Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Мајка го изгладнувала и го заклучувала детето една година

Скандалозниот случај што го обелодени Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ ја разоткрива семејната драма во која затаила реакцијата на државните институции 

Мајка една година го изгладнувала и го заклучувала детето во домот, не дозволувајќи му да оди на училиште. Во текот на таа година детето живеело во страв и било занемарувано и злоупотребувано. Детската драма се случувала како резултат на едно растурено семејство, каде што грижата за детето ја преземала мајката, иако старателството му било доделено на таткото. Родителот и роднините што го имале правото на грижа за детето побарале помош од центрите за социјална работа и од полицијата за да го одземат детето на негрижливата мајка и да го заштитат. Но, нивните барања и реакции не биле земени предвид. Училиштето во кое било запишано детето правело напори и ги информирало социјалните работници. Тие се обиделе да ја посетат мајката и да утврдат зошто детето не оди во училиште, но нивните обиди биле безуспешни. Мајката или не била дома или не ја отворала вратата.

Ова е последниот случај што бил пријавен на СОС-телефонот за деца и млади при Детската амбасада „Меѓаши“. Тие обвинуваат за недоволна ефикасност, ригидност и неодговорноста на центрите за социјална работа во постапување во најдобар интерес на детето. „Центрите на социјална работа, иако имале информација дека тоа дете живее со насилник, во неможноста да утврдат кој од нив е надлежен да постапува во овој случај, цела година го оставиле детето незаштитено“, реагираат од „Меѓаши“, посочувајќи дека родителот-старател водел долга битка со институциите, за на крај, во почетокот на март да го одземе од поранешната сопруга, со која одамна биле разведени.

Случајот бил откриен по дојава на возрасно лице во Амбасадата  „Меѓаши“, кое го раскажало целиот случај со деветгодишното дете. Според пријавата, родителите на детето веќе подолго време се разведени, а мајката, која нема старателство, не пројавила желба да стапи во контакт со детето. Според „Меѓаши“, тоа првпат се случило лани, кога бил постигнат договор детето една недела да биде и со другиот родител.

„По изминување на договореното време за видување, родителот, кој не е старател, решил детето да остане со него. Иако не е во состојба да се грижи, бидејќи има историја на асоцијално однесување и е долгогодишен корисник на опојни средства, таа цела година не водела грижа за детето, било затворено само дома и гладно, живеело во страв и било запоставувано“, велат од „Меѓаши“.

Според нив, неефикасноста на државните институции, неможноста за утврдување надлежност на центрите за социјална работа го довеле во прашање оптималниот раст и развој на детето. „Прекршени се основните детски права на образование, здравствена заштита, оптимален раст и развој. Детето е истрауматизирано, исплашено од насилството и од негрижата на која било изложено цела година. Една година ова дете и' било препуштено на судбината“, објаснуваат од Детската амбасада. Таткото по долги талкања по институциите и барање да реагираат, сепак, успеал да го добие детето, чиј старател е. Со цел да се избегнат вакви случаи во иднина, а институциите навремено да реагираат и да ги спречат ваквите семејни драми,Детската амбасада  „Меѓаши“ бара центрите за социјална работа да бидат побрзи во утврдување на надлежностите. Според нив, социјалната инспекција треба да има поголем увид во работата на центрите за социјална работа и да се казнуваат одговорните за неефективното работење.

(Д.Т.)
 
http://utrinski.com.mk/?ItemID=177890C17A81394D9C5968B7E2436A4B