Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


На детската земја веќе одамна не се чувствувам како вонземјанин

Сега, кога по нешто помалку од деценија и пол ќе се сетам на мојата примарна фасцинација од апсолутноста на една толку едноставна, а по својата порака толку грандиозна синтагма, - се наежувам, сосема исто како и првиот пат кога ја слушнав. „Ништо на светот не вреди колку една детска солза“. Ми се залепи за срцето, ми се пикна под кожата... 

Во тие рани 90 -ти години бев адолесцент кој (по дифолт на возраста) трагаше по трајните вредности на постоењето. Но, во тие години и јас, и дел од вас, драги пријатели, бевме во константен шок од силината на военото лудило и од девастирањето на сите оние цивилизациски придобивки, кои дотогаш нам и на Европа ни беа заеднички именител. И токму тогаш, постојаниот порив - на злото да му се одговори со најдоброто од себе - ме однесе директно во тогашната метар на метар канцеларија на бул. Илинден бб. Зад канцеларискиот намештај, кој очигледно бил последен крик на дизајнот некаде во средината на 70-тите години на минатиот век и веќе беше подлегнал на забот на времето, седеа Горде и Драги (Змијанац, претпоставувате). Кога и денес по толку поминато време, го прераскажувам овој момент, честопати не велам седеа, велам светеа. Однатре, од душа. Во колективниот балкански мрак што ни го темнееше духот на дневна основа, јас си видов моја иницијална светлина токму во зградата на некогашната ЦК и токму зад стариот намештај над кој имаше купишта материјали. Да не фетишизираме, она што толку силно зрачеше, всушност, беше најблагородната идеја која ги поведе Змијанци во авантурата што и до денес трае: да се биде мисионер за заштита на децата и нивните права, за почитување и развивање на нивните личности... А, ме поведе и мене, богами, со целата своја магнетена сила. Сето останато е моја мала, лична, но скапоцена историја...

На детската земја веќе одамна не се чувствувам како вонземјанин, зашто по сета борба да се стаса секаде каде што треба да се подели хуманитарна помош и да се ублажи детската траума (во тоа време особено на децата – бегалци од војната во БиХ), да се пишува за детските судбини (првите билтени се дел од мене) или, пак, да се помага од седиштето на ПРВАТА ДЕТСКА АМБАСАДА ВО СВЕТОТ „МЕЃАШИ“ и оттаму да се „пука“ кон светот со сите расположливи средства на алтруизмот... ме прави вистински сојузник на детскиот народ и верен чувар на нивните права и нивниот мир. И тоа поради наједноставната можна причина: „ништо на светот не вреди колку една детска солза“. Се уште мислам така.

Евридика Шашкова, новинарка