Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Душко Арсовски новинар

Кој како сака нека го нарече- интуиција, случајност, тајна врска...Без да размислам дека 29 април е роденденот на мојата ДЕТСКА АМБАСАДА си дадов рок дека до тогаш ќе го пратам мојот текстуален придонес во серијата што ја прават поранешни членови на ова благородно ДВИЖЕЊЕ. Но тоа нема да смени ништо во она што имав намера да го кажам. 19 години постоење се сами по себе доказ дека идејата беше оригинална и одржлива кога се роди МЕЃАШИ. И тогаш кога им помагавме на бегалците од Босна и Херцеговина и сега кога на многу деца од Македонија им треба различен вид на помош мисијата е иста- да се подаде рака кога е најтешко. Тоа Меѓаши го прави 19 години, се чини многу подолго и од некои државни институции. На пример првото седиште на Амбасадата беше во поранешно ЦЕ-КА, каде подоцна се смести извршната власт. Идејата да се помогне беше јадицата на која се закачив кога првпат слушнав за Прва Детска Амбасада во Светот, иако да признам не ми беше многу јасно зошто се вика така. Подоцна сфатив. Кога во Белград го сретнав Мишо Клачар, авторот на симболот „ Бушавко“ , кога на една работилница со Драги Змијанац во Германија бевме меѓу одбрани претставници на невладиниот сектор од Европа, кога не бараа македонските медиуми, кога членството на Меѓаши се зголеми неколкукратно за кус период...сфатив дека ова е ГОЛЕМА работа. Мојот удел во тој период беше токму медиумската промоција на идејата. Првиот авторски телевизиски проект ми беше емисија токму за Првата детска амбасада. Не се бројат настапите на локалните радија и телевизии низ Македонија кога со комбе минувавме по неколку градови во еден ден. Зборувавме за детските права во период кога на големо мнозинство од возрасните во Македонија им се уриваше социјалниот статус што имаше ефект и врз најмладите. Кажувавме кој каде греши и што треба да поправи и мислам дека успеавме да се наметнеме како организација, да кажеме гласно и да не слушнат. Бевме репрезентација подготвена да настапи и на полноќ ако треба. Постоеше тимски дух којшто се градеше несвесно, спонтано и од срце зашто ние бевме активни преку дружбата. Се случија илјадници пријателства од кои некои траат и денеска. Во секое време имавме кворум за работа но и за слободни активности. Ќе го паметам планинарскиот обид со воз до Осломеј, а оттаму пешки до Тајмиште. Но и кога требаше Митко да го испраќаме во војска па една група отидовме до Миравци...дел од нас спиевме на подот зашто бевме повеќе одошто имаше кревети во куќата. Во селото не запаметија како другари од Детска амбасада. Паметам какво доживување беше кога се селевме од улицата „ Чедомир Миндеровиќ“ во училиштето Лазо Трповски.

Денес    многу работи се поинакви од пред 15-тина години. Првата детска амбасада во светот е изградена институција која е активен учесник во креирање на политики кои ги засегаат најмладите. И сметам дека тоа е огромен успех за организација која на почетокот наидуваше на отпор во некои политички кругови. Се намножија други слични движења, но треба да се признае дека идеологот е секако Меѓаши. Долгогодишниот проект, СОС телефонот за деца и млади, стана засолниште за многумина и гласен аларм за негативните појави во општеството и треба да се одржува и во иднина.

Не знам за другите, но за мене Меѓаши е меѓник на две фази од животот кога научив лекции за толеранцијата, за тоа што значи да се помага, како да се создаде круг на искрени пријатели. И за тоа сум благодарен.

Среќен роденден