот „Трескавец”  кога тиренаесетгодишно момче било со недели сексуално злоставувано од двајца соседи се оние за кои разбра јавноста. Институциите на системот се првите родители на злоставуваното дете. Но нивното функционирање кај нас сe уште е во почетна фаза.

Податоците на „Меѓаши” , Првата детска амбасада покажуваат дека децата сe уште не се осмелуваат да проговорат за насилството. Од вкупно 239 пријави, минатата година, само 30 деца собрале храброст да се јават и да проговорат. Најчеста возраст на жртвите на педофилија е од 7 до 13 години, а злосторникот во повеќето случаи е познаник или близок пријател на детето или на неговото семејство.

Децата кои поминуваат низ пекол, по пријавувањето, чекаат да им се најде згрижувачко семејство. Но овде е веќе првата пречка. Од Првата детска амбасада за „Форум” велат дека нема доволно такви семејства низ повеќе градови во државата.

72 ЧАСА ЗА СПАС

 

Децата и покрај интернет-револуцијата и сите видови комуникација, го немаат основното нешто. Во Македонија не постои 24 часовна СОС линија на која децата жртви би можеле да го пријават насилството и по 20 часот, ниту постои прифатилиште каде жртвите би можеле веднаш да бидат сместени и да престојуваат додека не им се најде постојано решение. Значи, децата не можат ниту да пријават и мораат да поминат пеколна ноќ до следното утро за да побараат помош.

Драги Змијанац од „Меѓаши” вели дека токму првите 72 часа по пријавувањето се клучни за да се засолни жртвата и да се почне со надминувањето на траумата.

„Се случува  да има отсуство на згрижувачки семејства во одредени градови и детето да се врати во семејството, и да се стави насилникот во притвор, а сепак да се погреши во понатамошната рехабилитација. Прво не е под строг надзор на Центрите за социјална работа, второ најблиските многу често вршат притисок за детето да ја смени изјавата за единствениот хранител на семејството да биде ослободен од ова тешко кривично дело”, објаснува за „Форум” директорот на „Меѓаши” , Змијанац.

Државната институција која прва треба да им помогне на жртвите е Министерството за труд и социјална политика. Оттаму велат дека во такви случаи, Центрите за социјална работа бараат соодветно згрижувачко семејство за интервентно сместување надвор од местото на живеење на детето- жртва. Практиката на Социјалните центри, понекогаш е на родителите да не им биде кажано во кое згрижувачко семејство се наоѓа детето, се до моментот кога стручниот тим не одлучи дека е тоа потребно.

Со децата-жртви на семејно насилтво први кои разговараат и им помагаат да ја пребродат психичката траума се лекарите. Психијатарот Мери Бошковска од Заводот за ментално здравје на деца и младинци смета дека е најважно да се прекине злоупотребата, но и дека не значи дека детето треба да се излоира од примарното семејство. Бошковска за „Форум” вели дека социјалните интервенции се планираат и спроведуваат мултидисциплинарно и мора да се водиме од приниципите што е најдобро за детето.

„Тоа може да опфати поддршка на незлоупотребувачкиот родител, а се разбира и разделување на детето од злоупотребувачкиот родител, поточно негово санкционирање. Важна е безбедноста на детето, но и избегнувањето на автоматизам во донесување на мерките кои некогаш се применуваат и можат да бидат контрапродуктивни. Тоа може да доведе до додатно емоционално страдање на детето”, вели Бошковска. Доктор Бошковска додава дека, доколку детето остане во семејството, важна е и поддршката и советување со незлоупотребувачкиот родител.

Годишниот официјален извештај од Првата детска амбасада покажа дека физичкото и психичкото насилство, како и негрижата на родителите за своите деца, секоја година се наоѓа на врвот на пријавени случаи на СОС-телефонот. Минатата година биле пријавени 43 случаи од кои дури 25 се однесуваат на физичко насилство врз децата.

НЕМА ПАРИ ЗА ПРИФАТИЛИШТЕ

Од Првата детска амбасада „Меѓаши” одамна се залагаат за отворање на прифатилиште, и велат дека доставиле барање до Комитетот за правата на детето уште во февруари минатата година, но сe уште се чека одговор од владата. Додека кај нас сe уште не постојат центри за згрижување, во регионот практично  нема држава која нема вакви прифатилишта. На пример, во соседната Србија, тоа прашање е одамна решено  во повеќе градови, а во тамошната престолнина, ваков тип засолниште функционира веќе 53 години поддржано од власта и со донации од разни институции.

Од Министерството за труд и социјална политика за „Форум” велат дека се свесни за потребата од отворање на прифатилиште за сексуално злоставување, родосквернавење и педофилија, но дека немаат пари да отворат.

„Со оглед на финансиските тешкотии со кои се среќаваме во овој период (светската економско-финансиска криза), засега  не сме во ситуација  да издвоиме средства за оваа намена. Во 2009 година, по донесувањето на Акциониот план за превенција и справување со сексуална злоупотреба на деца и педофилија 2009-2012 година, се водеа преговорите со НВО „Меѓаши” за отворање на СОС-линија и склучување на меморандум за соработка, се разговараше и за отворање на прифатилиште во просториите на НВО „Меѓаши”, која располагаше со одредена просторија, која можеше да се употреби за оваа намена”, велат од Министерството за „Форум”, но со оглед на тежината на проблемот со овие деца и потребата од 24 часовно функционирање на прифатилиштето, од „Меѓаши” сметале дека нема капацитет за негово отворање во нивните простории. Што се однесува до 24 часовната СОС-линија од Министерството, информираат дека се во преговори со телекомуникациски куќи за добивање на бесплатна линија и дека се надеваат дека тоа прашање ќе биде решено во најкус можен рок.

Тоа што само 7, 95 отсто од случаите ги пријауваат деца, а останатиот процент возрасни лица, покрај стравот да зборуваат за кршењата на нивните права, упатените велат дека покажува и недоверба кај младите во системот и самите институции кои се занимаваат со оваа проблематика.

Засега, децата-жртви можат да се јават на СОС- телефонот на кој можат да добијат информации, стручен совет или да разговараат за проблемот, но како што велат операторите, тие не можат да им понудат готови решенија за проблемот. „Се нудат можни алтернативи за решавање на истиот, со цел јавувачот да успее сам да дојде до решението на проблемот”, се вели во ивештајот на „ Меѓаши” под мотото „За насилството не треба да се молчи”.

Бесплатни се и услугите на правната служба која постапува со писмени обраќања до државните и социјалните институции.

„Стручните служби на центрите за социјална работа, работат на терен, по пријава за постоење на деца кои се злоупотребувани или злоставувани. Меѓутоа, потребно е да се работи на подигање на јавната свест кај граѓаните за да го сфатат значењето на овој проблем и потребата од пријавување на вакви случаи до центрите за социјална работа, велат од Министерството.

Се чини дека сe се сведува на различни кампањи и акции со цел да се охрабрат децата и младите да го пријават злосторството и да не молчат, но најосновното во процесот засега не може да им биде понудено.

Да се вратиме на почетокот. Шокантни наслови во медиумите со сигурност повторно ќе има, но институциите се должни да водат решителна борба против пеколот на секое злоставувано дете и основата на агендата да биде - НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ.

http://forum.mk/search#246576